Македонија
ОПЕР на Неждет Мустафа ја напушта коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ
Обединетата партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР) во вторникот вечерта објави дека и покрај партискиот предлог за квалитативно подобрување на кандидатите за пратеници на листите и давање можност образовниот и интелектуалниот капаците да ги претставува интересите на Ромите во Македонија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се одлучила да ја продолжи соработката со Амди Бајрам, и повторно да го кандидира за пратеник на претстојните предвремени парламентарни избори на 11-ти декември, поради што партијата се одлучила да ја прекине досегашната соработка со владејачката партија.
Оваа одлука е донесена по дискусијата на претседателството на ОПЕР на коешто било разговарано за еднаквоста на Ромите низ призмата на последните преговарачки позиции за продолжување на соработката со сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Ромите посочуваат дека биле многу јасни во своите ставови дека ќе поддржат кој и да е друг кандидат од која и да е друга ромска партија, вклучително и од онаа на Амди Бајрам, „доколку тој кандидат ги исполнува образовните предуслови за квалитетно застапување“ на оваа етничка заедница во Собранието.
Уште на 26-ти октомври Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите(ОПЕР) порача дека нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ доколку на која и да е листа за следните парламентарни избори закажани за 11-ти декември се најде Амди Бајрам.
Како што информираа од ОПЕР, пред две седмици била одржана средба меѓу претседателот на ОПЕР, Неждет Мустафа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, на која Мустафа истакнал дека тие нема да се согласат да коалицираат со партијата на власт ако таа го стави на некои од изборните листи Амди Бајрам.
„Таков човек е навреда за Ромите и ние не сакаме да бидеме во иста коалиција со него“, порачаа тогаш од ОПЕР.
Меѓутоа, и покрај предлогот на ОПЕР, претседателот на партијата Неждет Мустафа да се откаже од должноста министер без ресор во актуелната Влада „со цел да се даде можност на нови просперитетни кадри да напредуваат во кариерата, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ги занемари сите успеси постигнати на локално и меѓународно ниво од декадата и стратегијата за интеграција на Ромите и да ги замени со лицето коешто најмногу го деградирал и девалвирал ромскиот народ со своите јавни настапи“.
Во образложението на својата одлука, од ОПЕР велат дека владејачката партија со својата одлука повторно да го кандидира Амди Бајрам, едноставно „ги натерала“ да ја донесат одлуката за напуштање на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, и оти ќе останат доследни на заложбите дека Ромите имаат високобразовен и професионален кадар кој заслужува да ја претставува ромската заедница о да придонесува за нејзин натамошен развој./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Со закани, уцени и притисоци, Филипче и Заев сакале да ја земат болницата Жан Митрев
Со закани, уцени и притисоци, Филипче и Заев сакале да ја земат болницата Жан Митрев, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сведоштвата на др. Жан Митрев во кои директно ги обвинува Заев и Филипче дека преку својата политичка моќ и државните институции, вршеле притисок да му ја преземат болницата, ја потресоа јавноста. Но, за нас тие не се изненадување. Подолг период укажуваме дека ова криминално дуо Заев-Филипче, мора да одговара за своите постапки. Речиси секојдневно излегуваат нови сведоштва, признанија и сериозни сомнежи за начинот на кој функционирале додека ја воделе државата. Покрај златните визи во Дубаи, становите во Дубаи, висококатницата во Дубаи, акции во индиска авиокомпанија, фирми во Бугарија и Македонија, Филипче и Заев во време на КОВИД пандемијата, ја зграпчиле можноста да му ја преземат болницата Жан Митрев, од истоимениот сопственик“, вели Петрушевски.
Начинот на кој Заев и Филипче биле спремни да ја земат болницата, во ек на пандемија и вонредна состојба во државата, додава тој, е вистински мафијашки модел на дејствување.
„Според изјавите на др. Жан Митрев, Заев и Филипче рекле дека тие ќе ја одредат вредноста за откуп на уделите во болницата, а за возврат ќе му помогнат во судскиот процес. Дали ова е моделот по кој Филипче сака да ја води Македонија доколку повторно дојде на власт? Дали по сите сомнежи и афери што се врзуваат за неговото име, тој мисли дека се уште има кредибилитет да биде дел од политичката сцена?“, прашува Петрушевски.
Тој вели дека наместо да поднесе оставка и да ја препушти СДС на чесни и млади луѓе, Филипче ја држи фотелјата на Заев и продолжува да работи по негови насоки.
Македонија
Градоначалникот Сашко Митовски се фрли по светиот крст во водите на Крива Река
Во духот на вековната православна традиција, денес во Крива Паланка беше одбележан големиот христијански празник Богојавление – Водици, кога, според верувањето, се осветуваат водите и се симболизира Христовото крштевање во реката Јордан, носејќи здравје, благослов и духовна сила за верниците.
По тој повод, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, се фрли по светиот крст во водите на Крива Река, испраќајќи силна порака на вера, заедништво и почит кон православните обичаи.

„Чинот претставува симбол на духовна чистота, обновување и нераскинлива врска меѓу традицијата, локалната самоуправа и народот. Во студените води на Крива Река, градоначалникот Митовски уште еднаш покажа дека вистинските вредности се чуваат и потврдуваат со дела“, соопштија од Општината.
По фрлањето на светиот крст, Општина Крива Паланка организираше заедничка празнична прослава. За присутните беа бесплатно поделени над 4.000 порции пивтија, топли пијалоци и скара на жар, а беше организирана и музичка програма. Празничниот ден беше збогатен со настапот на Ленче Кукиќ.
„Нека светите води ни донесат здравје, мир и благосостојба во секој дом“, порача градоначалникот Сашко Митовски.
Македонија
Филипче го честита празникот Богојавление – Водици
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче го честита денешниот празник Богојавление – Водици.
„Го честитам големиот празник Богојавление, Бог се роди, во мое лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. На момчето коешто и годинава исто како и лани го фати крстот, му посакувам многу успех и среќа оваа година. Тоа што скокна во ладните води на Охридското езеро е доказ за една голема храброст, голема умствена и телесна сила“, рече Филипче од Охрид.

