Вести
Џихадистите обезглавија уште еден британски заложник
Џихадистите на Исламската држава IS во петок објавија ново видео на кое е прикажано обезглавување на Британецот Ален Хенинг.
Исламската држава IS ја презеде одговорноста за обезглавувањето на британскиот државјанин Ален Хенинг (47), заканувајќи се дека следниот заложник кој ќе го погубат ќе биде Американецот Питер Кесиг (26).
Ова е четврти пат џихадистите на брутален начин да убијат заложник, а снимката да ја објават на Интернет.
Двајца американски извори потврдиле за западните агенции дека Питер Кесиг, поранешен американски војник кој служел во Ирак, е во рацете на џихадистите.
Маскираниот џихадист во новото видео му порачал на Обама дека IS ќе продолжи со убивањето затоа што американскиот претседател започнал воздушни напади врз Сирија.
Самиот чин на отсекување на главата на Хенинг не е прикажан, но сè останато е направено на ист начин како и во претходните три егзекуции, на двајца американски новинари и еден британски хуманитарен работник.
Хенинг инаку бил возач на хуманитарен конвој кој тргнал кон Сирија за пружање помош на цивили и бил киднапиран набргу по преминувањето на турско-сириската граница, на крајот на декември. На почетокот на неделава неговата сопруга Барбара во телевизиско обраќање ги замоли џихадистите да го ослободат. И десетици муслимански водачи во Велика Британија апелирале да се ослободи.
Премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон во петок вечер, по објавување на снимката, рекол дека убиството на Хенинг го покажува варварството на припадниците на IS, пренесува Reuters.
„Моите мисли и молитви вечерва се со сопругата на Ален, Барбара, нивните деца и сите кои го сакаа“, рекол Камерон.
Алан заминал во Сирија, како што рекол Камерон, за да им помага на луѓето од сите вери.
Тој ветил дека ќе направат сè што можат за да ги најдат убијците и да ги изведат пред лицето на правдата.
Британскиот Форин офис соопшти дека работи на проверка на автентичноста на снимката и дека, ако се потврди, ова ќе биде уште едно стравично убиство.
Велика Британија им помага на САД со логистика и разузнавачки податоци во борбата против Исламската држава, а од неодамна учествува и во воздушните напади во Ирак.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.