Македонија
МОСТ досега нотирал низа нерегуларности во кампањата

Случаи на неодвојување на државата од партијата, притисоци врз јавните службеници и за осигурување гласачи, како и злоупотреба на јавните ресурси, се нерегуларностите кои во периодот од 15-ти октомври до 20-ти ноември, ги регистрирале активистите на Граѓанската асоцијација МОСТ ги набљудува изборите од самото нивно распишување, беше соопштено на прес-конференцијата во петокот.
Иницијативата МОСТ го следи изборниот процес со 80 долгорочни набљудувачи кои го распоредени во сите општини низ државата. Набљудувањето во овој период ги опфатило активностите на институциите на централно и локално ниво, активностите на политичките партии, како и работата на изборните органи.
Во споменатиот извештај биле добиени 2.025 извештаи, и притоа се забележани се нерегуларности, како непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, односно 43 случаи во 26 општини, односно присуство на функционери и вработени во јавниот сектор на партиски настани во работното време и промовирање на политичари или политички партии на настани организирани од јавни институции;
Натаму забележани се притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија, во 41 случај во 26 општини. Владејачка партија, притоа не беше прецизирано која, во извештајот е обвинета и дека врши притисоци за гласање или обезбедување гласачи во нејзина полза, седум случаи во пет општини.
Злоупотреба на јавни ресурси, пак, односно употреба на службени возила за партиски цели е регистрирано во седум случаи во шест општини.
„Исто така, загрижуваат случаите на противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори. Имено, регистриран е случај на започнување со изградба на објект финансиран со јавни средства и девет случаи на одржување на јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства. Според член 8-а од Изборниот законик, од денот на распишувањето на изборите до изборот на Владата на Република Македонија не може да се започне изградба на објекти финансирани со јавни средства кои не се предвидени со програма. Во периодот од 20 дена пред започнувањето на изборната кампања па до изборот на Владата на Република Македонија не може да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства“, рече Дарко Алексовски.
Притоа беше посочено дека овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, според Кривичниот законик за нив е предвидена казна затвор во траење од 6 месеци до една година.
Сите јавно достапни докази кои Граѓанската асоцијација МОСТ ги поседува за овие случаи, по завршувањето на прес-конференцијата ќе бидат доставени до Комисијата за следење на изборни нерегуларности која беше формирана од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија, за натамошно постапување, додаде Алексовски.
Претставниците на МОСТ рекоа дека тие не се против изградба на објекти и подобрување на животот на граѓаните, но силно се противат на прекршувањето на Изборниот законик и бара обезбедување на фер и рамноправни услови за сите учесници во изборниот процес.
Во продолжение беше посочено дека е забележан тренд на користење општински сали, домови за култура и други јавни установи за одржување на партиски состаноци и собири. Укажуваме дека доколку за оваа услуга не е испорачана фактура, тоа претставува прекршување на член 20 од Законот за финансирање на политички партии каде што експлицитно е наведено дека јавни установи не може да донираат за политички партии, а како донација се смета и бесплатното давање на услуги.
Што се однесува до работата на изборната администрација, МОСТ го набљудувал дополнувањето на составот на избирачките одбори од страна на општинските изборни комисии, при што кај 13 од 25 набљудувани комисии е забележано непочитување на принципот на случаен избор на членовите на Избирачките одбори. Притоа потсетија дека ваквата била регистрирани и на изборите во 2013 година. Исто така забележано е дека дел од Општинските изборни комисии не беа доволно обучени за начинот на избор на членовите на избирачките одбори, како и за ракување со софтверот.
На една од седниците на ДИК се расправаше за проблеми со изборниот материјал од претходните избори, односно отсуство на печати од одреден број избирачки места и општински изборни комисии. Дел од нив воопшто не ни биле предадени на ДИК.
Во таа смисла, од МОСТ апелираа до ДИК добро да го истражи случајот и да утврди точно колку печати недостигаат и за кои избирачки места или општински изборни комисии се однесуваат. Потоа, да поведе соодветни постапки против лицата кои несоодветно го чувале изборниот материјал, особено имајќи предвид дека поради овој случај ДИК донесе одлука да набави нови печати за сите избирачки места.
Од оваа невладина организација, исто така, сметаат дека е позитивно е тоа што ДИК донесе ново Упатство за важечко и неважечко ливче, со кое само заокружувањето ќе се смета за важечки начин на обележување, а останатите начини на обележување ќе се сметаат за неважечки.
Како позитивно беше нотирано и тоа што ДИК објави податоци за Избирачкиот список пред, во текот и по завршувањето на јавниот увид, што овозможи да се следат промените на бројот на избирачи по општини. Дополнително, ДИК објавуваше податоци на дневна основа и за бројот на пријавени гласачи за гласањето во странство.
Во извештајот на МОСТ претставен во петокот се констатира и дека во Избирачкиот список не беа запишани 28.341 избирач со неконзистентни запис, што е првпат да се спроведе ваква постапка. Овие избирачи не го искористија периодот на јавен увид за да се пријават во подрачните канцеларии на ДИК.
Сепак, сé уште постојат неконзистентни записи во Избирачкиот список коишто се резултат на долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на истиот. Фактот што околу 170.000 избирачи за кои ДИК претпоставува дека престојуваат во странство се префрлени на посебниот извод од Избирачкиот список со граѓани кои престојуваат во странство, сметат во МОСТ, ќе придонел кон поголема транспрентност и контрола на спроведувањето на гласањето.
На крајот, како што беше речено, како и на секои избори, така и на овие, има случаи на предвремено започнување на изборната кампања, што упатува на заклучокот дека по завршувањето на изборите сериозно треба да се разгледаат долгогодишните препораки на МОСТ за регулирање на ова прашање./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
Македонија
„Соопштението кое го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови“, реагира ЗНАМ

„Соопштението кое денеска го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови кои повеќе зборуваат за нивната состојба отколку за Движењето ЗНАМ или за претседателот Максим Димитриевски“, реагира ЗНАМ.
„Прво, нема никаков корупциски скандал поврзан со Димитриевски или со ЗНАМ. Тоа се фабрикувани лаги, пуштени од кујната на партија која очигледно веќе одамна нема допир со реалноста ниту поддршка од народот. Димитриевски останува отворен и доследен борец против корупцијата, без разлика дали таа доаѓа од СДСМ или било која друга партија.
Второ, ЗНАМ не е ничија алатка, ниту нечија продолжена рака. ЗНАМ е граѓанско-политичко движење израснато од незадоволството на народот од токму вакви, арогантни и криминализирани структури како што е актуелното раководство на СДСМ. Вашата потреба да не нарекувате „неавтентични“ само зборува колку ве боли фактот што вистинската поддршка на терен се прелева кај нас.
Трето, тврдењата дека членови се враќале назад во СДСМ се најобична измислица. Никој не сака да се врати во потонат брод, во партија која ја изгуби секоја допирна точка со реалноста и граѓаните. Единствените што ве напуштаат сте вие, господа од СДСМ, бидејќи веќе никој не сака да биде дел од вашата срамна историја.
На крај, да ве потсетиме – токму ваквото ниско ниво на политичка комуникација, полуписменоста што ја споменувате и криминалот против кој се бориме, се синоними за вашето владеење. Народот ве прочита и ви го покажа тоа на изборите“, се вели во реакцијата на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на денешното соопштение на СДСМ.
Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.