Европа
Грците на предвремените избори одлучуваат за иднината на земјата
Коалицијата на радикалната грчка левица Сириза е најголемиот фаворит на грчките предвремени парламентарни избори кои се одржуваат во неделата, бидејќи, судејќи според истражувањата на јавното мнение, Грците најверојатно се подготвени да ризикуваат со промените, но аналитичарите предупредуваат дека таквиот избор би можел да предизвика несигурност, па дури и неликвидност на државата.
Грците во недела излегуваат на предвремените избори за иднината на земјата, изјави премиерот на заминување Антонис Самрас, на собирот на неговите приврзаници на спортскиот стадион во Каламати, неговиот роден град на Пелопонез. Самарас, кој ја води конзервативната Нова демократија беше под голем притисок последните денови од кампањата дека мора да го победи 40-годишниот Алексис Ципрас, водачот на Сириза, бидејќи според последните анкети, левата коалиција води со предност меѓу 6,5 и 10 отсто. Сепак, Самарас изјави оти се надева на победа сметајќи дека во последен момент 14-те отсто од неодлучени во анкетите ќе го дадата својот глас за продолжување на неговите политики.
Освен Сириза којашто води во анкетите со 35 отсто и Нова демократија чиј рејтинг најмногу се искачува до 29 отсто, шанси за влез во парламентот имаат и од неодамна основаната партија То Потами (Реката), којашто ја води телевизискиот новинар Ставрос Теодоракис, а е прифатлива и за десните и за левите избирачи разочарани од традиционалните партии, и е трета во анкетите со 5,4 отсто од гласовите.
Следи со 5,3 отсто неонацистичката Златна зора, чиј симбол е сличен на нацистичката свастика, а раководството ја водеше кампањата од затвор. Сите други партии, инаку, одбиваат секаква соработка по изборите со неа. На мајските избори за Европскиот парламент таа изненади освојувајќи 9,4 отсто од гласовите.
Некогаш големата партија во грчката политика, социјалистичкиот Пасок, кој е малцински партнер во владата на Самарас, падна на 5,2 отсто поддршка, и тоа во последните денови од кампањата, додека претходно се движеше околу 3 процента. Пред шест години оваа партија на изборите освои 44 отсто. Нејзиниот лидер Евангелос Венизелос беше еден од клучните преговарачи со меѓународните кредитори.
Бидејќи изборниот праг во Грција изнесува 3 отсто, анкетите има даваат надеж за влез во парламентот и на комунистите кои одбиваат секаква соработка со Сириза, Движењето на демократските социјалисти, новоформираната партија на поранешниот премиер Јоргос Папандреу кој излезе од Пасок, и популистичката партија Независни Грци.
Сириза според некои прогнози , би освоила 36 отсто од гласовите, на работ од целосна победа. Победничката партија добива бонус од 50 мандат во 300-члениот парламент, за да се осигури постабилно владеење и формирање влада. Бројката гласови неопходни за апсолутна победа зависи од делот на гласовите којшто ќе го добија партиите кои нема да го минат изборниот праг.
Сириза, којашто својата кампања ја водеше под мотото „Доаѓа новата надеж“, вети дека преку преговори ќе договори нови услови за грчката програма за штедење која во замена за спасоносните заеми ги диктираат тројцата меѓународни кредитори, Европската централна банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд, како и дека ќе инстистира на отпис на голем дел од грчкиот долг од 320 милијарди евра, односно 170 отсто до бруто домашниот производ (БДП).
Ципрас ветува и зголемување на јавната потрошувачка, укинување на строгите мерки за штедење, поголеми пензии и поголема минимална плата, поништување на многу структурни реформи и воведување на данок за богатите, како и запирање на процесот на приватизација на државната сопственост. Неговите ветувања имаат добар одек, бидејќи мнозинството Грци се мачат со долготрајните штедења и кастрења, а во мнозинство се согласуваат и на излегување од еврозоната, што би можело да се случи доколку Атина не постигне договор со Брисел за отпишување на долгот а ќе ја изгуби можноста да ги сервисира своите обврски.
Поддршка на Сирза ѝ дадоа јавно и десетици светски интелектуалци, како Ноам Чомски, Славој Жижек, Кен Лоач, Тарик Али, Терезе Форкадс.
„Очекувам јасна победа на Сириза“, вели Јоргос Цогопулос, аналитичар во Еленската фондација за европска и надворешна политика.
Меѓутоа Сириза веројатно нема да освои апсолутно мнозинство во парламентот со 300 мандати, и ако релативниот победник на изборите добива плус 50 пратенички мандати.
„Ципрас ќе мора да влезе во тешки преговори со помалите партии, доколку сака да формира коалициска влада, којашто, пак, ќе мора брзо да создаде заедничка платформа за договор со тројката кредитори“, додава Цогопулос. Многумина предупредуваат дека доколку Ципрас не успее во тоа, Грција многу брзо ќе мора да организира нови избори. „Тоа е сценарио коешто никој не го посакува во Грција“, тврди аналитичарот.
Самарас предупредува дека Сириза ќе предизвика конфронтација со европските партнери на Грција и ќе го загрози грчкото место во еврозоната. Според оние коишто се наклонети кон Нова демократија, последната работа што ѝ е потребна на земјата е конфронтација со ЕУ, и затоа според нив Атина „мора да го следи логичниот пат на заздравување, додека бунтовничката политика на Сириза е погубно за земјата“.
Грција ризикува да остане без пари околу средината на годинава, доколку извештајот за напредокот во исполнувањето на реформските услови не биде завршен до крајот на февруари. Министерот за финансии Гикас Хардувелис предупреди дека земјата може да не ја прими траншата од 7,2 милијарди евра доколку не бидат исполнети условите на кредиторите.
„Една од првите работи коишто ќе мора да ги стори новата влада е да побара техничко продолжување на роковите или земјата ќе остане без пари“, заклучува Цогопулос. Ципрас, пак, смета дека тој рок за изготвување на извештајот е пролонгиран до Јули.
Во Европа постои релативно голем спектар на мислења по прашањето за можната победа на Сириза, и како да се реши проблемот со долгот на Грција во иднина. Христос Катсиулис, шеф на грчката филијала на Фондацијата Фридрих Еберт, за германското радио Deutschlandradio Kultur изјави дека Европа мора да ги ревидира своите барања од Грција. „Додека Европа очекува Грција на крајот да ги реализира реформите, Грците од своја страна очекуваат Европа да ги измени рамковните услови за на процесот на реформите да му даде нов импулс“, смета.
Советникот во Сириза за економски прашања Јанис Милиос вели дека меѓународните кредитори мора да го отпишат грчкиот долг. Во интервјуто за грчкиот весник Neue Zürcher Zeitung тој нагласи дека по Втората светска војна на Германија ѝ бил отпишан повееле од половината на надворешниот долг. „Тоа отпишување доведе до тоа Германија да може да го создаде економското чудо„, вели Милиос, дека сега Атина очекува солидарноста, особено од Берлин.
Значајноста на неделните избори во Грција „не е возможно да се одреди“, бидејќи по пребројувањето политиката и самата земја, и целата Европска унија „веќе никогаш нема да бидат исти“, изјави за британската телевизија Sky News, истакнатиот во Велика Британија економист од грчко потекло, универзитетскиот професор Тео Пападопулос. Повеќето членови на Сириза не сакат да се откажат од заедничката валута, иако партијата повеќепати навестуваше дека „нема да се држи до еврозоната по секоја цена“. Според експертот, таквата „двојна“ позиција на Сириза ѝ дава „многу добри шанси“ во предвечерјето на преговорите со „тројката“, „Точно од овие констатации и ќе зависи како ќ ја гледаме европската економска политика во блиска иднина“, уверен е Пападопулос.
Константинос Цукалас, грчки интелектуалец, социолог и универзитетски професор во интервју за парискиот весник Le Monde го изразува своето мислење дека Грција ја очекува вистинска катастрофа, доколку левите сили не победат на изборите. Нарекувајќи ги мерките што на Грција ѝ ги наложи „тројката“ странски кредитори „катастрофични“, Цукалас изразува надеж дека победата на коалицијата на радикалните сили „ќе ги тргнат челниците на Европската унија да се преслушаат за барањата од оние кои навистина сакаат промена“.
Грчкиот претставник во Организацијата за економска соработка и развој (ОECD), Георгиос Превелакис, вели дека „не постои чудо за излез на Грција од кризата“. „Веројатно од ќе може да се постигне подобруваа на ситуацијата за некои сегменти од населението, но главниот предизвик ќе биде како да се осигури економски раст, индустриско производство во земјата. За тоа се неопходни реформи, но тие може да дадат видливи резултат не многу скоро“, смета.
Членот на Управниот одбор на Европската централна банка, Ив Мерш, во текстот објавен на интернет изданието на германскиот весник Neue Zürcher Zeitung, инстистира на тоа дека Грција мора да продолжи да вложува напори за спроведување на реформите во рамките на обврските кои ги зема врз себе пред меѓународните кредитори./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.
Европа
(Видео) Трагедија во Турција: куп снег падна од покрив и усмрти 21-годишна девојка, несреќата снимена од безбедносни камери
Невидена трагедија се случи во турскиот град Битлис, кога куп снег падна од покрив и уби девојка.
Трагедијата се случи во вторник, 6 јануари, кога снег од покривот падна врз 21-годишната Ајше Идер додека одеше по тротоарот, објавија турските медиуми.
Ајше Идер беше тешко повредена во инцидентот, а снегот се натрупа врз неа двапати, соборувајќи ја на земја. Минувачите веднаш истрчаа да ѝ помогнат, дури и ризикувајќи го сопствениот живот кога снегот падна на земја по трет пат.
📹Bitlis'in Tatvan ilçesinde çatıdan düşen kar ve buz kütlesinin altında kalan 21 yaşındaki Ayşe İder hayatını kaybetti https://t.co/Bcs5z4BaDF pic.twitter.com/4rqQ9yeEvi
— Habertürk (@Haberturk) January 6, 2026
Младата девојка, на која ѝ беше укажана прва помош од медицински екипи испратени на местото на настанот, а потоа однесена во државната болница Татван, не можеше да се спаси. И покрај сите напори им подлегна на повредите.
Инцидентот, кој беше снимен и од безбедносните камери, и смртта на младата девојка, која се подготвуваше за приемен испит на универзитет, предизвикаа голема тага во округот Татван. Телото на Ајше Идер, кое беше преземено од болницата наутро, беше погребано на гробиштата Кучукшу.
Европа
(Видео) Силна бура ги погоди Франција и Велика Британија, објавени се снимки
Силни ветрови ги погодија Франција и Велика Британија денеска, додека бурата Горети ја зафати северна Европа, оставајќи стотици илјади домови без струја. Во Франција, околу 380.000 домови останаа без струја, главно во регионите Нормандија и Бретања, соопшти снабдувачот со електрична енергија Енедис.
Налети на ветер од над 150 км/ч беа регистрирани преку ноќ во северозападниот француски регион Манш, со рекордни 213 км/ч во Барфлер, а железничкиот оператор SNCF ги прекина железничките услуги помеѓу Париз и регионот Нормандија.
Во Велика Британија, 57.000 домови останаа без струја, според National Grid, откако бурата Горети донесе повеќе снег во земјата по една недела студено време. Се очекува стотици училишта да бидат затворени низ Шкотска и делови од централна Англија, кои беа особено погодени од бурата Горети.
Железничките оператори во тој дел од Англија ги предупредија патниците да не патуваат, а некои услуги се прекинати.

