Општество
Средношколците заинтересирани за студирање на ФЕИТ
Голем интерес за запишување нови студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии во првиот уписен рок во академската 2015/2016 година.
Годинава, за ФЕИТ се предвидени 600 слободни места за упис на нови студенти, од кои 460 редовни студенти во државна квота и 140 редовни студенти со кофинансирање. „Согласно бројот на пријавени кандидати, преку on line апликацијата, на два дена пред уписите на нови студенти, интересот за запишување на ФЕИТ е исклучително голем. Бројот на пријавени кандидати, до овој момент, е поголем во однос на минатите години. И квалитетот на пријавени кандидати е висок, затоа што во над 80 проценти, тие имаат по повеќе од 90 поени. Со ова, како високо-образовна институција успеваме да ги добиеме најквалитетните кандидати од средношколските клупи и да го одржиме квалитетот на образование. Согласно одобрената квота, ќе ги запишеме сите заинтересирани кандидати“, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Миле Станковски на средбата со медиумите.Освен електронското пријавување, секој кандидат, во четврток и петок (13 и 14 август 2015, во рамки на првиот уписен рок,) треба и лично да ги донесе документите на ФЕИТ.„Во Македонија, но и во светски рамки, тренд е да се зголемува бројот на студенти на техничките науки. Ваквата тенденција, пред се, е предизвикана од зголемената можност за вработување, како и од заложбата на Факултетот и на Владата, да се зголеми бројот на инженери. Дека сме квалитетна високо-образовна институција потврдува и фактот што интерес за запишување на ФЕИТ постои и кај странски студенти, иако уписот за странци е регулиран и се спроведува преку Универзитетот“, вели Станковски.Деканот Станковски очекува ФЕИТ да ја потполни државната квота со високо-квалитетни кандидати.„Кога ќе дојдат најдобрите средношколци на нашиот факултет, ние ја преземаме одговорноста за нивната иднина и им обезбедуваме највисок степен на образование. Затоа, на ФЕИТ се грижиме за квалитетот на образованието, дури и по цена да изгубиме одреден број студенти. Сепак, таа бројка континуирано расте“, рече Станковски.Според продеканот за настава, проф. д-р Христина Спасевска, вообичаено е освен теоретската настава, студентите на ФЕИТ да имаат и практична настава во лабораториите на Факултетот или во некоја компанија.„Имаме договори за соработка со стотина компании во Македонија, каде нашите студенти извршуваат пракса, но и се вработуваат како дипломирани инженери. Постои можност, на нашата веб страна, компаниите да објавуваат и огласи за пракса и за кадарот што го бараат. Нашите инженери секогаш наоѓаат работа. Некои менаџери на компании бараат инженери од нас, а вработуваат и студенти од ФЕИТ“, вели Спасевска.ФЕИТ има богата меѓународна соработка. Во изминативе петнаесет години, информираше продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Александар Ристески, се реализирале повеќе од 200 меѓународни проекти. Факултетот соработува со повеќе од 300 Универзитети, компании и институции во светот. Наша пракса е во научно-истражувачки проекти да бидат вклучени студенти од повисоките години, особено студенти на магистерски студии.„ФЕИТ е организатор и на средба на декани од нашиот балкански регион за да се зајакне нашата меѓународна соработка. Имаме и размена на студенти и професорски кадар со многу образовани институции“, рече Ристески на средбата со медиумите./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

