Македонија
Нема информации од СЈО кој и зошто е повикан на распит

Специјалното јавно обвинителство не дава никакви информации за распитите кои се водат во ова Обвинителство за објавените и необјавени прислушувани разговори, каде деновиве се појавија сегашни и поранешни министри, поранешни претеници, бизнимени и други јавни личности.
„Ве известуваме дека како што беше соопштено во овој момент нема да соопштуваме податоци за предистражните постапки кои се водат во ова јавно обвинителство“, одговараат од Специјалното јавно обвинителство на новинарските прашања дали ќе има распити, кој ќе се појави во Обвинителството, за кој случај и во кое својство.Ниту функционерите кои новинарите ги чекаат по цел ден да излезат од Обвинителството не кажуваат детали за постапката со образложение дека предистражните постапки се тајни. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во понеделникот во разговор со новинарите едиствено потврди дека и неделава ќе има распити во Обвинителството и дека се очекува неделава таму да се појават и функционери кои биле повикани претходно, но не се одзвале на поканата.Меѓу нив се споменуваше поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, но нема официјална потврда дали тој ќе се појави во СЈО. Во текот на вчерашниот ден на распит во СЈО, речиси четири часа беше Министеката за култура, Елизабета Канческа – Милевска која единствено откри дека била повикана како сведок и дека била многу задоволна од поканата на СЈО за да може да потенцира законското работење на Министерството за култура. Пред нејзе од СЈО излезе бизнименот, Орце Камчев, но и за него нема информации во кое својство бил во СЈО и за кој случај. Во понеделникот се шпекулираше дека во СЈО треба да се појави поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, но не дојде. Токму Јанакиески и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска беа помилувани за најголем број кривични дела. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Филипче нема никави инвестиции, ниту имот во ОАЕ

„ВМРО-ДПМНЕ во целосна безидејност продолжува да лаже иако претседателот на СДСМ, Венко Филипче јасно кажа дека не поседува никакви инвестиции ниту имот во Обединетите Арапски Емирати“, велат од СДСМ.
„Филипче поседува виза која не е добиена на основ на никакви инвестиции или сопственост на имот.
ВМРО-ДПМНЕ наместо да лаже во континуитет и да се обидува да дефокусира, треба да почне да реализира нешто за граѓаните кои од оваа власт осврн неспособност, лаги и напади на опозицијата ништо друго не виде веќе цела година“, соопшти СДСМ.
Македонија
Крушево домаќин на првото државно првенство во планински велосипедизам

Оваа сабота (17 мај) со почеток во 10 часот стартува премиерното издание на маратонот во планински велосипедизам ,,Krushevo MTB Challenge” во организација на Велосипедскиот клуб Енерџи и Велосипедската федерација на Македонија.
Во рамките на овој настан, ќе се реализира и Државното првенство во планински велосипедизам Маратон како дел од официјалниот календар на ВФМ и според пропозициите и критериумите на Светската велосипедска федерација УЦИ.
Натпреварувачите ќе имаат можност да одберат помеѓу мал маратон од 25км и голем маратон од 75км со вкупно искачување од 650 односно 2000 метри.
Признанија и награди ќе бидат доделени за сите возрасни категории и тоа: 18-29, 30-39, 40-49,50-59,60+.
Пријавувањето е отворено до 15 мај.
Македонија
Општина Центар објави повик за субвенции за санација на покриви и лифтови

Општина Центар-Скопје објавува Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и лифтови во колективни станбени згради на нејзина територија, согласно Програмата за комунални дејности за 2025 година.
„Ги повикувам сите станбени заедници во Општина Центар кои имаат потреба од санација на покриви или поправка на лифтови да аплицираат и да ги искористат средствата што ги нудиме. Ова е можност да се подобрат условите за живеење, безбедноста и енергетската ефикасност во вашите згради,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Финансиската поддршка изнесува 30% од вредноста на проектот, но не повеќе од 150.000 денари за кровови и 300.000 денари за лифтови, додека 70% од трошоците ги обезбедуваат сопствениците. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Право на учество имаат заедници на сопственици или управители од Општина Центар чиишто станбени згради се постари од 15 години, со најмалку 70% населени станови. Потребна е одлука со потписи од 50% + 1 сопственик, како и комплетна документација според условите наведени во повикот (договори, понуди, фотографии, технички извештај и др.).
Пријавите се поднесуваат во затворен плик, во Архивата на Општина Центар (барака 6) или по пошта, на адреса: ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје, во периодот од 10 мај до 30 јуни 2025 година, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Заинтересираните жители може да се информираат на веб-страницата www.centar.gov.mk.