Европа
Германија го заострува законот за азил

Германската влада во вторникот, реагирајќи на рекордниот број бегалци и имигранти, по итна постапка донесе пакет законски промени во врска со односот кон лицата кои поднесуваат барање за азил, со коишто, меѓу другото, се предвидува и строг однос кон економските имигранти, како и за барателите на азил од западен Балкан.
„Германија со месеци е изложена на приливот бегалци кои бараат безбедност пред војната, прогоните. Бројот бегалци е без преседан и за соочување со предизвиците појавени во оваа ситуација, потребно е да се забрза постапката со носење на одлуката за право на азил на поединци. Неопходно е да се поедностави и постапката протерување на лицата на коишто им е одбиено барањето, но и да се отстранат факторите кои водат кон пораст на неоснованите барања за азил“, се вели во предлог законот кој го потпишал германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер од владејачката Христијанско-демократска унија CDU на канцеларката Ангела Меркел.
Предлог законот, кој по итна постапка би требало да мине низ парламентарна постапка, предвидува прогласување на други земји од западен Балкан за сигурни. Покрај Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, во иднина и Албанија, Косово и Црна Гора, би биле дефинирани како земји со ткн сигурно потекло. Тоа овозможува забрзана постапка при решавањето на барањето за азил од лицата кои доаѓаат од споменатите земји, што по правило значи и побрзо одбивање и протерување.
Барателите на азил во Германија во иднина би биле сместени во примарни центри за прифаќање, каде што би ја чекале одлуката по нивното барање за добивање азил и каде што би требало да биде примана исклучиво материјална, а не парична помош како досега. Токму паричната помош се смета за еден од главните поттикнувања за имигрантите, особено од западен Балкан, за доаѓање во Германија.
Од друга страна, на лицата коишто имаат добри изгледи за стекнување право на политички азил би требало да им биде овозможен забрзан пристап до интеграциските курсеви и побрзо вклопување на германскиот пазар на трудот. За квалификуваната работна сила по три, а за неквалификуваната после 15 месеци.
За законот треба да се расправа веќе во четврток во Бундестагот, а се очекува дека на сила може да стапи кон крајот на октомври или почетокот на ноември.
Германската опозиција и хуманитарните организации го критикуваа новиот пакет мерки предложен од коалициската демохристијанско-социјалдемократска влада на Ангела Меркел како „бирократски и неефикасен“. Партијата Зелени на министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер му префрла дека „на мала врата“ го заострил законот за азил.
Од друга страна, пак, некои демохристијански политичари барат дополнителни мерки со коишто би ги намалиле поттикнувањата коишто економските имигранти ги привлекуваат во Германија. Еден од предлозите е и бегалците без шанси да добијат право на азил да се одбиваат и да се протеруваат во нивните татковини уште на самата граница, како што тоа е веќе практика на аеродромите, што во вторникот го предложи и министерот де Мезиер./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Авион со руски туристи принудно слета во Естонија поради украински напад со дронови

Патнички авион што превезуваше руски туристи до Санкт Петербург беше принуден да слета во Естонија вчера по украинскиот напад со беспилотно летало врз Русија.
„Авионот беше пренасочен кон Талин бидејќи не можеше да слета на аеродромот ‘Пулково’ поради неговото привремено затворање“, потврди Маргот Холтс, раководител за комуникации и за маркетинг на аеродромот во Талин.
Во ноќта од саботата кон неделата украински беспилотни летала погодија гасен терминал во регионот Ленинград и рафинерија за нафта во регионот Самара. Извор во Службата за безбедност на Украина потврди за „Киев индепендент“ дека разузнавањето стои зад нападот врз терминалот за течен природен гас во регионот Ленинград.
Авионот, управуван од египетскиот превозник „Ал Масрија јуниверсал ерлајнс“, полетал од Шарм ел Шеик и слетал во Талин во 5.33 часот по локално време. Тој го продолжил своето патување кон Санкт Петербург речиси шест часа подоцна.
Според Холтс, на патниците и на екипажот не им било дозволено да го напуштат авионот додека биле на аеродромот во Талин.
Украинските напади со беспилотни летала, кои сè повеќе го нарушуваат цивилниот воздушен сообраќај во Русија, се дел од пошироката украинска стратегија за поткопување на руската логистика далеку над линиите на фронтот. Во првите месеци од 2025 година украинските напади со беспилотни летала наводно ја принудиле Русија да затвори аеродроми повеќе од 200 пати.
фото: принтскрин
Европа
Украинци: Русите извршија 500 напади врз Запорожје за еден ден

Во текот на изминатите 24 часа, руските сили извршија 500 напади насочени кон 13 населени места во регионот Запорожје, објави на Телеграм Иван Федоров, началник на Воената администрација на Запорожје.
„Руските сили извршија четири воздушни напади врз Билохирија, Полтавка и Червони. Три напади со повеќекратен ракетен систем (MLRS) ги погодија Плавни и Мала Токмачка. Вкупно 327 беспилотни летала (главно дронови FPV) ги погодија Запорожје, Биленки, Плавни, Хулајпол, Шчербаки, Новоданиливка, Мала Токмачка и Чаривно. Исто така, 166 артилериски напади се регистрирани во Плавни, Хулајпол, Орихив, Шчербаки, Преображенки, Новоданиливка, Мала Токмачка и Чаривно“, се вели во соопштението.
Властите добија 19 пријави за штети на станбени згради и помошни згради. Немаше пријави за цивилни жртви.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Патниците врескаат во агонија, трепка црвено светло: пекол на летот за Рим

Патниците врескаа од страв откога силни турбуленции го погодиле летот од Шпанија до Рим принудувајќи го пилотот итно да слета.
Преплашените патници гласно врескаа додека авионот се бореше со силни турбуленции на летот од Аликанте до аеродромот во Рим.
Turbulence caught on camera today on a Wizz Air flight from Alicante to Rome, forcing a diversion to Bologna.pic.twitter.com/sbLjXUp1DH
— The Age Of Genz (@TheAgeOfGenZ) August 21, 2025
Кога авионот изврши итно слетување во Болоња, патниците „му се заблагодарија на Бога што се живи“.
Снимките од кабината го покажуваат авионот како силно се тресе, со светла претежно изгаснати, а црвено светло трепка надвор од прозорецот.
Лошите временски услови во регионот предизвикаа проблеми за авионот додека се обидуваше да слета во Рим.
По неколку обиди за слетување на аеродромот во Рим, авионот беше пренасочен кон Болоња. Таму слетал во 3.53 часот наутро, речиси три часа откога требаше да пристигне во италијанската престолнина.
Патот од Аликанте до Рим обично трае нешто помалку од два часа.