Свет
Сириските Курди тргнуваат во офанзива на Рака, владините сили напредуваат во Алепо
Милицијата на сириските Курди Единици за заштита на народот (YPG) објави соопштение во средата дека ги повлекувал своите сили од градот Манбиџ за да ги вклучи во офанзивата за ослободување на градот Рака, кој е упориште на екстремната сунитска групација Исламска држава на сириска територија, а истовремено армијата на владата во Дамаск објави дека води жестоки борби со милитантите во кои напредува за контрола над областа Бустан ал-Паша на северот од Алепо.
Специјалниот американски претставник Брет Мекгарк за Reuters ја опишува офанзивата на Рака како „пресвртница“ а на Twitter објави дека единиците YPG ќе го напуштат Манбиџ штом ќе заврши тренингот на локалните војници за да ја преземат одговорноста за одбрана на градот од џихадистете на Исламската држава.
Турција, меѓутоа, повторно повика единците на YPG, да се повлечат источно од реката Еуфрат. Официјална Анкара ја смета милицијата на сириските Курди за блиска на забранетата во Турција Работничка партија на Курдистан (PKK), прогласена за терористичка организација и од ЕУ и од САД, и против која повеќе од три децении води борби на југоистокот од земјата.
Турција жестоко се противи YPG да учествува во борбите за Рака, и нејзината интервенција на сириска територија беше всушност делумно со цел и да се спречат сириските Курди да ја прошират територијата под своја контрола по должина на турската граница.
Армиски извори за агенцијата РИА рекле дека во средата владините сили преземале напад врз позициите на милитантите, кои држат под своја контрола значителна дел од градот. Жестоките судири избувнале истовремено во неколку квартови, вклучително и во централната населба ал-Џамаија, каде што пред неколку седмици исламистите го нападнаа универзитетскиот кампус со проектили.
Активна поддршка на војската ѝ даваат локалните милиции наклонети на владата во Дамаск, а на напредувањето му претходела артилериски оган врз утврдувањата и артилериските батерии на милитантите, рекол изворот. Според него, информациите од теренот говореле дека, бунтовниците претрпеле тешки загуби во жива сила и борбена техника. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

