Македонија
Владината делегација учествуваше на бизнис форум во турскиот град Ескишехир
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во вторникот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во турскиот град Ескишехир, каде ги преставија поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација во вторникот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во турскиот град Ескишехир, каде ги преставија поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Турција (ТАББ) и Стопанската комора на Ескишехир, и на кој присуствуваа претставници на компании од областа на високо технолошката индустрија, железничката и машинска индустрија, како и од прехранбената индустрија.
Груевски во своето обраќање посочи дека овие денови владината делегација посетува 5 градови кои се економски центри на Турција со цел преставување на инвестициските можности пред турските инвеститори.
„Ние сме влада која е во постојан контакт со бизнисот, со стопанските комори, со компаниите. Ние секојдневно комуницираме и ги слушаме нивните барања. Ги анализираме и огромен дел од нив ги прифаќаме и спроведуваме. Така и планираме да продолжиме”, изјави Груевски во своето обраќање.
Тој истакна дека реформите кои се спроведуваат во полето на економијата даваат резултати и тие се препознаени од многу реномирани институции, како Светската банка, ММФ, Фич и други.
„На листата за конкурентност на Давос, за само една година Македонија има раст за 10 места, а минатата година во однос на таа пред неа имаше раст за 8 места. Што значи за две години на листата за конкурентност на Давос Македонија порасна за 18 места. Нема друга држава која направила таков скок за толку кратко време, иако има уште многу да сработиме во тој правец, на што ние како влада сме фокусирани”, изјави Груевски.
Груевски истакна дека во Македонија има значајни вложувања во образованието.
„Се преземаа повеќе суштински реформи за подобрување на процесот на образование меѓу кои е изучување на англискиот јазик во основното образование уште од прво одделение, се спроведоа инвестиции во насока на јакнење на ИТ вештините, обезбедување на компјутер за секое дете, како и намалување на цената за партиципација за студирање“, рече Груевски.
Тој посочи дека се вложува и во самиот квалитет на образование за што се реализира проект за превод на 1000 книги и учебници кои доаѓаат од 10 прво рангирани универзитети во светот од кои сега изучуваат и македонските студенти. Се донесе и закон за поттикнување на инвестициите, и се формира Фонд за иновации што треба да го стимулира иноваторството кое е моторот за секоја економија.
„Се отворија нови универзитети и нови дисперзирани студии со што образованието стана достапно за поголем број на млади луѓе”, изјави Груевски.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Фуркан Чако во своето обраќање пред присутните истакна дека односите со Турција се исклучително пријателски, што е добра основа за продлабочена економска соработка.
„Имаме прилика да разговараме со различни претставници на бизнисот и стопанственици кои се заинтересирани за инвестирање во странство, вклучително и Република Македонија. Ние сме постојано достапни за странските инвеститори и постојано спроведуваме реформи на тој план,” изјави министерот Чако.
Сопственикот на фирмата „Смирна Парс“, Ридван Уретен која во Македонија започна со инвестирање во областа на земјоделието изјави дека тие одлучиле да инвестираат во Македонија поради условите кои ги нуди македонската Влада.
„Ние бевме многу добро пречекани и добивме добри информации од владините институции. За нас Македонија е стратешко место бидејќи оттаму многу полесно и побрзо стигаме во Европа и можеме да ги пласираме на европскиот пазар”, изјави Уретен.
Тој објави дека освен првичната инвестиција поради добрите услови и резултати за водење на бизнис компанијата планира ново проширување.
„Нашата прва инвестиција во Македонија е во Битола, сега планираме купување на земјиште во Могила и Новаци, а после тоа да се прошириме и во Росоман. За цел имаме создавање на нови садници со земјоделски производи и изградба на откупно дистрибутивни центри. Ова е инвестиција во земјоделието” изјави Уретен .
Тој упати и порака до останатите инвеститори во Турција, уверувајќи дека откако ќе ги видат условите кои ги нуди владата ќе има многу турски инвеститори кои ќе инвестираат во Македонија.
Претседателот на Стопанската комора на Ескишехир, Саваш Озајдемир во своето обраќање пред присутните на форумот изјави дека му преставува задоволство што има можност да биде домаќин на ваков бизнис настан кој е од значење за остварувањето на контакти и јакнење на меѓусебните врски. Тој истакна дека Стопанската комора на Ескишехир поседува потенцијал кој може да се искористи. Економијата на Ескишехир опфаќа производи за авионската индустрија, како и железничката, прехранбената и автомобилската индустрија кон која се има посебен фокус, посочи Озајдемир.
„Во комората се присутни 790 членови. Нашата намера е во наредните години да го зголемиме бројот на членови на Комората над 1000 големи компании, и зголемување за речиси три пати на постоечкиот извоз. Се надевам додека работиме на остварување на овие цели, ќе се зацврснат нашите врски и ќе се зголеми соработката во економијата со Република Македонија”, порача Озајдемир./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап дизел
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 % во однос на одлуката од 16.12.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,841%, кај дизелот има зголемување за 1,628%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 1,794% и кај мазутот намалувањето е за 0,485%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5411%.
Од 24.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,823 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,058 ден/кг и сега ќе изнесува 45,823 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.12.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Уште два дена за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ – 04 пријави, дека рокот за поднесување на истите истекува во среда на 25 декември 2024 година. До денес, од вкупно 7.397 очекувани ДДВ 04 пријави, поднесени се само 1.831 пријава, што претставува само 24,75% од вкупниот број.
Остануваат уште 5.566 ДДВ- 04 пријави кои треба да се поднесат во преостанатите два дена.
Според податоците, најголем процент на поднесени ДДВ- 04 пријави е забележан во РД Тетово, додека најмалиот процент се забележува во РД Битола.
„Не го одложувајте процесот! Поднесете ги вашите ДДВ – 04 пријави на време и избегнете непотребен стрес или санкции. Покажете одговорност и усогласеност во вашето деловно работење и бидете пример за одговорни даночни обврзници. Уште денес, поднесете ги сите потребни документи до вашите сметководители со цел навремено изготвување на ДДВ – 04 пријавите и доставување во рокот“, велат од УЈП.
За дополнителни информации или поддршка, може да се обратите во Контакт центарот на:
Е-пошта: [email protected]
Телефонски броеви:
📞 Од фиксна линија: 0800 33 000
📞 Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Финтек-иднината пристигна: MINT Fintech Group со нова апликација и ребрендирање
MINT Fintech Group, еден од лидерите во финтек секторот во Македонија, вчера во Офицерски дом во Битола, свечено го прослави својот 8-годишен јубилеј.
Настанот, кој обедини водечки личности од деловниот и светот на финансиите, беше посветен на ребрендирањето на компанијата и премиерата на нејзината револуционерна мобилна апликација.
Новата апликација на MINT Fintech Group, нуди интегрирано решение кое ги обединува најважните финансиски услуги, како што се плаќања, осигурување, програми за лојалност, туристички услуги и менувачки курсеви, сето тоа на едно место. Со својата едноставност и современ дизајн, апликацијата овозможува максимално корисничко искуство и транспарентност.
На настанот се обрати генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски, кој ја истакна важноста на оваа нова фаза за компанијата:
„Со ова ребрендирање и лансирање на апликацијата, ние не само што воведуваме нова технологија, туку создаваме екосистем кој ќе ги редефинира финансиските услуги во Македонија. Нашата цел е да бидеме партнери на клиентите во секој аспект од нивните финансиски потреби, нудејќи им безбедност, удобност и брзина како никогаш досега.“
На свеченоста беа претставени клучните предности на апликацијата и персонализирани понуди за корисниците. Посетителите имаа можност да погледнат и изложба „Патот на парите, од праисторијата до денес” и да ги истражат временските епохи од првите монети до апликацијата.
За MINT Fintech Group
Основана пред осум години, MINT Fintech Group стана симбол на иновации во финансискиот сектор во земјата. Со тим од посветени професионалци и модерна технолошка платформа, компанијата продолжува да воведува нови стандарди на пазарот, поставувајќи ја основата за финансиските услуги на иднината.
(ПР)