Свет
Хаос во Берлин: 90 повредени на техно забава, 400 лица побарале помош

За време на техно забавата наречена „Rave The Planet“ во Берлин се случија голем број инциденти, во кои беа повредени 89 лица, соопшти градската противпожарна служба, додавајќи дека 69 учесници се хоспитализирани, додека неколку лица се здобиле со животозагрозувачки повреди.
Медицинските екипи им укажале помош на околу 400 лица за време на оваа масовна забава на дожд, а како што е наведено, повеќето од повредите биле предизвикани од прекумерна консумација на алкохол и дрога, објави денес германскиот весник „Билд“.
„Имало неколку сериозни повреди, а меѓу повредените имало и такви чиј живот бил во опасност“, изјавил портпарол на противпожарната служба, без точно да прецизира за какви повреди станува збор.
Извори од противпожарната служба во Берлин изјавиле за весникот „Билд“ дека за настанот се распоредени речиси сите достапни итни ресурси во градот.
„Не можете да се потпрете само на пожарникарите секоја вечер од 22 часот па натаму. Без помош на волонтерски единици, би било тешко да се справите со целата ситуација“, соопшти противпожарната служба.
Според организаторите, на настанот, кој траел до доцна навечер и покрај дождливото време, присуствувале околу 200.000 луѓе во берлинскиот Тиергартен.
Сепак, полицијата соопшти дека бројот на учесници надминал 100.000.
Според „Билд“, минатата година на оваа техно забава присуствувале околу 300.000 луѓе, а биле повикани околу 600 служби за итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан до Западот: Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја веќе три и пол години ја плаќа цената на војната во Украина, и покрај тоа што, како што рече, „тоа не е нашa војна“.
Тој нагласи дека западните лидери се обидуваат уште подлабоко да ја вклучат Унгарија во конфликтот, но дека Будимпешта ќе продолжи да се спротивставува.
„Ќе го браниме нашиот народ, нашата слобода и ќе тежнееме кон мир,“ порача Орбан преку платформата Икс.
Тој додаде дека Европската унија е создадена да им служи на суверените нации, а не да владее со нив. „Брисел не ја контролира Унгарија. Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ. Време е работите да се исправат,“ изјави Орбан.
Свет
Се откачи жичница во Русија, повеќе од 30 евакуирани, има загинати

На планината Елбрус, во руската република Кабардино-Балкарија, се случи несреќа со жичница при што загинаа три лица, а повеќе од 30 беа евакуирани, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, загинале жител на Кабардино-Балкарија, жена од Дагестан и маж од Москва. Несреќата настанала кога сајлата излетала од валјак на еден од носачите.
Во моментот на инцидентот, на жичарата имало 37 луѓе, од кои 35 биле успешно евакуирани.
Свет
Поранешен израелски началник: Во Газа се убиени или повредени над 200.000 Палестинци

Поранешниот началник на израелската армија, Херци Халеви, изјави дека во војната во Газа се убиени или повредени над 200.000 Палестинци – повеќе од 10 отсто од населението.
Оваа проценка е блиска до бројките што редовно ги објавува Министерството за здравство во Газа, кои Израел често ги оспорува, иако меѓународните организации ги сметаат за доверливи. Според официјалните податоци, од 7 октомври 2023 година досега се убиени 64.718 луѓе, а повредени се 163.859.
Халеви нагласи дека „ова не е нежна војна“ и дека армијата делува „без ракавици“ уште од првиот ден, но инсистираше дека Израел постапува во рамки на меѓународното хуманитарно право. Тој додаде дека правните советници никогаш не ја ограничувале израелската војска во одлуките за операциите во Газа.