Македонија
Левица: Стан во Центар од 1 денар, куќа од 28 денари, еве што пријавиле функционери од ВМРО-ДПМНЕ

Левица најостро ја осудува праксата на непрофесионално и паушално пополнување на анкетните листови за имотна состојба од страна на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го тоа флагрантно потценување на законските обврски и грубо поткопување на транспарентноста и интегритетот на јавните функции.
Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, функционерите се должни до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да достават анкетни листови, односно детално да го пријават својот имот и имотот на нивните семејства, како и секоја промена која ќе настане за време на нивниот мандат. Сепак, и без да се познаваат личните финансиски прилики на функционерите на ДПМНЕ, јасно се забележуваат бројни паушални податоци, неправилности и несоодветно исполнување на законската обврска.
Според јавно достапните податоци, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, има пријавено пет недвижнини. Помеѓу нив се издвојува неговиот стан во Банско, како и: стан во Карпош од 38 квадратни метри со вкупна вредност од 2,39 денари; куќа во Габрово со површина од 315 квадратни метри со вкупна вредност од 28 денари и двор од 44 квадратни метри со вкупна вредност од 1,5 денари, сето тоа на име на неговиот брачен другар. Дополнително, брачниот другар поседува и стан во Карпош од 55 квадратни метри вреден 3,5 денари.
Пратеничката од ДПМНЕ, Бети Стаменкоска – Трајкоска, и покрај тоа што пријавила кредит, како сопственик се јавува само на акции стекнати уште во 2005 година во Стопанска банка, Макстил и ЗК Пелагонија. Следејќи го примерот на нејзините родители кои исто така поседуваат голем имот во акции, таа има пријавено три моторни возила, сите на име на нејзиниот брачен другар. Недвижниот имот е на име на нејзините родители, а пријавила и градежно земјиште од 134 квадратни метри во вредност од 0 денари. Иако според законите е должна да пријави целиот имот на нејзиното семејство, нема податоци за банкарски сметки.
Пратеничката Иванка Василевска, пак, во својот анкетен лист навела дека поседува стан во Центар со површина од 99 квадратни метри и вредност од само 1 денар.
Во вакви услови се поставува логично прашање: зошто ДКСК го толерира ова флагрантно непочитување на законските обврски? Отсуството на сериозна проверка и адекватно постапување од страна на ДКСК не само што ја поткопува довербата во институциите, туку ја охрабрува и понатамошната пракса на прикривање на реалниот имот на носителите на јавни функции. Корупцијата не се спречува со затворање на очи пред ваквите манипулации, потенцира Левица.
Партијата најавува дека во наредниот период јавно ќе ги објавува сите неправилности и забелешки поврзани со пријавениот имот на носителите на јавни функции, со цел да ја поттикне ДКСК на соодветно постапување.
„Бараме итна ревизија на анкетните листови на сите функционери и процесуирање на сите кои со неточни или лажни податоци ја изигруваат законската обврска!“, се наведува во реакцијата на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.