Македонија
Следната година ќе се снима во автобусите
Од почетокот на следната година најверојатно ќе се снима во автобусите на ЈСП за да се помогне во идентификувањето на насилниците, соопшти директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Мишо Николов при промоцијата на пилот проектот „Спречување на нарушувања на јавниот ред и мир во автобусите на градскиот превоз“.
Тој соопшти дека за 50 автобуси се набавуваат снимачи за камерите, па камерите во автобусите нема да служат само за возачите да ја следат моменталната ситуација во автобусите, туку снимките ќе се чуваат во случај ако се случи некој инцидент.
На дисплеите внатре во автобусите ќе бидат испишани пораки со коишто граѓаните ќе се повикуваат да се однесуваат достоинствено и внимателно.
Вработени се и четворица контролори кои од 1. септември работат на линиите 65 и 55, како најризични линии. Нивната задача е да ги превенираат инцидентите. Директорот на ЈСП – Скопје најави и вработување на нови четири до шест контролори кои ќе бидат ангажирани на поризичните линии, меѓу кои оние накај општина Сопиште, кај Хемиското и ПТТ училиштата.
Пилот проектот денеска го промовираа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ.
„ МВР во своето превентивно дејствување секогаш се водело и од актуелните проблеми и состојби, но не го занемарувало и планското, континуирано секојдневно ангажирање на полициските служби. “Затоа кога говориме за безбедноста на малолетниците, за превенцијата од насилство, дозволете ми да ве потсетам дека само во изминативе две-три години МВР самостојно или во соработка со други институции настапи со низа конкретни проекти од кои на пример би ги издвоила “Комуникација – да, насилство – не“, или пак проектот за безбедност во училиштата “Полицијата и учениците се дружат“, рече Јанкулоска.
За насилничко однесување досега се пријавени 207 малолетници, од кои 35 се гонат кривично, додека 172 нивни врсници заработиле прекршочни пријави. За првите шест месеци од годинава, без последните инциденти, регистрирани се 9 напади врз возачи и 15 инциденти, најчесто тепачки меѓу средношколци. Ова според директорот на ЈСП претставува влошување во однос на минатата година, кога се евидентирани осум напади врз возачи и 12 тепачки меѓу средношколци.
Со овој проект којшто финансиски е поддржан од мисијата на ОБСЕ во РМ, во оваа почетна фаза ќе бидат опфатени сите среднишколци на подрачјето на скопските општини Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче Петров. Притоа предвидено е одржување на едукативно-превентивни работилници посеветени не само на феноменологијата на насилството туку и за конретните законски последици од ова девијантно однесување. /крај/мвр
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.