Естрада
Тони Цетински ја продава вилата за 1.250.000 евра, сака помала
Луксузната камена вила со базен во Радетич крај Канфанара во Истра деновиве на многумина им го привлече вниманието во огласниците. Таа е подарок што музичарот Тони Цетински (49) го доби пред 12 години од родителите Мирка и Винко. Сега ја продава за 1.250.000 евра.
„Таа недвижност е од дедо ми, а со текот на годините малку ја реновиравме. На моите родители не им пречи што ја продавам. Мене не ми треба толку многу простор, јас барам помала куќа во Ровињ“, рече Тони. Тој додаде дека во родниот крај планира да остари бидејќи му е најомилено место, а со тоа се сложува и неговата сопруга Дубравка (34).

„Камената вила се продава веќе некое време, така што тоа не е сега објавено затоа што итно ми требаат пари или нешто. Веројатно, огласот е обновен и затоа пишува дека се продава од почетокот на март. Но, во секој случај, тоа е, и ако се најде добар купувач, зошто да не“, рече Цетински.

Луксузната вила има 226 м2 станбена површина, а се состои од простран дневен престој со камин, кујна, трпезарија, три спални, три бањи и гостински тоалет. Вилата ја опкружува уреден простор од 1.136 м2, на кој се наоѓа базен што се загрева и џакузи со тераса за сончање.

Тони во огласот наведува дека предвид доаѓа и замена за имот во Ровињ. Музичарот уште во 2017 година рече дека се заситил од животот во Загреб по цели 25 години.

Цетински во 90-тите години од Ровињ се всели во својот прв стан во Загреб. Сепак, срцето и неговите корени, како што истакна пејачот, го влечат назад на Истра. Со 15 години помладата сопруга сака да живее далеку од урбаната градска врева.

Пејачот и Дубравка се венчаа во почетокот на 2014 година по осуммесечна врска.

Славонката во 2014 година во Ровињ ги тетовира иницијалите на Тони – А.Ц., односно Антони Цетински, што е негово цело име. Истата година и пејачот ја прекри старата тетоважа на венчален прстен на раката, која ја имаше со поранешната сопруга Ивана Нобило, со нова посветена на Дубравка.

Сопружниците Тони и Дубравка неодамна ја прославија петгодишнината од бракот во Ерусалим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Естрада
По нападите врз Чолиќ и Кајмакоски, Хари Мата Хари не стравува: „Нема што да земат од мене, не станав богаташ од оваа работа“
Познатиот пејач Хари Мата Хари наскоро ќе одржи концерт во Белград, а особено се радува што по 10 години објави нова песна. На прес-конференција, тој отворено зборуваше за својата кариера, за колегите од естрадата, но и за актуелната клима на страв по неодамнешните инциденти.
По нападот врз домот на Здравко Чолиќ, кога беше фрлена бомба, и по киднапирањето на Даниел Кајмакоски, дел од музичката сцена изрази загриженост. Но, Хари тврди дека нема причина да се плаши.
„Мислам дека не сум толку важен. Немам обезбедување. Немам што да им дадам, немаат што да земат од мене“, изјави Хари, додавајќи дека е убеден дека не се замерил со никого, пренесе „Пинк“.
„Не станав богаташ од оваа работа, ниту некого премногу го иритирав. Не сум се дружел со погрешни луѓе“, додаде тој.
Естрада
Почина Халид Бешлиќ
На 71 годинa денес во Сараево почина Халид Бешлиќ, еден од најголемите музички великани на просторот на поранешна Југославија. Пејачот ја изгуби битката со тешка болест по кратко боледување, пренесуваат медиумите од Босна и Херцеговина.
Бешлиќ беше хоспитализиран кон крајот на август во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде што беше под постојан надзор на лекарите. И покрај напорите на медицинскиот тим, пејачот почина денеска околу 13 часот.
Со своите безвременски хитови Халид Бешлиќ остави неизбришлив белег на музичката сцена и во срцата на многу генерации.
Роден на 20 ноември 1953 година во Кнежина кај Соколац, Бешлиќ беше симбол на севдахот и емоцијата.
Естрада
На Роби Вилијамс му е дијагностициран Туретов синдром
Музичката ѕвезда Роби Вилијамс откри дека тајно се бори со Туретов синдром. Педесет и едногодишниот пејач вели дека неговите тикови се „наметливи“ и главно внатрешни, но мислите му се толку интензивни што не може да ги замолчи дури ни за време на настап пред десетици илјади обожаватели, пишува „Дејли мејл“.
Вилијамс претходно имал дијагнози за АДХД и посттрауматско стресно нарушување, а се соочувал и со зависности од алкохол и дрога. Неодамна направил и тестирање за аутизам – резултатот бил негативен, но му било укажано дека има „аутистични особини“, вклучувајќи анксиозност кога ја напушта сигурноста на својот кревет.
Во искрен разговор за подкастот ‘I am ADHD! No, you’re not’, пејачот призна дека турнеите и понатаму го плашат, и покрај децениското искуство на распродадени стадиони.
„Што и да е во мене, тоа не разбира“
Говорејќи за најновата дијагноза, Вилијамс изјави: „Штотуку сфатив дека имам Туретов синдром, но не се манифестира надворешно. Би помислиле дека стадион полн со луѓе кои ви даваат љубов би делувал како одвлекување на вниманието, но тоа не е така. Што и да е во мене, тоа не може да разбере.“
Како и шкотскиот пејач Луис Капалди, кој во 2023 година направи пауза поради Туретов синдром, и кај Вилијамс менталното здравје силно влијае врз настапите.
„Имам многу комплициран однос со турнеите и настапите во живо. Луѓето велат: Одеш на турнеја? Сигурно си возбуден. Но не баш, ужаснат сум,“ призна тој.
Добитникот на 18 БРИТ награди рече дека АДХД му бил дијагностициран дури три пати, бидејќи секојпат „заборавал“ на дијагнозата. Првиот пат бил околу 2006 година. „Се почувствував олеснето што конечно имам официјална дијагноза,“ изјави тој.
„Но потоа почувствував уште поголемо олеснување кога добивав по 200 апчиња и мислев дека тие ќе ме поправат, затоа што секогаш барате лек. Барате лек за болеста во вашата глава. Така многу брзо преминав од голтање апчиња до нивно дробење и вшмркување,“ рече Вилијамс.
Денес, вели, е посвесен за своето ментално здравје и постојано ги бара корените на својата нелагодност.
„Кога сум во кревет, тоа е мојата зона на комфор. Се друго надвор од креветот е моја зона на нелагодност. Во дваесеттите беше ужасно, во триесеттите лошо, во четириесеттите почна да се подобрува, сега сум на нагорна линија, но сè уште се чувствувам лошо во сопствената кожа,“ заклучи пејачот.
Туретов синдром е наследно, невролошко нарушување кое се карактеризира со неволни звуци и движења – тикови. Обично започнува во детството, а симптомите можат да вклучуваат често трепкање, гримаси, слегнување со раменици или движење на главата. Состојби како АДХД, опсесивно-компулсивно нарушување и анксиозност често се поврзани со Туретов синдром.

