Македонија
Заев – Марфи: Иднината на Република Македонија и на целиот регион е во НАТО и ЕУ
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вечерва се сретна со член на Сенатот на САД, Крис Марфи, заедно со американска делегација, придружувани од амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.
На средбата е констатирано дека Република Македонија се движи во правилната насока, низ реформските процеси во земјата и чекорите на градење пријателства со соседите, на патот кон НАТО и кон ЕУ.
Сенаторот од САД, Марфи ги охрабри премиерот Заев и Владата да ги понесат позитивните промени за иднината на Република Македонија. Исто така, сенаторот Крис Марфи пренесе дека САД останува искрен пријател на Република Македонија.
Претседателот на Владата, Заев, во име на граѓаните на Македонија и на Владата, се заблагодари на сенаторот Марфи за големиот пријател што го има Република Македонија во Соединетите Американски Држави, како и за целата поддршка и помош што ја добиваат граѓаните и државава од САД, во важните демократски процеси.
„Застанавме цврсто за концептот едно општество за сите, во што ја градиме Република Македонија. Се посветивме силно на реформите во државата и на конкретни исчекори во добрососедските односи. Водиме инклузивни политики на дијалог и разбирање. И очекуваме дека тоа ќе биде вреднувано и вратите на НАТО и ЕУ да се отворат за Република Македонија“ рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше за повеќе актуелни политички прашања во земјава и регионот. Заедничка е согласноста дека иднината на Република Македонија и на целиот регион е во НАТО и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со кој ќе имаме европска иднина и парламент што ќе носи храбри одлуки за државата за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР