Забава
Почина Квинси Џонс, познат музички продуцент
Американскиот продуцент, композитор и текстописец Квинси Џонс почина на 91-годишна возраст.
„Вечерва, со полни, но скршени срца, ја споделуваме веста за смртта на нашиот татко и брат, Квинси Џонс. Иако ова е непоправлива загуба за нашето семејство, го славиме неговиот извонреден живот и знаеме дека никогаш нема да има друг како него“, соопшти неговото семејство, пренесува АП.
Неговиот претставник Арнолд Робинсон изјави дека починал во својот дом во Бел Ер, опкружен со семејството.
Џонс беше еден од најпочитуваните американски продуценти и музичари. Неговото најпознато дело, продуцирање на албумот Thriller на Мајкл Џексон од 1982 година, стана еден од најпродаваните албуми на сите времиња, со рекордна глобална продажба и низа хитови кои ја обликуваа поп културата.
Покрај продукцијата на албуми, Џонс соработувал со голем број музички легенди како Френк Синатра, Реј Чарлс, Ела Фицџералд и многу други, што го прави незаменлива фигура во различни жанрови, од џез и R&B до поп. Исто така, Квинси освои вкупно 28 Греми награди.
Неговиот придонес не беше ограничен само на музичката индустрија. Работел на музика за познати проекти како што се сериите Roots и филмот In the Heat of the Night. Неговата работа во филмската индустрија му донесе седум номинации за Оскар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) Нов сингл на Кирил Џајковски и TK Wonder
Најуспешниот македонски електронски изведувач Кирил Џајковски го најави новиот материјал. Неговиот нов албум „Memory Paradox” ќе излезе за неколку месеци под етикетата на издавачката куќа Filter Label и ќе содржи дел од дваесетината нови песни на кои Џајковски работеше со неговите соработници изминатите две години.
Како најава за новиот албум, од денеска на сите дигитални музички сервиси е достапен првиот сингл „Head High”.
Песната претставува уникатен спој на хипхоп и драменбејс, а на неа Џајковски е придружуван од редовната соработничка и миленичка на македонската публика, TK Wonder.
„Head High“ е актуелна, ангажирана песна, која се занимава со универзални теми, како соочувањето со предрасудите, вербата во себе и борбата против нееднаквоста.
Иако досега не беше објавена, „Head High” за кратко време стана една од омилените песни на фестивалските настапи на Џајковски и е секогаш одлично прифатена од публиката. Токму поради тоа е избрана да биде прв сингл од албумот „Memory Paradox“.
Новиот сингл на Кирил Џајковски и TK Wonder, ”Head High”, може да се слушне и преземе од следниов линк
Забава
Нова драма на хоризонтот: Принцот Хари пристигнува, но Кејт и Вилијам ја напуштаат Англија токму тогаш
Принцот Хари би можел да се врати во Велика Британија следната недела на судење во Лондон, оставајќи го својот брат принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт стотици километри оддалечени од британската престолнина во Шкотска.
Војводата од Сасекс треба да отпатува во Лондон за почетокот на судењето против британската издавачка куќа Associated Newspapers, која ги издава „Daily Mail“, „Mail on Sunday“ и порталот „Mailonline“, кое започнува во понеделник, објавува Mirror.
Принцот Хари поднесе тужба против Associated Newspapers за објавување приватни писма и наводно клеветничка содржина во тој медиум.
Неговиот однос со неговите роднини е затегнат, особено со неговиот постар брат Вилијам, и се верува дека двајцата не се слушнале еден со друг повеќе од три години, според весникот.
Последниот пат кога Хари беше во Велика Британија, браќата се избегнуваа еден со друг, извршувајќи задачи на стотици километри оддалеченост.
Сега е потврдено дека принцот Вилијам и Кејт Мидлтон ќе патуваат во Шкотска во вторник, каде што ќе ги посетат британските олимписки и параолимписки тимови за карлинг, пред Зимските олимписки игри и Параолимписките игри.
Како што е најавено, принцот и принцезата од Велс ќе посетат и студио за рачно ткаење и независна добротворна организација во Стирлинг.
Фото: Depositphotos
Забава
Јован Јованов и Елвир Мекиќ со заеднички концерт на 6 јуни во Скопје
Македонските музичари Јован Јованов и Елвир Мекиќ најавија заеднички концерт што ќе се одржи на 6 јуни во арената Борис Трајковски во Скопје.
На концертот ќе настапат и нивни музички пријатели, а публиката ќе има можност да слушне дел од најпознатите песни oд златното време на македонската поп сцена . Во програмата се најавени хитовите „Итно ми требаш“, „Некаде после 2“, „Лоша девојка“, „Опасно“ и „Слаба точка“.
Двајцата музичари ќе ја изведат и заедничката песна „Адреналин“, која беше промовирана кон крајот на 2025 година.
Според организаторите, концертот е замислен како музички времеплов кој ќе ги потсети слушателите на периодот кога овие песни беа дел од секојдневието на македонската сцена. Ќе нема реприза.
Концертот ќе се одржи на 6 јуни во Скопје.
Билетите се во продажба.

