Скопје
Нови урбанистички планови во Општина Илинден

Општина Илинден во текот на овој месец интензивно работи на донесување на нови урбанистички планови за населените места Илинден, Марино и Кадино, со важност во наредните 10 години, со вкупна површина од 700 хектари.
Правилното урбанистичкото планирање на просторот ќе придонесе граѓаните да можат да ги прибават потребните одобренија за градење за доградби, надградби, реконструкции на своите објекти, како и вклопување на веќе легализираните објекти. Урбанизацијата ќе овозможи и формирање на нови економски зони за привлекување на домашни и странски инвестиции, со што директно ќе се влијае во интензивирањето на локалниот економски развој и отворање на нови работни места.
Од вкупната површина на Општината од 106,7 километри квадратни, со урбанистички планови е опфатена површина од 16,5 милиони метри квадратни, од кои 10,5 милиони метри квадратни индустриски зони, со искористеност од 91 % од површината.
Во моментот за урбанистичкиот план за Кадино со пвршина од 135,50 хектари се спроведува јавна анкета по која ќе се изврши усвојување и спроведување на планот.
За населеното место Марино урбанистичкиот план со површина од 204 хектари е во фаза на негово утврдување и одобрување од страна на Советот на Општината, по што ќе се спроведе јавна анкета и презентација на планот пред граѓаните.
Урбанистичкиот план за населба Илинден со површина од 360,50 хектари е поставен на јавен увид на граѓаните, со цел тие да го дадат своето миослење за истиот.
„Општина Илинден ги повикува сите учесници во локалната заедница да дадат сопствени мислења и предлози со кои ќе дадат придонес во квалитетното просторно планирање и имплементирање на визијата за развојот на општината во наредните 50 години. Само со максимално учество на граѓаните во планирањето може да се изврши квалитетно организирање на просторот“, велат од општината.
Новите урбанистичките планови граѓаните можат да ги видат во просториите на Општината, во Домот на култура „Илинден“-за населба Илинден, во Домот на култура „Кадино“-за н.м. Кадино, во Средното општинско стручно училиште „Илинден“- за н.м. Марино и на веб страницата на Општина Илинден www.ilinden.gov.mk
Сите заинтересирани граѓани и стопанственици кои што се опфатени со урбанизацијата во овие населени места можат да достават писмени забелешки, предлози и мислења на анкетни листови, своите сугестии можат да ги искажат и на директниот телефонски број 2571-703, на општинските меилови [email protected], [email protected], [email protected], [email protected], а сопствени коментари можат да дадат и на веб страната на општината. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: „Горан е тука“ – в недела заеднички го одбележуваме роденденот на Горан Стефановски

Општина Центар информира дека во недела, 27 април во 12.00 часот, во Дебар маало, кај спомен-клупата посветена на големиот драмски автор Горан Стефановски ќе се одржи настанот „Горан е тука“, по повод неговиот 73-ти роденден. На местото каде во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски ќе се соберат да му оддадат почит.
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакнува дека на одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“, ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ. Со свои настапи ќе се приклучат и пријатели од младоста, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, а Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
„Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука“, вели Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.
Македонија
Заврши проектот за скрининг на тироидната жлезда кај учениците во деветто одделение во општина Аеродром

Успешно заврши проектот за скрининг на тироидната жлезда кај учениците од деветто оделение во сите основни училишта во општина Аеродром, известуваат од Општината.
„Станува збор за прв ваков скрининг во Македонија, што се спроведе изминатите неколку месеци по иницијатива и од страна на специјалистите во оваа област, д-р Синиша Стојаноски и д-р Невена Маневска.
Огромна благодарност до нив, кои изминтиот период неуморно работеа и ги посетија сите основни училишта, при што извршија скрининг на тироидната жлезда кај тинејџерите, што секако наиде на одобрување и соработка од страна на родителите. За реализацијата на овој обемен проект помогнаа општествено одговорните компании БИ-МЕК и „Рагуза груп“.
Општина Аеродром е прва општина во земјата што спроведе ваков вид превентивни прегледи за што се надеваме дека ќе прераснат во редовна практика не само кај нас туку и во други општини.
Грижата за нашите деца и за нивното здравје е наш врвен приоритет и Општина Аеродром останува отворена за соработка со сите што покажуваат интерес за создавање подобро утре за младите генерации“, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.
Македонија
Пуштено во употреба детско игралиште во Илинден

Општина Илинден континуирано работи на урбанизација на сите населени места. Овој пат, најголема насмевка на лицата имаа најмалите жители на населеното место Илинден, кои добија ново детско игралиште. Ова спортско-рекреативно катче се наоѓа во Илинден, близу новото подрачно основно училиште, соопшти Општината.
Поставено е на изградена бетонска плоча, врз која се поставени гумени плочки. Во рамки на детското игралиште има реквизити: комбинирана лизгалка, двојна лулашка, единечна клацкалка и други разни детски фигури. Игралиштето е оградено со ограда во вид на моливи. Исто така, поставени се и павер елементи и осветлување, како и клупи и корпи за отпадоци, кои се неопходен и неизоставен дел за уредување и одржување на просторот.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на детското игралиште и истакна дека освен во просторната урбанизација, ова игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители.
Новите детски игралишта претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места, соопшти општина Илинден.