Регион
Б92: ЕУ со нови услови за Србија?
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ смета дека не е ништо ново тоа што пред Србија, кога и да исполни еден голем услов во приближувањето кон Европската унија (ЕУ), се поставуваат нови и потешки услови, пишува Б92.
Претседателот на собраниската комисија за евроинтеграции, Александар Сениќ, изјави дека не постојат дополнителни услови, за какви што говори Дачиќ, и дека Србија треба да се држи до својот европски пат.
Дачиќ, исто така, додава дека бил погрешно цитиран од српските медиуми кои ја објавија неговата наводна изјава дека „дури и Србија да го признае Косово, таа сепак нема да биде примена во ЕУ“.
На прашањето да ја искоментира изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ дека „доколку Србија го признае Косово, за еден месец ќе влезе во ЕУ“, Дачиќ одговора дека „нема, поради тоа што секогаш ќе постојат некои нови услови“. „Чекајте, јас одговорив на прашањето дали за месец Србија ќе влезе во ЕУ“, објасни српскиот министер за надворешни работи.
Тој, сепак, не демантира дека пред Србија се поставуваат нови услови, кои ги нарекува движечки цели. Дачиќ прашува зошто сега се говори за 11-те точки утврдени од германскиот парламент, кога со Србија беше договорено дека за отворање на поглавјата од пристапните преговори, најпрво е неопходна имплементација на Бриселскиот договор.
„Јас го потпишав Бриселскиот договор. Каква врска има мостот во Косовска Митровица и Паркот на мирот со Бриселскиот договор? Како е тогаш услов за отворање на поглавјата имплементацијата на Бриселскиот договор? Не е! Тогаш кажеште дека условот не е само Бриселскиот договор, туку и дополнителните точки. Тоа е чесниот однос кој го бара Србија. Јас имам право да го кажам ова бидејќи сум министер за надворешни работи на Србија, а не претставник на ЕУ“, наведува Дачиќ.
„Мислам дека нема никакви нови услови. Претпоставувам дека давањето вакви изјави е седење на две столици, па кога нас двете столици ќе ни се тргнат, тогаш некој друг е виновен“, изјавил претседателот на собранискиот одбор за евроинтеграции, Александар Сениќ.
Шефот на собранискиот комисија за Косово, Милован Дрецун, пак, смета дека Србија, како членка на ЕУ, е во интерес на Западот и тоа е главната потпора на Балканот, но не ја исклучува можност за дополнителни притисоци.
„Во таа смисла постојат граници до кои Србија може да ги прифаќа новите барања. Преку тие граници директно се нарушуваат нашите витални национални и државни интереси. И не може ниедна сериозна влада да оди самата против себе“, истакнува Дрецун.
И покрај додавањето новите услови, што според зборовите на шефот на српската дипломатија Дачиќ, не е чесен однос кон Србија, во интерес на земјата е да стане членка на ЕУ, заклучува Б92./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.
Регион
Косово доби нова влада, Курти повторно е премиер
Парламентот на Косово ја изгласа новата влада, повторно предводена од премиерот Албин Курти, по повеќе од една година политички ќорсокак во најмладата земја во Европа.
Новата влада на Курти беше потврдена со 66 гласови „за“ во парламентот со 120 места. Неговата партија „Ветевендосје“ (Самоопределување) освои 57 места на декемвриските избори, а тој успеа да добие поддршка од неколку мали партии на етничките малцинства.
Новата влада се соочува со итни задачи за одобрување на буџетот за 2026 година и обезбедување меѓународни заеми и пакети за помош во вредност од стотици милиони евра, пишува Ројтерс.
„Во следните четири години, ќе ги зајакнеме сојузите и ќе инвестираме една милијарда евра во одбрана“, им рече Курти на пратениците пред гласањето.
„Ќе ставиме во употреба фабрика за муниција, ќе ја развиеме воената индустрија на Косово и ќе произведуваме домашни борбени беспилотни летала.“
Земјата со 1,6 милиони луѓе одржа предвремени избори во декември 2025 година по неубедливите резултати во февруари.
Курти кратко беше премиер во 2020 година, сè додека не беше изгласан за разрешување од функцијата. Потоа беше премиер од 2021 до 2025 година, а изминатата година ја помина водејќи привремена влада.
Косовскиот парламент сега мора да избере и нов претседател до 5 март, процес што ќе се покаже како предизвикувачки бидејќи бара двотретинско мнозинство. Без таква поддршка, на Курти ќе му биде потребна поддршката од опозицијата или ќе се соочи со уште едни предвремени избори, објави Ројтерс.

