„Д фестивал“, водечкиот летен фестивал во Македонија, е официјално избран меѓу топ-10 најдобри фестивали во Европа за претстојните Европски фестивалски награди (European Festival Awards 2025), најпрестижното признание на европската фестивалска индустрија.
„По завршувањето на јавниот избор во кој за номинираните фестивали гласаше публиката од цела Европа, нашиот фестивал влезе во потесната листа на 20 најдобри, а потоа, по гласовите на меѓународно жири, составено од водечки експерти од музичката индустрија,’Д фестивал’ се пласира и во финалниот shortlist на најдобрите 10 фестивали во својата категорија – историски успех и огромно признание за македонската независна фестивалска сцена“.
Според европските стандарди за музички фестивали, „Д фестивал“ е во најтесниот избор во категоријата „Најдобар мал европски фестивал“, односно со капацитет 10.000 посетители дневно, а во финалето е заедно со фестивали од Швајцарија, Данска, Италија, Холандија, Романија, Бугарија и Србија.
„Д фестивал“ влегува во финалето со најдобрите во 2025 како единствен настан од Македонија, а во децениската историјата на фестивалските „оскари“ тој е втор македонски фестивал што успеал да се искачи до листата на 10 најдобри по „Таксират“, кој се запиша во оваа селекција со своите изданија во 2016 и 2022 година.
Пласманот, како што велат од организацијата, меѓу најдобрите фестивали во Европа претставува силна меѓународна валидација за долгогодишната посветеност на фестивалот – за уникатниот програмски концепт, продукција, уметничката програма, доживувањето за посетителите и развојот и брендирањето на нови локациски идентитети.
Победниците во секоја категорија ќе бидат објавени на официјалната церемонија на Европските фестивалски награди, што ќе се одржи на 14 јануари 2026 година во Гронинген, Холандија.
„’Д фестивал’, основан во 2011 година, е препознатлив како единствениот open-air фестивал во Македонија, кој се одржува секоја година со тридневна мултидимензионална програма. Фестивал што секоја година гради уникатна фестивалска заедница, посветена на слободниот креативен дух, инклузивноста и одржливите практики.
Годинава, сепак, останува забележана и како една од најтешките во историјата на фестивалот. Неколку месеци пред одржувањето на настанот трагедијата што ни се случи во Кочани остави длабока траума и трага врз целата музичка сцена и заедницата. По трагедијата во Кочани, ‘Д фестивал’ се посвети на хуманитарната мисија откажувајќи се целосно од приходот од влезниците и го донира во соработка со иницијативата Support Кочани. На хуманитарниот ‘Д фестивал’ оваа година во Штип настапија: Д систерс оф мерси, Соулфлај, Инер Сркл, Томи Кеш, Кирил Џајковски, Буч Кесиди, Мизар, Архангел, Фолтин, Прљаво казалиште, Љубојна, С.А.Р.С., Драган Мијалковски, Дина Јашари, Паркети, Пијан Славеј, Доуп Куќата и уште десетици други музички артисти од Македонија.
Следното издание на ‘Д фестивал’ веќе е закажано за 26-28 јуни во Штип, а објавен е и првиот хедлајнер – IDLES – британските панк-рок ѕвезди и моментно еден од најважните live-бендови во светот. Во зенитот на својата кариера пристигнуваат првпат кај нас! Во продажба се и првите влезници „Ран Корморан“, достапни на веб-страницата и на благајните на Мк тикетс“.