Hitech
Huawei го претстави новиот P Smart 2019 на специјален настан во Скопје
Huawei вчера го претстави својот нов паметен телефон P Smart 2019, кој е веќе достапен и во Македонија. Новиот телефон беше промовиран на специјален настан на кој присуствуваа претставници на медиуми за технологија, бизнис и забава, заедно со популарните гејмери и блогери.
Со демонстрации и интерактивна дискусија беше нагласена важноста на дизајнот, особено на бојата Aurora Blue и големиот дисплеј со FullView од 6,21 инчи, кој е 11 % поголем од својот претходник P Smart 2018, и има способност да покаже 15 % повеќе бои. Тој го поседува сертификатот TÜV Rheinland за заштита на видот бидејќи ја намалува штетната всина светлина. Компактното 3D-овално тело со керамички слој ја дополнува дизајнерската визија за моделот.

P Smart 2019 исто така се покажа одличен во една од најдобрите области на брендот – мобилната фотографија. Телефонот има висококвалитетна камера со двојна слика (13 MP + 2 MP), која има способност да препознае 22 категории слики во над 500 сцени, при што се користени повеќе од 100 милиони фотографии за да се подобри оваа функција. Камерата исто така нуди подобрен уметнички Bokeh-ефект кој корисниците може да го приспособат по снимањето на фотографијата или видеото.

Вештачката интелигенција кај овој модел не е ограничена само на главната камера. Поларната камера со 8 мегапиксели кај P Smart 2019 исто така има паметно препознавање на заднината и режим за убавина, а фотографирањето дури и ноќе не е проблем благодарение на широкиот отвор за f/1,8. Камерата P smart 2019 ќе ги фасцинира потрошувачите со уште еден сет функции – препознавање специфични културни атракции – згради, скулптури, слики и повеќе, информации за калориската вредност на храната што ја внесуваат, па дури и директни сугестии за онлајн-шопинг. Сето ова се должи на фактот дека моделот се базира на најновата верзија на Android 9 Pie и најновиот Huawei EMUI 9 интерфејс. Корисниците може да бидат опуштени и без разлика колку слики и видеа ќе направат, телефонот ќе има место за нив благодарение на вградената меморија од 64 GB и слот за 512 GB меморија.

Интерфејсот EMUI 9, во комбинација со чипсетот на Kirin 710, обезбедува одлични перформанси на паметниот телефон, кој исто така е добро решение за мобилнитe гејмери. Во тестовите на престижни лаборатории, како што се Geekbench, GFXBench, AnTuTu и 3D Mark, P smart 2019 покажува од 70 до 100 % повисоки перформанси од својот претходник. Покрај тоа, технологијата GPU Turbo 2.0 поддржува 5 мобилни игри, со можност за постојано додавање нови. Последно, но не и најмалку важно, со 3.400 mAh батерија, P Smart 2019 никогаш нема да ве остави без поддршка.

(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Hitech
„Нетфликс“ се повлече од купувањето на „Варнер брос Дискавери“
По неколкумесечни преговори, Нетфликс се повлече од понудата за купување на Варнер брос Дискавери, отворајќи му пат на Парамаунт и Скајденс во договор вреден околу 111 милијарди долари, објави Би-Би-Си.
Варнер брос Дискавери, кој е на продажба од минатата година, соопшти дека најновата понуда на Парамаунт е супериорна во однос на онаа на Нетфликс. Раководството на Нетфликс одби да ја зголеми понудата, наведувајќи дека трансакцијата повеќе не е финансиски привлечна по таа цена.
Во декември, Варнер брос Дискавери прифати делумна понуда од Нетфликс во вредност од околу 72 милијарди евра, која вклучуваше купување на филмското и ТВ студио и платформата Ејч-Би-О Макс.
Сепак, Парамаунт поднесе повисока конкурентска понуда, со што се наметна како фаворит. Калифорнискиот државен обвинител Роб Бонта изјави дека договорот сè уште не е конечен и дека регулаторите ќе спроведат темелна истрага.
Доколку биде одобрен, Парамаунт ќе го преземе Ејч-Би-О Макс, како и телевизиските мрежи во сопственост на Варнер брос Дискавери, вклучително и Си-Ен-Ен, што може значително да го промени стриминг и медиумскиот пазар во Холивуд.
Фото: Depositphotos
Hitech
„Епл“ дел од производството го сели од Кина во САД
Американскиот технолошки гигант „Епл“ соопшти дека дел од производството на компјутерот „Мек мини“ ќе го пресели од Азија во Хјустон, САД, а производните линии треба да почнат со работа до крајот на годинава.
Овој потег се надоврзува на најавата од август за инвестиции од 600 милијарди долари во САД во наредните четири години. Во Хјустон е предвиден и центар за обука за напредно производство, а проширувањето, според компанијата, ќе отвори илјадници нови работни места.
Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на „Епл“ со царина од 25 отсто за производи произведени во странство. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот ги пречекорил овластувањата со измената на царините. Трамп потоа најави привремени царини од 10 отсто, со важност до 180 дена.
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, изјави дека компанијата е „цврсто одлучна да ја поддржи иднината на американската индустрија“.
И покрај тоа, најголемиот дел од производството на „Епл“, вклучувајќи ги „ајфон“ и „ајпад“, и натаму се одвива во Азија, претежно во Кина, иако дел е префрлен во Виетнам, Тајланд и Индија.
Hitech
ИТ-секторот пред пресврт: Вештачката интелигенција ќе замени половина од софтверот
Повеќе од половина од постоечкиот деловен софтвер би можел да биде заменет со вештачка интелигенција (ВИ), изјави Артур Менш, директор и основач на компанијата „Мистрал АИ“.
Неговите коментари доаѓаат во време на растечка загриженост кај инвеститорите за иднината на софтверските компании, чии акции во последните месеци бележат пад, објави „Си-Ен-Би-Си“.
Стравувањата дека вештачката интелигенција може да ги преземе функциите на постоечките деловни програми веќе доведоа до распродажба на акции на големи софтверски компании.
Инвеститорите се сè позагрижени дека ВИ може да ги извршува задачите за кои денес се користи деловен софтвер, што би можело да ги загрози бизнис-моделите засновани на софтвер како услуга (СааС).
Вредноста на фондот „Ајшерс експендед тех – софрвер сектор“, кој ги вклучува компании како „Мајкрософт“ и „Сејлсфорс“, паднала за повеќе од 20 проценти годинава. Пад бележат и акциите на големите индиски софтверски компании како „Тата Консултанси Сервисис“ и „Инфосис“.
„Проценувам дека повеќе од половина од она што ИТ-секторот моментално го набавува во форма на СааС ќе премине на вештачка интелигенција“, изјави Менш на маргините на самитот „АИ Импакт“ во Њу Делхи. „Вештачката интелигенција ни овозможува да развиваме софтвер со брзина на светлината“, додаде тој.
Менш објасни дека компаниите, со „соодветна инфраструктура“, можат да ги поврзат своите податоци со ВИ-системи и да создадат апликации за специфични деловни задачи.
„Кај нашите клиенти гледаме дека за само неколку дена можеме да создадеме целосно прилагодени апликации за управување со работни процеси, на пример за набавка или синџири на снабдување. Пред пет години за тоа ви беше потребен специјализиран СааС“, истакна тој.
Според него, во тек е „промена на платформите“, при што компаниите се насочуваат кон користење ВИ наместо постојните СааС-решенија.
„За нас тоа е голема можност, бидејќи повеќе од 100 деловни клиенти веќе ни се јавија со желба да го редизајнираат својот ИТ-систем. Сакаат да се ослободат од решенија купени пред 20 години, кои стануваат прескапи“, рече Менш. „Тие ја гледаат вештачката интелигенција како начин системот да стане поефикасен и поевтин.“
Сепак, Менш нагласи дека софтверот наменет за системи за складирање податоци „нема да се промени“, бидејќи тој е одговорен за податоците во организацијата и често функционира во соработка со ВИ.
Слично мислење има и Бипул Синха, директор на компанијата „Рубрик“, кој за „Си-Ен-Би-Си“ изјави дека „софтверот за работни процеси“ може да биде значително нарушен од ВИ, но дека софтверот за податочна инфраструктура што ја овозможува ВИ ќе има корист.
Менш потврди дека компанијата оваа година планира да отвори прва канцеларија во Индија, со што влегува на пазар каде што за удел се натпреваруваат сите глобални технолошки гиганти.
Мистрал веќе соработува со меѓународни компании присутни во Индија, а сега активно бара клиенти со седиште во земјата, и во јавниот и во приватниот сектор.
За разлика од Европа, каде што гради сопствени центри за податоци, во Индија компанијата ќе воспостави партнерства со фирми кои веќе имаат физичка инфраструктура.
Индиската влада го поттикнува развојот на ВИ-модели што можат да работат локално, со податоци складирани во рамки на земјата. Големите јазични модели на „Мистрал“ веќе поддржуваат повеќе индиски јазици, меѓу кои хинди и панџаби.
„Тоа е нешто што долгорочно ќе биде исклучително важно за индискиот потрошувачки пазар“, заклучи Менш.

