Економија
За половина од услугите не се издаваат фискални сметки
Во 2016 година повеќе од половина од испитаниците (54%) изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги.
Иако се работи за значителен процент од испитаниците ситуацијата е малку променета од 2014 година кога 55% од испитаниците изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за услуги. Сепак, Македонија има најмал процент на неиздадени фискални сметки за услуги во последните три месеци во споредба со Албанија (65%) и Косово (74%).1
Слично како и во 2014 година и во 2016 година најретко се издаваат фискални сметки за услуги за одржување на домот (17%), услуги за поправки на домот (21%), изнајмување на имот (30%) и занаетчиски услуги (36%). Од друга страна, најчесто и најредовно (85%) се издаваат фискални сметки за професионалните услуги (сметководство, психолог/психијатар, архитектура/дизајн) и за транспортни услуги (75%). Поголемиот степен на даночна дисциплина кај професионалните и транспортните услуги се должи на поголемиот степен на законска регулираност на тие економски гранки и построга и посеопфатна контрола од страна на одговорните институции (УЈП, Финансиска полиција, инспекторати итн.).
Неиздавањето на фискали сметки за извршени услуги е поголем и похроничен проблем од издавањето фискални сметки за стоки и разни добра.
Кога се работи за даночната евазија поврзана со издавањето на фискални сметки за разни стоки и добра имаме непроменета ситуација и во двете години и околу 13% од испитаниците во минатиот месец немаат добиено фискална сметка за козметички производи, околу 17% за облека и обувки и околу 11% за храна и разни намирници. Но даночната дисциплина бележи двојно влошување во категоријата „Алкохол и тутун“ каде што дури на 20% од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец споредено со 12% од испитаниците во 2014 година. Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса.
Охрабрува тоа што според податоците од анкетата граѓаните се посвесни за важноста на плаќањето даноци и почесто се изјаснуваат дека неплаќањето даноци не треба да се толерира. Поточно 71% од испитаниците не се согласуваат дека неплаќањето на даноци треба да се толерира (во споредба со 61% во 2014 г.) и 75% се свесни дека неплатените даноци негативно влијаат на локалната економија (во споредба со 68% во 2014 г.).
Како и повеќето од ЕУ-28 земји, Македонија применува мерки насочени кон непријавената работа и даночната евазија, кои главно се насочени кон репресивни и казнени мерки, со исклучок на некои скорешни мерки за формализирање на работните места и бизнисите. Владата на РМ најпрво треба да размисли за менување на балансот помеѓу постојните казнени мерки (со прогресивни стапки на казнување) и второ, на балансот помеѓу казнените мерки и стимулации. Бизнисите тврдат дека недостасуваат стимулации – поентирајќи дека ова е главната причина за сокривање на економската активност. Зајакнато со превентивни мерки, како што се зголемен и подобро насочен продор и едукативни мерки кон главните ризични групи, може да се поврати балансот во корист на зголемено формализирање на економијата.
Во текот на мај/јуни 2016 година, Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП), спроведе теренска анкета на репрезентативен примерок од 1.097 испитаници на територијата на Република Македонија со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности денес и да ги спореди со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 година./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.