Свет
САД се „во рана фаза“ од преговорите за селење на амбасадата во Ерусалим
Белата куќа објави во неделата дека е во рана фаза разговорот за исполнувањето на ветувањето на новиот американски претседател Доналд Трамп за преселувањето на амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим, чин кој секако ќе го предизвика гневот на арапските сојузници.
„Се наоѓаме во почетните фази од разговорот за таа тема“, изјави портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.
Американската амбасада во Израел се наоѓа во Тел Авив, како и на повеќето други земји.
Палестинците посакуваат Ерусалим, особено источниот дел кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година, тој да биде главен град на нивната идна држава. Додека Израел повеќепати истакна дека го смета за своја „историска, вечна и неделива“ престолнина. И двете страни за тоа наведуваат библиски, историски и политички аргументи.
Доналд Трамп, во својата претседателска кампања критикувајќи ја политиката на администрацијата на својот претходник Барак Обама кон стратешкиот сојузник Израел, меѓу другото рече дека ќе ја дислоцира амбасадата на САД во оваа земја од Тел Авив во Ерусалим. Во неделата беше најавен негов телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Според коментаторите, секоја одлука со која двете страни во мировните преговори ќе сметаат дека ја нарушува состојбата на статус-кво, може да предизвика незадоволство кај арапските американски сојузници на Блискиот исток, како што се Саудиска, Арабија, Јордан, Катар или Египет. САД во моментов се потпираат на овие земји во борбата против џихадистичката организација Исламска држава, која новиот американски претседател ја нарече приоритет за неговата администрација.
Американскиот Конгрес во 1995 година изгласа закон со кој Ерусалим го нарекува главен град на Израел и одредува дека тој не смее да биде поделен. Меѓутоа, досега и републиканските и демократските претседатели откако доаѓаа на власт ги користеа своите овластувања за да ја задржат американската амбасада во Тел Авив и ги поткрепуваа преговорите за Ерусалим меѓу Израел и Палестинците./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсен уште еден осомничен за терористичкиот напад во Москва
Уште едно лице е уапсено во врска со терористичкиот напад на градското собрание Крокус во Москва на 22 март, соопшти денеска за „ТАСС“ портпаролот на полицијата.
„Уапсен е уште еден потенцијален осомничен во случајот со терористичкиот напад на Крокус. Инспекторите ја испитуваат неговата улога во тој напад“, изјави претставник на полицијата.
Полицијата уапсила државјанин на Таџикистан. Досега во врска со случајот се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица извршители на нападот.
Според последните податоци, во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва загинале 145 лица.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.