Европа
Русија се повлекува од договорот за основање на Меѓународниот суд во Хаг
Русија во средата најави дека ќе го повлече својот потпис од Римскиот статут, договор за основање на Меѓународниот кривичен сид (ICC), забележувајќи ѝ на оваа институција дека не е „навистина независна“ и дека не ги исполнила очекувањата.
„Меѓународниот суд во Хаг не ги оправда надежите кои беа вложени во него, бидејќи не стана вистински независно и авторитативно правосудно тело. Русија константно инсистира злосторниците да излезат пред лицето на правдата. Русија беше еден од креаторите на трибуналот во Нинберг и Токио, и учествуваше во изработката на клучни меѓународни закони за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Ова е причината заради која Русија на 13-ти ноември 2000 година првобитно гласаше за усвојување на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд,“ се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.
Москва во 2000 година го потпиша, но никогаш не го ратификуваше, Римскиот статут од 1998 година за основање на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, суд пред кој ќе им се суди на обвинетите за воени злосторства и злосторства против човечноста.
„Претседателот (Владимир Путин) го потпиша декретот за намерата на Русија повеќе да не учествува во Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд. Судот наскоро ќе биде известен“, се наведува уште во соопштението на руската дипломатија, кое го цитира агенцијата РИА.
„Судот не ги исполни очекувањата, никогаш не беше навистина независен и не го уживаше угледот во меѓународното правосудство. Во четиринаесетте години делување, судот всушност донесе само четири пресуди, потрошувајќи притоа повеќе од милијарда долари“, образложуваат од Москва.
Руската дипломатија му забележува на Хашкиот трибунал дека се занимава со злосторства коишто наводно ги сториле локалните милиции во Осетија и руските војници во текот на војната во 2008 година, кога оваа проруска автономна покраина сакаше да излезе од рамките на Грузија, по што интервенираше воено Москва, а ги премолчува злосторствата на грузиските војници.
„Во такви околности не можеме да зборуваме за веродостојност на Меѓународниот кривичен суд“, истакнува руското министерство за надворешни работи.
„Не бевме членка на Меѓународниот кривичен суд. Го потпишавме Статутот, но не го ратификувавме. Сега го повлекуваме својот потпис и со тоа се ослободуваме од обврските коишто произлегуваат од тој потпис“, изјави за AFP, портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова
САД, исто така, го потпишаа Римскиот статут во 2000 година, но веќе во 2002 година го повлекоа својот потпис. Покрај тоа, во 2002 година беше донесен специјален закон за заштита на американскиот персонал во странство, кој им овозможува употреба на сила за ослободување на секој американски граѓанин или секој граѓанин од земја сојузник на САД кои се во заточеништво на територија која не е под јуриздикција на ICC.
Меѓународниот кривичен суд официјално започна со работа во холандски Хаг во летото 2002 година и стана првиот постојан меѓународен суд, врз основа за договор за тешки кривични злосторства, кои се однесуваат на геноцид и злосторства против човечноста, агресии и воени злосторства. ICC не влегува во структурата на Обединетите нации, но сепак може да покрене дела по предлог на Советот за безбедност на ОН./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ ѝ постави ултиматум на Украина
Киев мора да преземе решителни мерки за гонење на корумпирани политичари и бизнисмени ако Украина сака да се приклучи на Европската Унија, предупреди висок функционер во Брисел. Пораката доаѓа во време кога се зголемува притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски поради растечкиот број обвинувања за корупција што го потресоа неговиот најблизок круг, објавува Политико.
Во интервју за порталот, европскиот комесар за правда, Мајкл Мекграт, изјави дека европските влади нема да поддржат земја-кандидат како Украина да се приклучи на блокот од 27 земји, освен ако не докаже дека има ефикасен систем за искоренување на криминалот во самиот врв на општеството.
Мекграт зборуваше одговарајќи на прашања за заговор за проневера на околу 100 милиони долари од енергетскиот сектор на Украина. Истрагата се проширува за да вклучи и високи функционери блиски до Зеленски и неговата влада. Кратко по изјавите на Мекграт, антикорупциските истражители ги претресоа и канцелариите на еден од најмоќните советници на Зеленски, Андриј Јермак, како дел од тековната истрага. Јермак потоа поднесе оставка.
Обвинувањата доаѓаат во особено чувствително време за Украина, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Зеленски да прифати мировен договор што би можел да бара од него да отстапи територија на Русија. Во исто време, напредокот на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ е забавен од противењето на Унгарија.
Еднакви стандарди за сите
Комесарот Мекграт нагласи дека истите правила важат за сите оние кои сакаат да се приклучат кон Унијата. „Мора да постои робустен систем во секоја земја-кандидат за справување со наводни случаи на корупција на високо ниво“, рече тој. „Мора да имате робустен систем за истраги и на крајот за гонења и пресуди, а докажана евиденција во таа област е нешто што го бараме од сите наши земји-членки, а секако и од оние кои сакаат да се приклучат кон Европската Унија“.
Тој додаде дека „владеењето на правото и судските реформи се во срцето на процесот на пристапување“ и дека ЕУ имала „многу отворен и искрен однос со украинските власти“ во врска со поставените барања. Тој предупреди дека стандардите за владеење на правото мора да ги исполнат сите земји што се приклучуваат. „Ако не ги исполнат, тогаш нема да ја добиете поддршката од земјите-членки на Европската Унија за да продолжите напред по патот на пристапување“, беше јасен.
На прашањето дали Украина прави доволно, Мекграт рече дека верува оти Киев вложува „најдобри напори“ за борба против корупцијата. „Тоа е патување и ние внимателно ги следиме случувањата и остануваме во постојан контакт со украинските власти за прашања што ни доаѓаат до знаење или што се објавуваат јавно“, заклучи тој.
фото: ЕПА
Европа
Протече германски одбранбен план: Подготовка за можен конфликт со Русија
Германија се подготвува за можна војна со Русија со масивен одбранбен план кој предвидува движење на до 800.000 војници на НАТО низ нејзината територија, открива протечен документ на Бундесверот од 1.200 страници. До неодамна таен, таканаречениот Оперативен план на Германија (OPLAN DEU) сега јасно ја дефинира улогата на земјата како клучен центар за одбраната на НАТО во случај на вооружен конфликт, во пристап што потсетува на Студената војна, објавува Euronews.
Планот, изготвен пред околу две и пол години, сега се спроведува „со полна брзина“ поради предупредувањата од германските претставници дека Русија би можела да биде подготвена да нападне членка на НАТО уште во 2028 година. Целта е да се обезбеди брзо политичко донесување одлуки во кризни ситуации и да се овозможи координирано и ефикасно дејствување.
Холистички пристап и современи предизвици
Според документ на Бундесверот, OPLAN DEU е дизајниран да ги усогласи „способностите за ладен старт, борбената подготвеност и отпорноста“ на Германија со денешните безбедносни предизвици. Планот има „холистички пристап“, тесно поврзувајќи ги цивилните и воените функции.
Иако концептот потсетува на стратегиите од Студената војна, тој е ажуриран за да се справи со современите предизвици како што се застарената инфраструктура, бирократските пречки и недостигот на персонал. Имплементацијата на планот може да биде попречена од уривање на мостови, тесни тунели и пропаѓање на пристаништата, како и од ограничени воени капацитети и лоша координација со цивилните агенции.
Вежба „Red Storm Bravo“
Кон крајот на септември, командата на Хамбург ја спроведе вежбата „Red Storm Bravo“ за да ги тестира распоредувањата на трупите. Портпаролот рече дека вежбата вклучувала симулирано пристигнување на силите на НАТО кои се движеле кон исток во колона.
Сепак, конвојот, кој требало да патува без запирање, бил забавен од долги празнини помеѓу возилата, симулиран напад со беспилотни летала и организиран протест, поминувајќи помалку од десет километри за два часа. Протечениот оперативен план забележува дека ваквите вежби покажуваат како дури и основните операции можат да застојат во вистинска криза.
Вклучување на приватниот сектор
За да ги надмине овие предизвици, OPLAN DEU во голема мера се потпира на приватни компании. На пример, Rheinmetall е задолжен за обезбедување привремени кампови, снабдување војници и поставување клучна инфраструктура како што се тушеви, бензински пумпи и теренски кујни. Планот, исто така, ја наведува саботажата на критичната инфраструктура како што се железниците и патиштата како една од најголемите закани.
Затоа, се бара употреба на беспилотни летала за рано откривање и справување со вакви закани. Пол Штробел, портпарол на германската компанија за беспилотни летала Quantum Systems, рече дека беспилотните летала што се продаваат на Бундесверот не смеат да летаат над населени области и мора да бидат законски опремени со позициони светла, што укажува на технички и правни предизвици што сè уште постојат.
Последното лето на мирот?
Германските власти предупредија дека Русија би можела да биде подготвена да нападне членка на НАТО уште во 2029 година, а актите на саботажа и шпионажа се сметаат за можни предупредувачки знаци. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус неодамна изјави за Frankfurter Allgemeine Zeitung дека Русија „брзо ги гради своите арсенали и покрај војната во Украина“.
Писториус, исто така, ја посочи можноста дека нападот врз алијансата би можел да се случи порано. „Воените експерти и разузнавачките служби можат грубо да проценат кога Русија ќе ги обнови своите вооружени сили доволно за да нападне членка на НАТО на исток“, рече тој. „Секогаш сме велеле дека тоа би можело да биде од 2029 година. Сега некои сугерираат дека тоа би можело да се случи уште во 2028 година, а неколку воени историчари дури тврдат дека минатото лето можеби било последното лето на мир“.
фото: ЕПА
Европа
Мерц и Голоб бесни на Орбан: „Тој долго време не игра за европскиот тим“
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го критикуваше патувањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва денес по средбата со словенечкиот премиер Роберт Голоб во Берлин.
„Орбан отпатува во Москва веднаш откако Унгарија го презеде претседателството со ЕУ, и да се потсетиме дека неколку дена подоцна, следеа најтешките руски напади врз Украина. Да се надеваме дека тоа нема да се случи овој пат“, рече Мерц на заедничката прес-конференција по средбата со словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Мерц рече дека Орбан отпатувал во Москва „без европски мандат“ и не „се договорил со нас“.
Голоб рече дека „Орбан одамна веќе не игра во европскиот тим“. „Не очекуваме никаква корист или предност од ова патување. Орбан дејствува во свои интереси“, рече Голоб.
И Мерц и Голоб ја нагласија потребата од брз договор за замрзнатите руски средства во Европската Унија како еден од механизмите за запирање на војната во Украина.
„Мораме да направиме сè што е во наша моќ за да ја запреме оваа војна. А за да го постигнеме тоа, употребата на руски средства е, според мене, соодветен и правилен инструмент“, рече Мерц.
Тој нагласи дека ги разбира резервите на Белгија, каде што се наоѓа компанијата „Еуроклир“ која ги контролира замрзнатите средства на Русија, но нагласи дека решението е сè поитно.
„Аргументите на Белгија ми се јасни, но имаме и добри аргументи“, рече Мерц во врска со разговорите што ги имал со белгискиот премиер Барт де Вевер. Белгија се плаши од одмазда од Москва во случај на употреба на замрзнати руски средства.
фото: ЕПА

