Регион
Во Словенија 2.000 бегалци, Церар пак ја критикува Хрватска

Во Словенија до саботата вечерта според неофицијалните процени на полицијата влегле околу две илјади бегалци и имигранти, од кои некои со автобуси се превезени во прифатните центри, но повеќето во земјата влегле на нелегални премини, преку ткн „зелена граница“.
За оваа граница словенечкиот премиер Миро Церар изјави дека е надворешната граница на Шенгенскиот простор и дека Словенија мора да ја штити, оценувајќи притоа дека Хрватска се однесува некоректно, бидејќи не ја контролира ситуацијата и бегалците од својата територија ги насочува кон словенечката.
„Знаеме дека Хрватска не ја заврши својата задача. Работите ѝ излегоа од контрола, дојде и до насочување на имигрантите и бегалците кон Словенија, што не е коректно“, изјави Церар повторувајќи дека Словенија е обврзана да ја контролира шенгенската граница и преку неа да ги пушта само лицата коишто имаат регуларни документи со шенгенска виза, доколку доаѓаат од трети земји надвор од ЕУ. Тој во Брежице ги пофали полицијата, војската и другите служби како и волонтерите за ефикасното однесување при напливот на бегалскиот бран.
На граничниот премин Ригонце пред граничните рампи и натаму има 350 бегалци кои се надеваат дека ќе им биде дозволен премин на словенечката страна, и дека по нив ќе дојде автобус. Меѓутоа, за тоа има сé помалку веројатност, па имигрантите се подготвуваат ноќта да ја минат под ведро небо или во шатори, информираше Словенечката телевизија.
Според последните информации, во Словенија веќе во повеќе градови и села функционираат десетина прифатни центри коишто и покрај недостатоците, сé подобро се опремуваат.
Во меѓувреме словенечката полиција ја негираше информацијата дека во текот на синоќешниот инцидент на граничниот премин Хармица загинало едно дете, а фрлањето солзавец врз активистот кој преку барикадата сакал да мине во Словенија заедно со бегалците го квалификуваше како издвоен инцидент, тврдејќи дека полицијата солзавецот не го употребила против другите активисти, бегалците и демонстрантите./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.