Македонија
МВР: Еден уапсен за фотографирање гласачко ливче
Еден гласач е уапсен затоа што го го фотографирал гласачкото ливче во општина Гази Баба, а од отварањето на гласачките места па се до 12 часот региситрирани се низа помали инциденти за кои МВР соодветно интервенира, изјави на прес конференцијата Јордан Ламановски, помошник министер за односи со јавност.
Во село Брест лица со црн џип „Хамер“, во 8.30 часот делеле пари на граѓани. По ова, истото возило е забележано во населба Бутел. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Во општина Шуто Оризари, диви таксисти со 14 патнички моторни возила превезувале гласачи до избирачки места и притоа вршеле агитација. Исто така во оваа општина во ОУ „Браќа Рамиз“ во ходникот од училиштето низ кој се оди до гласачките места група од 5-6 лица на гласачите што се движеле по ходникот им сугерирале да заокружат реден број на гласачкото ливче. Во општината забележани се две возила без регистарски таблици со обележја на вратите од Дирекција на заштита и спасување, кои во повеќе наврати носеле гласачи до гласачките места.
Ламовски изјави дека е добиена пријава за агитирање гласачи околу пазарот во Ѓорче Петров. Агитирањето во повеќе наврати го вршеле лица со возило „Сеат Леон“.
Поради фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон на гласачкото место во училиштето „Кочо Рацин“ во скопската општина Ѓорче Петров приведено е лицето З.Д. (37) . Поради овој случај гласањето на ова место било во прекин од 8.25 до 8.35 часот.
Случај на фотографирање на гласачкото ливче има и во Валандово. Околу 9 часот на гласачкото место во Кино Валандово З.П. откако гласал го фотографирал ливчето и заминал. Полициски службеници излегле на лице место и се работи на расчистување на случајот.
Во скопската општина Чаир е приведено лице на чие возило на местото на регистарските таблици биле испишани пароли да се гласа за една политичка партија.
На избирачкото место во село Здуње- Гостивар Ј.С., вработен во МВР се појавил на избирачкото место во својство на контролор на една политичка партија. Во општинската изборна комисија имало решение за негово ангажирање како контролор, но откако на избирачкото место настанал проблем, истиот бил отстранет и отстранувањето било нотирано во записникот. Веднаш е ангажиран и Одделот за внатрепшна контрола и професионални стандарди за проверка на случајот.
Во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди примено е и известување дека на избирачко место во село Долно Седларци- Општина Брвеница, И. Т., вработен во СВР Тетово кој е одреден за обезбедување на избирачкото место, агитирал гласачите да гласаат за одредена политичка партија. Се работи на расчистување на случајот.
Полициски службеник, кој не бил на работа, пријавил дека на неговиот мобилен телефонски број му се јавило женско лице кое се претставило како колешка, и му рекла зошто се јавувал на 192 и со закана „нека му ја мисли“ ако победи нејзината партија.
„Сакам да потенцирам дека злоупотребите од страна на вработени во МВР, доколку се докажат, најстрого ќе бидат санкционирани“, рече Ламановски на прес конференцијата.
На избирачкото место во ОУ „Јосип Броз“ дошло лицето М.Л. кое било под дејство на алкохол и се претставило како набљудувач, не дозволувајќи им на граѓаните да гласаат. Претседателот на избирачкиот одбор побарал асистенција од полицијата и ова лице е приведено. Извршен му е алкотест и утврдено присуство на алкохол од 3,6 промили. Лицето ќе биде задржано во полициска станица до неговото отрезнување.
Во село Нова Колонија во ОУ „Петар Петровиќ Његош“ во училишниот двор имало три машки лица со шалови и партиски обележја на политичка партија кои ги пречекувале лицата што доаѓале на гласање и им сугерирале за кого да гласаат.
Исто така, лице од Хелсиншки комитет пријавило дека на ул. „Боте Боцевски“ пред избирачкото место стоеле неколку лица кои нуделе по 1.000 денари на лица од ромска националност да гласаат за одредена политичка партија.
Во село Драчево, комбе со бела боја превезува гласачи, а има информации и дека се нудат по 1.000 денари за гласање за одредена политичка партија, информираат од МВР./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..