Македонија
ЕБОР и одобри на Македонија 305 млн. евра за инфраструктурни проекти

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и одобри на Република Македонија средства во вкупен износ од 305 милиони евра и тоа: 145 милиони евра за втората фаза од железничката пруга кон Бугарија, односно Бељаковце – Крива Паланка и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта.
Средствата се добиени под исклучително поволни услови (условите се исти за двата кредита): рок на отплата 15 години со грејс период од 4 години и каматна стапка која во моментов изнесува 1,15% (6 – месечен ЕУРИБОР плус 1%), соопшти во средата министерстото за финансии.
Притоа се наведува дека со 145-те милиони евра кои ги одобри ЕБОР за изградба и реконструкција на постоечките делови од железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка, обезбедени се сите потребни средства за да се заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Бугарија . Со изградбата на оваа делница ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите и зголемување на бруто домашниот производ.
За квалитетна подготовка на втората фаза ЕБОР преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан на Македонија ии додели грант во износ од 5.700.000 евра за изработка на основниот проект и покривање на дел од трошоците за надзор на градежните работи. Дополнително, ЕБОР ќе обезбеди грант средства во износ од 670.000 евра за консултантска помош за имплементација на проектот.
За Делницата 3 од Коридорот VIII: Крива Паланка – граница со Република Бугарија средствата ќе се обезбедат по завршување на сите подготвителни активности за оваа делница. Финансирањето ќе се обезбеди со грант од ИПА 2014-2020 и заем од меѓународни финансиски институции.
Покрај ова, ЕБОР одобри и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта. Овој проект е дел од политиката на Владата за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија. Проектот ќе го имплементира ЈП за државни патишта.
Реализацијата на Програмата за национални патишта ќе биде поделена во две транши.
Првата транша во износ од 74 милиони евра ќе се користи за изградба на експресен пат, делница мост на р. Раец – клучка Дреново и за реконструкција на патниот правец Штип-Кочани на ниво на експресен пат. Со реконструкцијата на постојаниот пат Штип-Кочани на ниво на експресен пат, постојаните проблеми ќе бидат решени, а брзината на движење од сегашните 50(60) км/час ќе се зголеми на 100 км/час. Ќе се изврши реконструкција и проширување на постојаната ширина на коловозот од 6,5 м на 12 м во должина од 26 км. Трасата започнува од Штип потоа продолжува меѓу населените места Чардаклија, Долни Балаван, Крупиште, Чифлик, Облешево и завршува во Кочани. Експресниот пат ќе биде од големо значање за економскиот развој на Источна Македонија, а особено за развој на земјоделието.
Втората транша во износ од 86 милиони евра ќе се намени за изградба на патните правци: експресен пат Охрид-Пештани и автопат Струга –Требеништа. Изградбата на новиот експресен пат Охрид – Пештани во должина од 14,5 км ќе се гради паралелно на постојаниот пат покрај плажите, а во понатамошниот период ќе биде меѓусебно поврзан со попречни локални патишта. Со изградба на оваа делница на ниво на експресен пат ќе се олесни протокот на сообраќајот низ населените места особено во летните месеци од годината. Автопатската делница Требениште – Струга е со должина од 8,5 км. Автопатското решение предвидува изградба на нова делница со коловоз од по 2 ленти со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м во секој правец. Проектна брзина за движење на возилата ќе биде 120(130) км/час.
По усвојување на Предлог законите за овие заеми ќе се склучат договори меѓу Република Македонија и ЕБОР и „Македонски железници“, односно ЈП Патишта.
Овие 305 милиони евра инвестиции во инфраструктурни проекти значат нови работни места, значат работа за македонските фирми, значат економски развој на земјава. Европската банка за обнова и развој со овие средства дава поддршка на политиките на јавни инвестиции кои ги спроведува македонската Влада, стои во соопштението на министерството за финансии./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.