Економија
Почнува реорганизацијата на „Фени индустри“
Собранието на доверители на „Фени индустри“ убедливо гласаше за планот за реорганизација на ГСОЛ/ Еуроникел. Од денеска почнува реорганизација на „Фени индустри“ . Мрачното минато на корупцијата и неплатените работници и доверители е официјално завршено. Започна нова светла иднина. Собранието на доверители го прифати и одобри со огромно мнозинство планот за реорганизација поднесен од ГСОЛ / Еуроникел.
„Денеска е навистина голем ден за ‘Фени индустри’ затоа што дојде до кулминација на процесот што траеше многу месеци. Од првиот ден откако дојдовме во Македонија, кажавме само една работа, дека наша цел е ‘Фени’ да стане најуспешен производител на фероникел во Европа. Денеска е ден за славење, денеска го добивме процесот, денеска е голема победа, за вработените, за иднината на фирмата, за сите. Сакам да им се заблагодарам на вработените на ‘Фени’ затоа што го поддржуваа ‘Фени’ секој ден низ процесот и затоа што работат со нас како инвеститор, како и на целата земјата што нè поддржуваа во намерата да ја спасиме оваа компанија и да создадеме светла иднина за ‘Фени’ и за сите нас“, изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.
Реорганизацијата става крај на неизвесното и лошо управување во минатото и го отвора патот за големи инвестиции, од кои 15 до 20 милиони евра само за реконструкција на втората печка, што ќе придонесе за зголемување на производните капацитети и норми на 19 000 до 21 000 тони никел годишно, како и дополнителни инвестиции во развојот на техничко-технолошки капацитети со цел зголемување на производството. Сето ова ќе доведе до нови вработувања, кои веќе започнаа, зголемување на платите на вработените и дополнителни стимулации.
ГСОЛ, како глобална компанија која е позната и ценета на пазарот на фероникел, има сопствени рударски капацитети и извори за висококвалитетна руда и репроматеријали, што ќе обезбеди дополнителен придонес за зголемување на оперативноста на „Фени индустри“.
ГСОЛ/ Еуроникел досега инвестираше повеќе од 80 милиони евра во „Фени индустри“ и многупати ги потврди своите намери за иднината на фабриката. Инвестицијата од ГСОЛ зочна со договорот за производство на никел, со кој се рестартираше производството. Оттогаш досега се произведени повеќе од 2 500 тони никел, продолжува извозот, а се ангажирани 200 локални компании кои превезуваат од пристаништето Солун и Албанија. Увезени се над 200 000 тони руди од меѓународни рудници на ГСОЛ.
Ова обезбеди доволно ресурси и технички потенцијал за континуирано производство. Во меѓувреме, платите на вработените кои вклучуваат бонуси, од просечни 23 000 денари, се зголемени на 27 000 денари и со понатамошен растечки тренд што следи по зголемувањето на производството.
Сите овие позитивни промени досега и оние што следат ќе го вратат „Фени индустри“ на листата од најголемите преработувачи на фероникел и за повеќе од 800 вработени значат стабилна иднина и сигурно постоење. Повтореното континуирано и непречено работење на комбинатот ќе придонесе за позитивни промени во целиот кавадаречки регион во насока на поттикнување на локалната економија со ангажманот на повеќе од 200 компании, блиски соработници на „Фени индустри“, а ќе придонесе и воопшто за позитивни економски показатели на државно ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.