Македонија
„Ги поминаа границите“ – директорот на СОЗР во Владата им забрани „Фејсбук“ на вработените
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во Владата, Пеце Мирчески, им забранил пристап до „Фејсбук“, „Инстаграм“ и другите социјални мрежи на вработените оти, како што вели, тие наместо да работат си пишувале статуси и се снимале за да објават на интернет. Тој смета дека со оваа забрана ќе ги дисциплинира вработените во СОЗР.
„Ги поминаа сите граници, никој ништо не работи. Јас како прв човек знам што се случува. Знам дека вработените постојано имаат отворено ‘Фејсбук’ и пишуваат статуси додека се на работа. Знам точно што сум исклучил. Јас правам цело време проверки, ова не е првпат да има ваков проблем, тој постојано се провлекуваше. Се снимаат додека се на работа за да објават на социјалните мрежи. По 16:30 часот нека прават што сакаат, ама по работното време“, вели Мирчески за „Макфакс“.
Новината е воведена во средата. Мирчески, пак, тврди дека тие што не ги извршуваат работените обврски ќе бидат санкционирани согласно со законот.
„Можеби пишувале и објавувале од приватните телефони, ама јас правам тоа што можам. Јас не знам зошто се жалат. Практично, тие самите признаваат дека ништо не работеле“, додава тој.
Службата со која раководи Мирчески извршува сметководствено-финансиски работи, набавки на опрема за Владата, тековно одржување и обезбедување на објектите, набавка на канцелариски материјали, тонери, тоалетна хартија, средства за хигиена и други работи и услуги од општ карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Очекуваме во март дечињата да бидат згрижени во новата градинка „Пролет“
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека во месец март очекува дечињата од населбите Пролет и Маџир маало да бидат згрижени во новата градинка Пролет која е прва изградена градинка по пет децении на територија на општината.
„Во март годинава, се надевам децата од Центар да бидат згрижени во оваа предучилишна установа која е изградена по највисоки светски стандарди. Изградбата е комплетно завршена, а на крајот на 2024-та година беше направен и технички прием. Иако во Центар немаме листи на чекање за упис на дечиња во градинките, ќе им го олесниме секојдневието на родителите од населбите Пролет и Маџир маало кои своите деца ги носат во градинките во другите населби“, вели Герасимовски.
Новата градинка Пролет е енергетски ефикасна, која ќе обезбеди опфат на 173 деца, сместени во 9 занимални. Во градинката поставен е лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, како и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попречености. Градинката има вкупна бруто површина од 3.276 метри квадратни и целосно е финансирана од Општина Центар во висина од околу 2.5 милиони евра.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со драстично намалување на загаденоста
Загадениот воздух во градовите во државата е сериозен проблем, кој бара системски и долгорочен пристап за негово решавање. И првите резултати од преземените системски мерки би се почувствувале за некој период од среден рок, од неколку години, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на долгорочна и системска стратегија, која реално ќе го намали загадувањето.
За да се направи тоа, меѓу другото, потребно е промена на начинот на затоплување на домовите, а тоа подразбира наместо фосилни, повеќе користење еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување.
За да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Новиот начин на затоплување на домовите истовремено треба да биде достапен за сите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор, а тоа е инвестиција за која реализација потребни се неколку години за да профункционира.
Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста и тоа ќе обезбеди, меѓу другото, и зголемена енергија, која ќе се користи во стопанството.
Жално е што поранешната седумгодишна влада предводена од СДС и ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за намалување на загадувањето.
Барем нешто да направеа, сега, по седум години, веќе ќе ги чувствувавме првите резултати и Скопје немаше да биде лидер на неславните европските и светски листи по загаден воздух“, се вели во партиското соопштение.
Македонија
Утрово магла и облачно време, во текот на денот ќе биде сончево со температура до 15 степени
Во котлините во поголем дел од денот ќе биде тивко со појава на магла или ниска облачност. Во другите делови сончево и релативно топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 15 степени, јавува УХМР.
Во Скопје претежно облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
В петок кон крајот на денот и во деновите од викендот ќе има повремени врнежи од дожд, на планините снег. Поради спуштање постудена воздушна маса со засилен северен ветер, в сабота врнежите постепено ќе преминуваат во снег и на повисоките, а в недела и на пониските места. Локално се очекуваат пообилни врнежи.