Македонија
Eurowings од октомври ќе почне со летови од Скопје до Минхен
ТАВ Македонија најавува дека германската нискобуџетна авиокомпанија Eurowings, дел од групацијата Lufthansa, ќе почне да лета на релација Скопје-Минхен од 31-ви Октомври 2017-та, поврзувајќи ги патниците од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје до аеродромот „Франц Јозеф Штраус“ во Минхен – главниот аеродром во овој германски град.
Авиокомпанијата ќе оперира на оваа линија два пати неделно во вторник и петок со воздухоплов од типот Airbus A320-200, со капацитет од 174 седишта. Како што информираат од Eurowings, продажбата на билети за дестинацијата Скопје – Минхен почна на 15-ти март и е отворена на интернет, на веб-страницата на авиокомпанијата: www.eurowings.com.
„На наше големо задоволство денеска објавуваме отворање на уште една нова рута од аеродромот „Александар Велики“’ во Скопје, а истовремено и влез на уште една нискобуџетна авиокомпанија на македонскиот пазар. Eurowings ќе почне со летови на линијата Скопје – Минхен од 31-ви октомври оваа година обезбедувајќи им на патниците директна врска со главниот аеродром во Минхен. Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со овој германски град, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на кодшер договорот меѓу Луфтханза и компанијата-ќерка Eurowings. Оваа линија е директен доказ за успешното завршување на преговорите кои ги имавме со авиокомпанијата во изминатиот период и се надеваме дека ова е само почеток на нашата успешна соработка како и на инвестициите на Eurowings во Македонија“, изјави Алп Ер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Минатиот месец аеродромскиот оператор по состанокот со претставниците на Еуровингс, најави можност за воведување на нови авиолинии од Скопје до Германија, објаснувајќи дека е во процес на преговори со авиокомпанијата, и нагласувајќи дека ТАВ Македонија константно презема слични маркетиншки активности и има состаноци и преговори со авиокомпании и тур-оператори. Директен резултат на ваквите и слични активности, се новите летови кои ќе почнат оваа летна сезона од Охрид до полските градови Варшава и Катовице, како и влезот на најголемиот европски тур-оператор Томас Кук на македонскиот пазар, што се случи минатата 2016 година, благодарение на ТАВ, кога почнаа летовите на релација Брисел-Охрид.
„Со задоволство ја најавуваме нашата прва дестинација во Македонија – Скопје, и новата линија до Минхен. Оваа нова линија од Скопје до Минхен ќе оперира два пати неделно, секој вторник и секој петок, почнувајќи од 31-ви oктомври годинава. Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации, и очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина“, изјави Иван Ореч, директор за развој на мрежата на линии на Еуровингс.
Еуровингс со седиште во Келн е дел од групацијата Луфтханза и се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 150 дестинации во над 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации за одморање. Нивните авиони сообраќаат и во повеќе земји од регионот, како Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Србија, Турција.
ТАВ Македонија ги заврши првите два месеци од 2017 годија со зголемување на бројот на патници од 9 отсто, достигнувајќи 238.180 патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Минатата 2016 година ја заврши со 1,8 милион патници на двата аеродрома, при што порастот на годишно ниво е 15 проценти, додека истовремено бројот на летови беше 16.883, со зголемување од 8,9 отсто./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.