Економија
Групацијата „Трафигура“ го зголеми влогот во проектот за бакар „Иловица – Штука“
Групацијата „Трафигура“ преку својата подружница, инвестициската групација Галена ресоурс еквитис лимитед (Galena Resource Equities Limited) ја зголеми својата инвестиција во проектот за рудник за бакар „Иловица – Штука“ на компанијата „Еуромакс ресоурцес“ за дополнителни 6,9 милиони американски долари. Инвестицијата е направена преку Еуромакс ресоуцес Лтд канадска компанија која котира на берзата во Торонто.
Зголемувањето на своите инвестиции во проектот од страна на „Трафигура“ е охрабрено од поддршката што „Еуромакс“ ја добива од локалното население, како и конструктивните чекори кои македонската Влада ги презема за заедницата, а особено прогресот на интегративниот процес за влез во НАТО, што е силен сигнал за странските инвеститори.
„Трафигура“ има богато искуство со изградба и управување со рудници низ целиот свет. „Трафигура“ направи детална техничка и правна детална анализа на „Еуромакс“ и проектот во изминатите дванаесет месеци и потврди дека проектот „Иловица – Штука“ е усогласен со целата македонска регулатива и е проектиран согласно со најдобрите меѓународни практики за работење, заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
„Еуромакс“ пред повеќе од 1 година донесе одлука за откажување од цијанидот и со тоа е во целосна согласност со неодамна усвоените измени на Законот за минерални суровини.
Трафигура е подготвена да го води проектот „Иловица – Штука“ кон процес на изградба и работење за да ја покаже неговата вредност и придонес за локалната заедница и останатите засегнати страни. Дополнителните финансии ќе се искористат за понатамошен развој на проектот, вклучително и дополнителна техничка работа и активности во процесот на добивање дозволи, што ќе овозможи и почетни вработувања.
„Почетокот на интегративниот процес за влез на земјата во НАТО и напредокот во процесот за влез во ЕУ ја зголемија довербата на инвеститорите во нашиот проект. Овој позитивен сигнал беше засилен и од проактивнoста што Владата ја покажува за проектот ‘Иловица – Штука’. Ние одлучивме да се откажеме од употребата на цијанид, а новите финансии ќе бидат вложени во дополнителна техничка работа на терен и поддршка за локалното население. Кога проектот ќе биде во фаза на работење ќе придонесе за значителен развој на националната економија, особено во регионот каде што е лоциран рудникот. Очекуваме понатамошна заедничка соработка со локалното население”, изјави главниот извршен директор на „Еуромакс ресоурцес“, Варшан Гокул.
Предвидени се 343 милиони евра инвестициja за изградба на проектот и со тоа ќе биде најголемата гринфилд-инвестиција во земјата која ќе донесе значителен поттик за економски раст.
Со приходи од над 180 милијарди американски долари за изминатата 2018 година, „Трафигура“ е една од водечките светски независни трговски и логистички куќи со значајно рударско искуство во срцето на глобалната економија. „Трафигура“ е посветена на исполнување на највисоките стандарди во синџирот за набавки, и секогаш во нејзиното планирање и донесување одлуки на прво место ги поставува здравјето, безбедноста, животната средина и заедницата.
Покрај „Трафигура“, зад структурата на акционери и кредитори на „Еуромакс“ стојат многу други престижни меѓународни институции, како Европската банка за обнова и развој, британскиот инвестициски фонд „Ора капитал“, американскиот инвестициски фонд „Eквинокс партнерс“, „Инвестек банка“ и менаџерски тим и Одбор на директори со повеќе од 200 години заедничко искуство во рударскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
АСО: Владата преку измени на тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, како што се додава, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)