Македонија
Судии од Основниот суд Скопје 1 Скопје реагираат против претседателот на судот Панчевски

Петнаесетина судии од Основниот суд Скопје 1 Скопје се обратија со писмо во вторникот до Судскиот совет, обвинувајќи за наводна злоупотреба на судот од страна на претседателот на судот Владимир Панчевски.
Тие на Панчевки му пратија порака дека Основниот суд Скопје 1 Скопје не е приватен суд на Панчевски, туку дека истиот е во функција на граѓаните, поради што судот не смее Панчевски да го користи за лична пресметка со колегите.
Имено судиите со Известување до Судскиот совет и до Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, побараа према Панчевски да бидат превземени соодветни мерки за таквото негово постапување, имајки ја предвид должноста на Претседателот на судот да истиот при давањето на информации за јавноста да внимава да не се наруши угледот, честа и достоинството на личноста.
Панчевски на веб сајтот на Основниот суд Скопје 1 Скопје, но и по повеке медиуми, јавно објави дека поднесува кривична пријава против судијата Иван Џолев, кое нешто е спротивно на чл.97 ст.3 од Законот за судовите, за кое нешто Панчевски треба да сноси одговорност.
Следи интегрално текстот од писмото на судиите кое до добир а1он.мк:
„Ние долупотпишаните судии на Основен суд Скопје 1 Скопје, во име на независното судство и судскиот морал и етика, се чувствуваме повикани да Претседателот на Судскиот совет на РМ и сите членови, ве известиме за следното:
Како колеги на судијата М-р Владимир Панчевски – во моментот Претседател на судот и на судијата Иван Џолев, навистина сме изненадени од последното известување објавено на официјалниот сајт на Основен суд Скопје 1 Скопје на ден 10.11.2016 година, каде во делот на соопштенија за јавноста, судијата Владимир Панчевски како Претседател на судот информира за свои лични постапувања и ставови за одреден судија, при тоа крајно непочитувајќи го неговиот интегритет како судија. За ова тој го користи официјалниот веб сајт на судот.
Се оградуваме од наведеното, имајќи ја предвид судската етика и морал, а воедно и почитувањето на тајноста и заштитата на интегритетот за било каква поведена постапка према судија.
Со оглед да во судот односите помеѓу колегите се крајно нарушени, засегнати сме сите ние со наведеното известување, бидејќи може тоа да биде било кој од нас, кој во моментот не се согласува со сегашниот Претседател, со почит према неговата функција.
Сметаме дека е недозволиво да официјалниот сајт на судот биде користен за објава на лични преписки и ставови на Претседателот, при тоа користејќи ја таа функција од аспект на сила и моќ.
Во таа насока се обраќаме до сите вас како надлежен орган да согласно вашите законски овластувања превземете соодветни мерки према Претседетелот.
Исто така, ја користиме оваа прилика и да се оградиме од сите известувања објавувани на официјалниот сајт на нашиот суд, за кои не сме биле претходно прашани, ниту сме заземале некаков став, а се однесувале за судиите на Основен суд Скопје 1 Скопје и биле официјално објавено на сајтот. Ова затоа што судот е на сите судии кои се легитимно избрани во истиот, а не сопственост на Претседателот и неколку судии околу него.
Ви се обраќаме во оваа насока лично до сите вас и бараме заштита од сите вас сега и за во иднина, со оглед да пред се сите вие претставувате тело – орган за заштита на судиите кои постапуваат согласно закон и заштита на нивниот интегритет и независност.
По однос објавениот натпис на сајтот очекуваме да превземете соодветни мерки према Претседателот“./крај/мф.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
Македонија
„Соопштението кое го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови“, реагира ЗНАМ

„Соопштението кое денеска го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови кои повеќе зборуваат за нивната состојба отколку за Движењето ЗНАМ или за претседателот Максим Димитриевски“, реагира ЗНАМ.
„Прво, нема никаков корупциски скандал поврзан со Димитриевски или со ЗНАМ. Тоа се фабрикувани лаги, пуштени од кујната на партија која очигледно веќе одамна нема допир со реалноста ниту поддршка од народот. Димитриевски останува отворен и доследен борец против корупцијата, без разлика дали таа доаѓа од СДСМ или било која друга партија.
Второ, ЗНАМ не е ничија алатка, ниту нечија продолжена рака. ЗНАМ е граѓанско-политичко движење израснато од незадоволството на народот од токму вакви, арогантни и криминализирани структури како што е актуелното раководство на СДСМ. Вашата потреба да не нарекувате „неавтентични“ само зборува колку ве боли фактот што вистинската поддршка на терен се прелева кај нас.
Трето, тврдењата дека членови се враќале назад во СДСМ се најобична измислица. Никој не сака да се врати во потонат брод, во партија која ја изгуби секоја допирна точка со реалноста и граѓаните. Единствените што ве напуштаат сте вие, господа од СДСМ, бидејќи веќе никој не сака да биде дел од вашата срамна историја.
На крај, да ве потсетиме – токму ваквото ниско ниво на политичка комуникација, полуписменоста што ја споменувате и криминалот против кој се бориме, се синоними за вашето владеење. Народот ве прочита и ви го покажа тоа на изборите“, се вели во реакцијата на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на денешното соопштение на СДСМ.
Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.