Контакт

Македонија

Три нови истраги на СЈО

Објавено пред

Специјалното јавно обвинителство денеска обелодени три нови истраги кои се отворени за поранешни високи функционери во државата. Првата истрага е за пропаднатиот попис во 2011 година, за што се осомничени поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Според СЈО, осомничените по започнувањето на постапката за попис на населението во земјава сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, па водејќи се од лични интереси и задржување на моќта во општеството, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари.

dobivaj vesti na viber

Како што информираше обвинителката Фатиме Фетаи, истата се води против две лица, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 ст.4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик. Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во  октомври 2011 година во Скопје осомничените, искористувајќи ги своите овластувања како одговорни лица – претседатели на политички партии, свесни дека нивните дејствија ќе имаат штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување, ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на буџетот во износ од 175.123.909,00 денари.

„Постои основано сомнение дека со цел како владејачка коалиција  да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението, што резултирало со огромно иселување од земјава на работоспособното население, осомничените помеѓу 10.10 и 11.10.2011 година се договориле да го стопираат пописот. Воедно, со цел да избегнат одговорност, за која од разговорите произлегува дека се свесни дека постои, се договориле причините за стопирање на пописот преку средствата за јавно информирање и преку партиските соопштенија да ги презентираат како проблеми од техничка природа и од некадарноста на државната пописна комисија и Заводот за статистика, иако уште со донесувањето на Законот за попис и законските решенија во истиот се овозможува различно толкување на Законот и неизвесност за негово законито  спроведување, што го нотира Еуростат во својот извештај“, рече Фетаи.

По договорот на осомничените, со образложение дека со почнување на примената на Законот се појавиле недоследности и недоречености во примената на одредби од Законот како резултат на недоволен временски период за подготовка и обучување на учесниците во спроведување на пописот, Владата до Собранието предложила да престане да важи Законот за попис на населението, па посредно преку парламентарните групи како гласачка структура на политиката на лидерите на овие две партии на ден 15.10.2011 година бил изгласан закон со кој престанува да важи операцијата на попис.

„Меѓутоа, ако се видат причините поради кои е предложено да престане да важи Законот за попис, ќе се забележи дека тоа се причини истиот да се одложи со закон, па да се подобрат законските решенија според стандардите кои ги бара Еуростат, да се обучат попишувачите и другите учесници и да се спроведе операцијата на попис согласно со меѓународните стандарди. На тој начин потрошените парични средства за спроведување на пописот до моментот на одложувањето, кои се искористени за дотогашните обуки, техничка опрема и материјали нема да претставуваат штета и истите би се искористиле во одложената пописна операција. Сепак, причината за договорот за престанок на пописот не била во наведеното од Владата, што е видно дека лесно се исправа, доколку има волја за тоа, туку едноставно осомничените сфатиле дека со законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на владејчките ДУИ и ВМРО ДПМНЕ и со тоа на нив самите како лидери на овие партии, па водејќи се пред сѐ од лични интереси, интереси да ја задржат моќта во општеството, одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода, со што го оштетиле буџетот во значителен износ од 175.123.909,00 денари“, рече Фетаи.

Во втората истрага позната под името „Моќник“, СЈО смета дека „под влијание на тогашен моќен пратеник багателно се распродавал општински имот на негови блиски луѓе со измамнички дејствија спрема советници на една општина“. Поради измама и злоупотреба на службената положба и овластување, покрената е истрага против 13 лица, информираше јавната обвинителка Фатиме Фетаи.  Во текот на 2011 година таткото на пратеникот и тогашниот градоначалник на Македонски Брод, поттикнати од пратеникот, со прикривање факти ги довеле во заблуда советниците  да изгласаат одлука за отуѓување на задружниот двор во село Ижишта во Македонски Брод. Со тоа е нанесена штета на државниот буџет од околу 50 илјади евра, информираат од СЈО.

Наведеното, продолжило со преземање понатамошни криминални дејствија од осомничениот пратеник и негови извршители – послушници во еден државен орган, за да се одмазди на луѓето за кои смета дека му се мешаат во неговите интереси и интересите на неговото поблиско семејство, со што постои основано сомнение дека се извршени кривични дела „измама“ од член 247 од КЗ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од КЗ. Истата се води против 13 лица.

„Постои основано сомнение дека во текот на 2011 година таткото на првоосомничениот пратеник и третоосомничениот – тогашен градоначалник на општината Македонски Брод, поттикнати со умисла од пратеникот, за неговиот татко да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод и со лажно прикажување и со прикривање факти ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на зградата на „Задружниот дом“, со дворно место во с.Ижишта, општина Македонски Брод. Благодарение на ваквата одлука на Советот, кој гласал во апсолутна заблуда за предметот на продажба и правниот статус на истиот, по спроведената противправна постапка за продажба и по продажбата на имотот од страна на осомничениот градоначалник на второосомничениот, нанесена е значителна штета на имотот на Република Македонија во вредност од 1.795.800,00 денари, а за продажбата на земјиштето нанесена е значителна штета на општината Македонски Брод во вредност од 1.176.000,00 денари или, вкупно нанеле значителна штета од 2.971.800,00 денари или, околу 50.000 евра“, изјави Фетаи.

Таа појасни дека на 27.10.2011 година второосомничениот писмено се обратил до Советот на општина Македонски Брод со барање Советот да донесе одлука за продажба на задружниот дом во с.Ижиште и лажно во барањето прикажал (навел) дека истиот веќе го користи тој простор, сопственост на Општината и сака да отвори сопствен бизнис. Веднаш следниот ден била закажана седницата на Советот на која се разгледувало ваквото барање и градоначалникот на Општината лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот Совет и има договор за тоа, па за да може да се направи вложување во објектот третоосомничениот побарал од Советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на второосомничениот преку јавна лицитација.

„Ова го презел и покрај фактот што и тој и другите осомничени знаеле дека всушност предмет на продажба не бил објект што го користи второсомничениот, туку зградата во која била сместена администрацијата и градоначалникот на општина Пласница и две месни канцеларии на Управата за водење матични книги, објект кој, патем, не бил ниту впишан во сопственост на општина Македонски Брод, туку сопственичкото право било запишано на име на Република Македонија. По ова советниците едногласно донеле одлука за продажба, иако според нивните искази прибрани во текот на оваа постапка, истите воопшто не знаеле дека со ваквата одлука всушност одобруваат продажба на општинската зграда во која била сместена општина Пласница“, рече Фетаи.

Според доказите, постои основано сомнение дека градоначалникот, поттикнат од првоосомничениот пратеник, намерно не ги извршил своите службени должности кои бил должен да ги изврши и не го објавил огласот за продажба во „Службен весник“, со што ја ограничил конкуренцијата за јавното наддавање, па како наддавач се пријавил само второосомничениот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на Република Македонија за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето, парите ги уплатил на сметка на општина Македонски Брод, за што со третоосомничениот склучиле договор за купопродажба, заверен на нотар, што е директна штета на Република Македонија како сопственик на објектот, а подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како техничка исправка, иако немал основа за такво впишување.

„Воедно со анекс го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање, иако со актите на општината – ценовник, според кој од одделението за оданочување се вршело утврдување на пазарна вредност на градежно земјиште за тој регион била предвидена цена од 400 ден по м2, со што второосомничениот платил 300 денари помалку од пазарната по метар квадратен и заедно, второ и третоосомничениот, нанеле значителна штета на општина Македонски Брод во износ од 1.176.000,00 денари. Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продаден на второосомничениот телефонски контактирал со неговиот син -првоосомничениот и побарал истиот да влијае да се ревидира „таа работа“, а побарал и од Владата да ја испита продажбата. По ова, од страна на Владата е оформена комисија, која по спроведената постапка утврдила незаконитост на наведената продажба од повеќе аспекти и го задолжила градоначалникот со тужба да бара поништување на овие правни работи, меѓутоа истиот не постапил по ваквото задолжение. Сепак, ваквата постапка на градоначалникот на општина Пласница кај првоосомничениот предизвикала гнев и чувство дека треба да ја користи својата политичка моќ за да му се одмазди на Исмаил за неговите интервенции во врска со продажбата, па првоосомничениот користејќи ја својата реална моќ надвор од своите овластувања во име на претседател на Комисијата за надворешна политика, подесувал барања за секаков вид инспекциски и полициски контроли врз правното лице „Пуцко петрол““, рече Фетаи.

Според СЈО, пратеникот барал и лустрација на судијата Драги Билевски за да се одмазди. „Сметајќи дека еден судија од Основен суд Кичево е близок на градоначалникот на Пласница и го штити, постои основано сомнение дека организирал и го потикнал претседателот на Комисијата за лустрација, четвртоосомничениот да изврши незаконита лустрација над судијата за да му престане функцијата на судија. Истото е прифатено од страна на четвртоосомничениот и заедно со другите членови на Комисијата за утврдување факти, како службени лица постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација, предвидени во чл.4 и чл.18 од Законот за определување на услов за ограничување на вршење авна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, донеле нарачана одлука за лустрација на оштетениот Драги Билески. Како резултат на оваа одлука, со одлука на Судскиот совет, оштетениот Драги Билески најпрвин бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија на Основен суд Кичево, а потоа, со одлука на истиот орган, е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права“, додаде обвинителката на СЈО.

Третата истрага се однесува на случајот „Актор“, која се отвора поради сомнение дека е сторено кривично дело при постапката за јавна набавка за избор на најповолен понудувач за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица. Дополнително, оваа истрага се отвора и поради основано сомнение за перење пари кои фирмата добитник на тендерот ги добила со злоупотребата во постапката на јавна набавка.Според СЈО, во 2012 година кога се рагледувале и оценувале понудите за изградба на патот, тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, со цел за избор на понудувач да не биде избран понудувач од Италија, искористувајќи го своето влијание, извршил влијание врз тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој ги поттикнал членовите на евалуционата комисија да го фаворизираат изборот на фирмата „Актор“ од Грција. Со тоа, според СЈО, му било овозможено на „Актор“ да прибави корист од 7 милиони евра.

Според Фетаи, „постои основано сомнение дека во 2012 година, во периодот кога се разгледувале и оценувале понудите на тендерот за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица, првоосомничениот, како претседател на Владата, со цел во постапка на јавна набавка за избор на понудувач кој ќе го гради автопатот Демир Капија – Смоквица да не биде избран понудувач од Италија, кое правно лице според првоосомничениот го претставува „комуњар“ и  нешто што воопшто не му се допаѓа и повеќе му се „допаѓаат оние од југ“, искористувајќи го своето влијание, со умисла извршил поттикнување врз второосомничениот како министер за транспорт, кој го прифатил налогот и истиот ги поттикнал осомничените службени лица од Министерството за транспорт и врски да ги искористат своите службени овластувања како членови на евалуационата комисија (комисијата за оценување на понудите) со право на глас одговорни за спроведување евалуација и оцена на доставените понуди за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица“ како дел од Пан-европскиот коридор X, и во изборот за најповолен понудувач да го фаворизираат правното лице „Актор “ од Грција. Ова според доказите и било реализирано, со што му овозможиле на правното лице „Актор СА“ да прибави противправна значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари“, рече обвинителката.

Фетаи додаде дека постои основано сомнение дека во текот на постапката за спроведување  евалуација и оценка на доставените понуди, по отворањето на понудите, првоосомничениот остварил телефонска комуникација со второосомничениот и откако второосомничениот му кажал дека Италијанците се најевтини, побарал да се најде начин тендерот за автопатот да не го добијат Италијанците поради „лошата комбинација што комуњарот е во игра“, па второосомничениот како министер за транспорт и врски ги повикал во својот кабинет осомничените членови на евалуационата комисија со цел да го фаворизираат понудувачот „Актор СА“ Грција.

„Иако биле свесни дека понудувачот ‘АКТОР СА’ согласно со доставената тендерска документација и според член 16 од Огласот за доделување договор за јавна набавка не го задоволува критериумот и условот понудувачот да има еден завршен проект од 250 милиони евра во патниот сектор или еден проект кој е во тек на реализација, а чија реализација заклучно до 31.12.2011 година е 60-процентно завршена и кој износот од реализираните 60 отсто треба да не биде помал од 250 милиони евра, а поради кој услов и ја отфрлиле поевтината понуда на ‘Тото’ од Италија, се согласиле со барањето на второосомничениот, по што го злоупотребиле институтот на мнозинско одлучување и дале три позитивни мислења во табелите за евалуација и искористувајќи ја својата службена положба и овластување ја избрале понудата од правното лице ‘АКТОР’ со понудена цена од 210.148.177,23 евра, како економски најповолна понуда за проектот ‘Изградба на нова автопатска делница Демир Капија-Смоквица’ иако знаеле дека истото правно лице не ги задоволува техничките критериуми, со што му овозможиле на правното лице Актор СА да прибави значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари“, рече Фетаи.

Таа додаде дека ова е само почетокот на криминалните дејствија за кои постои основано сомнение дека се извршени. „Постои основано сомнение дека во период од 2012 до 2016 година со повеќе дејствија, со искористување на ист траен однос и исти прилики, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во земјава, кои ги презема ‘Актор’ АДТ Подружница Скопје, формирана од осомниченото правно лице ‘АКТОР СА’ , со намера да ја сокрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, која има третман на принос од казниво дело бидејќи паричните средства потекнуваат од незаконито добиениот тендер со кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, шестоосомничениот како одговорно лице на подружницата формирал група која се занимава со перење пари и пуштање во промет пари кои се прибавени со казниво дело. За таа цел ги поврзал во заедничко дејствување другите пет осомничени, па сите дејствувајќи заедно како членови на група што се занимава со перење пари од лични – лукративни побуди, со цел прикривање на трагата на парите  што се исплаќани на сметките на ‘Актор’ АДТ Подружница Скопје од незаконски добиениот тендер за изградба на автопат од Коридор Х и создавање  готовински пари, пуштиле во промет пари за кои  знаеле дека потекнуваат од казниво дело ‘злоупотреба на службена положба и овластување’.

Шестоосомничениот како одговорно лице управител на подружницата на Актор АДТ Скопје договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење подизведувачки работи со останатите осомничени одговорни лица како претставници на осомничените правни лица ‘Глобал констракшн компани’, ‘Топометрија’ ДООЕЛ Скопје и ‘Инвикта Боро’ ДООЕЛ Скопје, со единствена цел на пренос на парични средства од ‘Актор АДТ’ Подружница Скопје. Па така, во повеќе наврати се исплатени износи од сметките на ‘Актор АДТ’ Подружница Скопје кон сметките на правните лица ‘Глобал констракшн компани’, ‘Топометрија’ и ‘Инвикта’ во вкупен износ од 31.856.811 евра“, вели Фетаи.

Според СЈО, три осомничени лица искористувајќи ги вработените лица во сопствените компании и искористувајќи ја трајната основа на работниот однос на вработените развиле систем на паралелно ангажирање преку фиктивни договори за вршење услуги, и тоа, на вработени од „Топометрија“ Дооел во правното лице „Глобал констракшн компани“, и на вработените од „Глобал констракшн компани“’ во правното лице „Топометрија“, притоа договарајки нереално висок надоместок за услугата на вработените спрема реалната цена на трудот во дадениот временски период и којашто веќе им била исплатувана од страна на правното лице во кое истите веќе биле редовно вработени. За илустрација, еден работник без некои посебни квалификации, добивал и по 6 до 7000 евра месечи примања, а поквалификувани вработени и двојно повеќе.

Постои основано сомнение дека на тој начин, во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице „Глобал констракшн компани“ од страна на правното лице „Топометрија“ ДООЕЛ е исплатен износ од 699.000,00 евра во денарска противвредност, а од сметките на правното лице ‘Глобал констракшн компани’ во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје е исплатен износ од 1.173 000,00 евра во денарска противвредност, пари што веднаш по самата исплата по претходна најава до филијалата во Неготино за обезбедување доволно количество ефективни странски валути биле конвертирани во странска валута – евра и во ист момент подигнати во готовина од страна на вработените,  готовински пари што биле предавани на една од осомничените, којашто понатаму ја прикрива локацијата на готовинските пари.

Во меѓувреме, според СЈО, од сметките на „Актор АДТ“ Подружница Скопје кон сметките на„Инвикта“ ДООЕЛ Скопје, искористувајки ист траен однос – договор за вршење на подизведувачки работи, биле исплатени пари во вкупен износ од 181.736.436,00 денари, околу 3 милиони евра, од кои што 35.777,951,00 денари околу 580.000 евра, веднаш по приливот во готовина му биле исплатени на осомничениот В С – основачот на правното лице – „Инвикта Скопје“ по основ на дивиденда, по што се прикрива понатамошната локација и движењето на парите.

 

Дијаспора

Муцунски се сретна со македонските иселеници  во Шведска

Објавено пред

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.

dobivaj vesti na viber

„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.

Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.

Прикажи повеќе...

Македонија

Каранфилова-Пановска: Зошто да земеме унгарски кредит, а да не ги користиме парите од европските фондови

Објавено пред

„Европа не е само некаков симбол, туку реална можност за подобар живот, но власта нема желба за исчекор во европските интеграции и земјата е ставена во авто блокада“, порача заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, на трибината „За Европа сега и одма“ којашто ја организираше Социјалдемократската младина во Куманово.

dobivaj vesti na viber

Европската унија нуди средства преку Планот за раст и реформската агенда, кои се дополнителни на средствата од ИПА фондовите.

„Овие средства се наменети за реформи, инвестиции и приближување на стандардите на работење до оние на ЕУ, со цел да не ни се случува одлив на мозоци, општините да ни бидат почисти, институциите функционални, образованието и здравството подобри“, рече Каранилова –Пановска.

„Зошто да земеме унгарски кредит од една милијарда евра кој што ќе треба да го враќаме со камати, а не знаеме под какви услови и колку се вкупните трошоци од тој кредит. А притоа да не ги користиме парите од европските фондови кои се дуплирани за овие три-четири години со Планот за раст?, потенцираше Пановска.

Заменик претседателката повика на одговорност од сите политички актери додавајќи дека процесот на пристапување и преговорите со ЕУ, согласно преговарачката рамка, Македонија може да ги заврши за три до четири години доколку има политичка волја за напредок.

„Владата на СДСМ во периодот 2017–2024 година успеа да го обезбеди следниот чекор – отворање на пристапните преговори и продолжување на процесот на пристапување на државата. Но за жал тој процес сега е во стагнација. Имаме владејачко мнозинство коешто е речиси 2/3 и може да го направи исчекорот и да продолжиме во преговорите. Но ние сме ставени како држава и како граѓани во една авто блокада. Не се разумни стравовите од продолжување на патот кон Европската унија, целата таа приказна се користи односно се злоупотребува за политички поени на сегашната власт“, рече Каранфилова-Пановска.

Taa предупреди дека ако не го направиме потребниот чекор, ризикуваме да останеме заглавени со Косово и Босна и Херцеговина, додека Албанија и Црна Гора напредуваат кон членство во ЕУ.

Прикажи повеќе...

Македонија

Демократски сојуз: Заканите за дестабилизација се очајнички обиди на Ахмети за враќање на власт 

Објавено пред

Повеќе од 20 години Али Ахмети беше на власт, промовирајќи етнички поделби, јавашлук неодговорност, велат од Демократскиот сојуз. Дуизацијата и криминализацијата на државата, од Демократскиот сојуз велат дека немаат ништо заедничко со правата на Албанците, туку перфидна стратегија за владеење, разоружување и разнебитување на државата.

dobivaj vesti na viber

„Затоа заканите (последните во Струга) за дестабилизација и заканите за остатокот на Македонија и излегување на улица, му се удираат од глава. Ќе биде долго во опозиција. Сите граѓани се свесни, вклучително и Албанците, дека грабежот од позиција на власт промовирајќи билет за во еден правец – заминување на младите во странство.

Без разлика на се, треба државата да дејствува превентивно и да постапи како и сите други демократски држави. Да иницира постапка за спречување на налудничавото, деструктивно и противуставно дејствување. Јазичните, институционалните, етнички или верски права на Албанците не се загрозени, туку се тресе тлото на политичката надмоќ која повеќе од 20 години го ограбува сопствениот народ“, велат од Демократски сојуз.

Од таму сметаат дека заканите, насилството и тероризмот не можат да бидат платформа за враќање на власт, оти тој филм еднаш помина. Само владеење на правото, економски развој и имплементација на европските вредности се гаранција за мир, стабилност и просперитет.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет3 часа

Прво обраќање на папата Лав XIV: Запрете ги сите војни

Папа Лав XIV повика глобалните лидери да престанат да водат војни во првиот поголем говор до верниците. “Јас исто така...

Македонија5 часа

(Видео) Кривична пријава за 23 – годишниот кривопаланчанец кој со автомобил влечеше куче

Против 23- годишникот кој со автомобил влечеше куче ќе биде поднесена кривична пријава за мачење животни. „На 10.05.2025 во 23.30...

Македонија6 часа

(Видео) Таравари е одлучен да се врати во прегратките на Али Амети и ДУИ, следната недела ќе имаме завршно пиење кафе, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека следната недела ќе има уште една, завршна средба со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен...

Македонија7 часа

(Видео) СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот за Кочани: Нема закон што ќе ја избрише тагата, но да покажеме дека сме тука за семејствата

Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја повика партијата ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот за Кочани.  Од СДСМ велат дека како...

Македонија9 часа

Уапсен кичевец, со секира ги нападнал родителите, таткото починал

Утрово полицијата во Кичево го уапси Е.А. (48) оти со секира ги нападнал родителите и си го убил таткото. „Околу...

Македонија9 часа

Кривична и притвор за Турчин поради обид за убиство во Скопје

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против У.Х. (35) од...

Македонија10 часа

Димитриевски од Охрид: Венко, за што ќе ја користиш златната виза од Дубаи, со една нога надвор не се станува водач

На средбата со граѓани, членови и симпатизери на Движење ЗНАМ за Наша Македонија во Охрид, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски...

Регион11 часа

Парламентарни избори во Албанија, Рама се бори за четврти мандат, а Бешира за враќање на власт по 12 години

Албанците денес гласаат на 11, парламентарни избори по падот на комунистичкиот режим. Право на глас имаат 3.721.116. Лидерот на Социјалистичката...

Европа23 часа

Зеленски: Идејата за демилитаризирана зона е мртва

Зборувајќи на прес-конференција во Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата за воспоставување демилитаризирана зона во војната со Русија....

Европа23 часа

Путин: Ќе размислам

Владимир Путин ќе го „разгледа“ западниот предлог за целосно и безусловно примирје во Украина, откако Велика Британија, САД и европските...

Македонија1 ден

Истрага против турски државјанин за обид за убиство во Скопје: со метален капак од шахта повеќе пати го удирал оштетениот во глава

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил...

Европа1 ден

Кремљ: Изјавите на европските земји се контрадикторни и конфронтирачки

Кремљ ги обвини европските земји за давање контрадикторни и конфронтирачки изјави, објави новинската агенција Интерфакс, откако европските лидери го поддржаа...

Европа1 ден

Стармер: Русија ја започна војната и Русија стои на патот на мирот

Британскиот премиер Кир Стармер изјави во Киев дека дојде моментот за мировен договор – но дека единствената пречка за тоа...

Европа1 ден

Туск: Чекаме да видиме како ќе реагира Русија

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека одлуката за прогласување примирје од Киев е симболична, бидејќи станува збор за град кој...

Европа1 ден

Зеленски: 30-дневниот прекин на огнот мора да започне в понеделник; Песков постави услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција изјави дека тој и лидерите на европските земји се согласиле дека „безусловното примирје мора...

Македонија1 ден

(Видео) „Ако Филипче има златна виза од друга држава, тогаш како може да вели дека тој е иднината“, кажа Манасиевски

„Венко Филипче призна дека поседува златна виза за Дубаи, која не била обична виза, туку златна виза, која ја користел...

Топ1 ден

Тело на почината жена пронајдено во водите на Калиманско езеро

Вчера во 09.45 часот во Полициското одделение Македонска Каменица било пријавено дека во водите на Калиманско езеро била пронајдена почината...

Македонија1 ден

СДСМ: Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот за настраданите во Кочани

„Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани, предложен од СДСМ, е чин на човечност, солидарност и...

Свет1 ден

(Фото) Како изгледа индиски Кашмир по нападот од Пакистан

Пакистанската армија објави дека Индија извршила напади врз неколку пакистански воени бази во текот на ноќта. Исламабад објави дека, како...

Европа1 ден

(Видео) Макрон, Мерц, Стармер и Туск заедно во Украина: „Ќе го зголемиме притисокот врз Русија“

Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Полска денес се во Украина, во првата таква заедничка посета, за да разговараат...