Забава
Голферката Спиранак е најсекси жена на светот според магазинот „Максим“ (галерија)

Американската голферка Пејџ Спиранак е прогласена за „Најсекси жена“ на светот во изборот на магазинот „Максим“, заслужувајќи место на насловната страница.
29-годишната Спиранак, која има хрватско потекло, стана славна преку својата Јутјуб страница на која дава „лекции“ по голф, иако немаше голем успех на ЛПГА турнејата, освојувајќи само една титула.
„Навистина голема чест од магазинот ‘Максим’. Не ми се верува. За мене да си секси значи да си удобен во сопствената кожа. Секогаш сакав да останам верна на тоа што сум во мојот невообичаен животен пат“, вели Спиранак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Холивудските сценаристи и студија повторно на средба среде штрајкот

Преговарачите на големите холивудски студија и на истакнати филмски и телевизиски писатели планираат повторно да се сретнат во петок (22 септември), се наведува во соопштението на Здружението на писатели на Америка (WGA).
Двете страни во четвртокот преговараа повеќе од 10 часа, но не успеаја да постигнат договор за ставање крај на повеќемесечниот ќорсокак околу хонорарите и употребата на вештачка интелигенција, објави Си-ен-ен.
Алијансата на филмски и телевизиски продуценти, која преговара во име на холивудските компании и студија, не одговори веднаш на барањето за коментар.
Околу 11.500 членови на Здружението на сценаристи ја напуштија работата во мај, лути од тоа како се променија работните услови во ерата на стриминг-телевизија.
Со цел да помогнат да се постигне договор, на преговорите во средата и четвртокот беа присутни и извршниот директор на „Волт Дизни“ Боб Ајгер, вториот извршен директор на „Нетфликс“ Тед Сарандос, претседателката на „Ен-би-си Јуниверзал стидио груп“ Дона Ленгли и извршниот директор на „Ворнер Брос дискавери“ Дејвид Заслав, според извор близок до студијата.
Забава
Научници на симпозиум ќе дебатираат за влијанието на Тејлор Свифт

Австралија се подготвува да одржи меѓународна академска конференција за влијанието на Тејлор Свифт, објави Би-би-си.
Настанот „Свифтпозиум“ ќе го истражи влијанието на мегаѕвездата врз сè, од музичката индустрија до поп-културата и економијата. Организаторите на тридневниот настан се надеваат дека ќе привлечат научници од целиот азиско-пацифички регион.
Австралискиот универзитет во Мелбурн ќе биде домаќин на Swiftposium 2024 во февруари истата недела кога Свифт ја носи својата рекордна турнеја „Ерас“ во Австралија.
Свифт (33), која стана ѕвезда како тинејџерка, беше во центарот на главните културни моменти и дебати во текот на целата своја кариера. Таа стана еден од најплатените и најнаградувани уметници на сите времиња предизвикувајќи дебати за сè – хонорари за стриминг, авторски музички права, па дури и за мизогинија и култура на бојкот.
Влијанието на нејзината турнеја „Ерас“ е такво што ги сруши веб-страниците за издавање билети… експертите го измислија новиот тренд Swiftonomics („Свифтономија“), а земји како Викторија, Австралија, побрзаа да го реформираат законот за препродажба на билети.
„Таа е вистински феномен“, изјави за Би-би-си организаторката на симпозиумот, Џенифер Бекет, од Универзитетот во Мелбурн.
Иако идејата за настанот почна со полусериозен твит претходно оваа година, таа бргу доби поддршка од седум универзитети во Австралија и Нов Зеланд.
„Тејлор Свифт навистина има многу конкретно влијание на глобално ниво, во работите што нè засегаат сите нас“, рече д-р Бекет посочувајќи на работи како улогата на жените во индустријата, законот за забава, па дури и БДП.
„Светските лидери бараат од неа да ја донесе турнејата ‘Ерас’ во нивната земја поради економските придобивки што ги носи“, додаде таа.
Иако Свифт беше предмет на универзитетски курсеви во САД, ова е првпат да се одржи глобален симпозиум на кој се дискутира за нејзиното влијание.
Организаторите се надеваат дека конференцијата ќе истражи теми, како што се феноменот на нејзините фанови, нејзиниот маркетинг и влијанието на пејачката текстописец врз дебатите за полот, идентитетот и расата.
Добредојдена е и критичката анализа на нејзиниот бренд и влијанието, велат тие.
Организаторите зачуваа празен простор за самата суперѕвезда доколку сака да дојде и да учествува во дебатите.
Забава
Мортон: Хари и Меган се одделија од кралското семејство поради оваа фотографија

Принцот Хари и Меган Маркл решија да се повлечат од своите кралски должности и да се преселат во САД откога Бакингемската палата објави фотографија од наследникот.
„Њујорк пост“ пишува дека, според авторот Ендрју Мортон, војводата и војвотката од Сасекс биле изненадени кога во 2020 година осамна фотографија од сега покојната кралица Елизабета Втора и нејзините наследници, сегашниот крал Чарлс, принцот Вилијам и принцот Џорџ.
Фотографијата е направена во салата на Бакингемската палата. Два дена по објавувањето на фотографијата, Хари и Меган соопштија дека официјално ја напуштаат палатата.
„Двојката се сомневаше дека целата институција заговара против нив. Како што видоа, доказите беа насекаде околу нив. Неизречениот кодекс беше јасен: иднината на монархијата е обезбедена со или без Меган и Хари“, тврди Мортон во својата биографија „Меган: Холивудска принцеза“ (Meghan: A Hollywood Princess).
„По неколку месеци размислување и внатрешни дискусии, решивме да направиме транзиција оваа година и да почнеме со обликување прогресивна нова улога во оваа институција. Имаме намера да се повлечеме како високи членови на кралското семејство и да работиме на тоа да станеме финансиски независни, додека продолжуваме целосно да ја поддржуваме нејзиното височество, кралицата“.
„Со вашето охрабрување, особено во изминатите неколку години, се чувствуваме подготвени да го направиме ова приспособување,“ се наведува во нивната изјава објавена на 8 јануари 2020 година.
Двојката сега живее во Монтесито, Калифорнија, со синот Арчи (4) и ќерката Лилибет (2).