Македонија
Советот на странски инвеститори објави „Белата книга“ – Македонија атрактивна за инвестирање

Условите за деловно работење во Македонија се подобруваат, земјата и годинава повторно е меѓу најдобрите во регионот, атрактивна е за инвестиции и прави крупни промени во инфраструктурата, енергетиката, здравствениот систем… Ова е оценката содржана во првата „Бела книга“, на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
Во „Белата книга“, која беше промовирана во вторникот, опфатени се ставови, предлози и сугестии на вкупно 110 странски компании присутни во Македонија.
Претседателот на Советот Хуан Педро Наваро, претставувајќи ја „Белата книга“, истакна: „Минатата и претходните години е сторено многу на економски план. Сепак, останува да се поработи на петте клучни предизвици – поголема предвидливост на генералните цели на државата на економски план во однос на деловното опкружување, поефикасна администрација, помал потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем со цел обезбедување што повеќе соодветен стручен кадар“.
Притоа, Наваро ја охрабри Владата да продолжи со привлекување странски инвеститори, зашто тоа е една, како што нагласи, од нејзините најуспешни политики.
Според претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, 2014 беше една од најплодните години на инвестициски план.
„Треба да се поддржат и поздрават напорите на Владата која вложи импресивна енергија за овој процес да успее“, рече Азески.
Според него, странските вложувачи се застапени во сите региони, што е особено битно за рамномерен економски развој, а нивната соработка со домашните фирми се зголемува. За бизнисот, потенцира Азески, не постојат мали и големи, странски и домашни компании. Тој мит полека се разобличува.
Изготвувањето на „Белата книга“ беше поздравено и од министерот за економија Беким Незири.
„Направивме многу за да го олесниме бизнисот. Благодарение на соработката со компаниите, 2014 е една од најуспешните за странските инвеститори кои веќе влегоа во Македонија или најавија нивно доаѓање тука“, рече Незири.
Според него, спроведените реформи дадоа конкретен резултат. Само во слободните индустриски зони моментно работат 3.500 лица, а допрва се очекува и отворање нови работни места, а податоците говорат и за пораст на извозот, кој само за една година се зголемил за 54 отсто во слободните зони, односно во 2014 година во странство пласирани се стоки во вредност од 1,7 милијарди евра.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски нагласи дека со „Белата книга“ само се потврдува одличната соработка меѓу власта и бизнисот.
„Книгата е основа за натамошен развој на економската политика, но воедно и ќе им ја олесни одлуката на странските компании да дојдат во Македонија, согледувајќи ги искуствата на своите колеги“, истакна Пешевски.
И покрај сето она што е реализирано досега на деловен план, претстои уште многу работа. смета вицепремиерот.
„Белата книга“ ќе се издава секоја година, не само како видување за актуелните економски состојби во земјата, туку и како коректор или предлагач на она што евентуално може повеќе да се стори за подобрување на деловната клима.
На промоцијата присуствуваа и гувернерот на Народната банка Димитар Богов, како и директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), Виктор Мизо. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Трговијата во индустријата е зголемена за 13-14 отсто во јули, споредено со истиот месец лани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека економијата се опоравува и какви се макроекономските показатели во индустријата, изјави:
„Државниот завод за статистика објави параметар вчера, во којшто вели дека трговијата во индустријата е зголемена за 13-14% во јули, споредено со истиот месец претходната година. И тоа е тренд кој што нѐ следи цела година, но она кое што за мене е забележливо, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размена со странство е дури и повеќе зголемена, отколку трговијата во индустријата дома.
Кога зборувам повеќе надвор, зборувам за повеќе од 15% и тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку силна, зголемена трговија во индустријата. И тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот квартал 3,4 иако номиналниот е 7,8. Очекувам во третиот и четвртиот квартал тој раст да продолжи до крајот на годината. Така што ова се сѐ индикатори коишто ние со години наназад, не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а камо ли пак да ги коментираме.“
Економија
Дурмиши на „Бизнис Лидер“: Владата и стопанството се партнери во градење на модерна и одржлива економија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати како почесен гостин на најголемата бизнис конференција во земјава – „Бизнис Лидер“, која ги обединува најуспешните претприемачи, визионери и компании што ја движат македонската економија напред.
Во своето обраќање, министерот истакна дека оваа конференција претставува симбол на волјата, капацитетот и одговорноста за зајакнување на темелите на економијата и за создавање подобра иднина за граѓаните.
„Нашата визија е јасна – Македонија да стане зелена, дигитална и иновативна економија, со силно претприемништво и со култура на иновации во секоја компанија. Само преку партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор можеме да обезбедиме стабилен раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани“, рече Дурмиши.
Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.