Политика
ВМРО- ДПМНЕ: Заев знае дека нема поддршка и дека неговата политика ќе биде поразена
Зоран Заев знае дека на граѓаните им е дојдена преку глава кризата што им ја наметна и тие сакаат избори во април и силна посветеност на реформите и проектите со што државата ќе тргне напред, велат во саботата од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на прес конференцијата на лидерот на СДСМ.
„Зоран Заев знае дека нема поддршка и дека неговата политика ќе биде жестоко поразена по десетти пат. Затоа Зоран Заев се плаши од изборите и измислува милион причини како да избега од соочување со народот. Последната сламка во која Зоран Заев гледа спас од излегување на избори е апсурдното барање за нов Законот за медиуми“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев и СДСМ сакаат пресметка со нивните најголеми политички противници, медиумите кои не работат под диктат на Бихаќка. Зоран Заев и СДСМ сакаат Фокус-и кои секојдневно ќе информираат само за проектите на Чауш, произлезени од Фабриката за афери, бидејќи СДСМ нема свои. Тие се за затварање на сите медиуми кои критички ги опсервираат аферите произлезени од Чаушгејт и кои сметаат дека граѓаните не заслужуваат некој да ги лаже и манипулира. Затоа СДСМ сака класична цензура и укинување на слободата на говорот по урнек на Северна Кореја. Затоа СДСМ одбива каков било закон кој е на сила во некоја од земјите членки на ЕУ. Работењето на медиумите во периодот пред претстојните избори е регулирано со Законот за избори. Законот за избори беше поддржан и од СДСМ и обезбедува подеднаква застапеност на сите политички субјекти кои ќе учествуваат на изборите“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека резервната варијанта во која Зоран Заев бара спас од излегувањето на избори е целосно во рацете на СДСМ.
„Прочистувањето на избирачкиот список е во ингеренција на ДИК каде што СДСМ има контрола. Втората најодговорна институција околу изборите, Министерството за внатрешни работи исто така е раководена од генералниот секретар на СДСМ. ВМРО ДПМНЕ апелира Зоран Заев и СДСМ да не прават опструкции при прочистувањето на избирачкиот список како најодговорни за процесот. ВМРО ДПМНЕ ги поддржува напорите на сите други државни институции целосно да ги стават своите капацитети на располагање на ДИК. Формално-правно, државната комисија требаше да биде известена за предвремените избори на денот на распуштање на Собранието на РМ, 24 февруари. ДИК за предвремените парламентарни избори е информирана уште од потпишувањето на договорот од Пржино и донесувањето на Законот за избори каде 24 април е точно наведен како датум за одржување на изборите. Изборниот закон и договорот од Пржино беа потпишани и поддржани и од СДСМ. Објективни причини за бегство од соочување со граѓаните не постојат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека постои само стравот на Заев од казната која следи за неговата деструктивна политика и дека тоа е негов личен проблем, а државата и граѓаните не смее да бидат заложници на ничии стравови./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Чаир: На Македонија ѝ треба обединување и единство, а не поделби, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи 1 милијарда евра за проекти во сите општини
Се чувствува победничка атмосфера и енергија, тоа е важно за сите нас и ни дава мотив да продолжиме посилно да се бориме. Овие денови кои ни преостануваат треба максимално да се мобилизираме, а најновите анкети кои ги добив утрово велат дека ќе биде голема победата и на 24 април и на 8 мај, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Чаир.
Мицкоски истакна дека сега во Македонија имаме политичка гарнитура која повеќе од две децении е на власт, тоа се ДУИ чија суштина се поделби и грабеж на народот.
– Кога ќе анализирате која е суштината на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и останатите, кај нив нема ништо посебно тие само го делат народот по етничка основа и така опстојуваат. Дали некој може да се сети некоја добра работа која Али Ахмети и Артан Груби ја имаат направено, но можам да кажам десетици лоши работи, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека сега ДУИ сериозно ќе бидат изненадени на овие избори, а им се познава нервозата затоа што после 8 мај треба да одговараат за сето она што му го направија на народот, за целиот грабеж.
Мицкоски се осврна на проектите кои ги планира идната влада од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека се планира да се инвестира 250 милиони евра секоја година во општините, 1 милијарда во 4 годишен мандат.
– Во Чаир ќе има висока сума, еден од проектите е проширување на булеварското решение на влезот од Бит Пазар кон Чаир и тоа мора да се направи и го повикувам градоначалникот да се пријави со повеќе проекти. Тоа ќе додаде вредност во квалитетот на живеење. На Македонија и треба обединување и единство не поделба, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да отвори нови 55.000 работни места, да функционира со владеење на правото на целата територија и нема да има територии каде ќе владејат шерифи.
Да обезбедиме пристојни услови за поголем инвестициски бран и од странство и од домашни инвеститори за да може децата да останат тука. Мораме и тие кои си отидоа да ги вратиме назад. Да обезбедиме надеж. Ве повикувам на 24 април сите да се обединиме околу број 2 и да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа да се обединиме и заедно на 8 мај да испишеме историја за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Македонија
Доц. д-р Бобан Карапејовски: Ќе обезбедиме вработување на најдобрите 200 студенти, како и стипендии од 500 евра месечно
Носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1, Бобан Карапејовски на денешната прес конференција рече дека во програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за парламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“ еден од приоритетите се образованието и науката, кои се суштински за градењето силна и просперитетна држава.
„Во Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, предвидовме два сегменти: зголемување на достоинството на вработените во образованието и во науката и поставување нов систем, со кој овој сектор ќе се врати во фокусот и ќе помогне во создавањето функционално писмен и високообучен кадар, како и продлабочување на
научните истражувања“, рече Карапејовски и додаде: „Во однос на првиот постулат, достоинството на вработените во образовниот сектор, е предвидено платите на наставниците и на професорите да се зголемат до 100 % од актуелните. И, тоа е најмалку што можеме да направиме за да му го вратиме угледот на учителот и да ги привлечеме најдобрите да бидат
даскали на нашите деца“.
Тој потенцира дека за најдобрите студенти ќе се обезбедат стипендии во износ од 500 евра месечно, а за најдобрите двесте студенти вработување во научните и во институциите на системот.
„Партиските вработувања мора да запрат! Не смее партиската книшка да биде услов за вработување. На универзитетите и во државните институции треба да работат најдобрите за најдоброто за сите нас. Ни треба научен подмладок веднаш, како и
ревизија на условите и зголемување на квалитетот на акредитираните универзитети, кои се множат на секој чекор, а не даваат квалитет“, рече тој.
Карапејовски рече дека наставните програми и планови ќе се усогласат со модерните технологии и достигнувања и појасни дека ќе се изгради систем што ќе поттикнува креативно, аналитичко и логичко размислување кај учениците, но и ќе поттикнува креативност во областа на бизнисот и на финансиската едукација. Учебниците ќе бидат усогласени со новите наставни планови и програми и напишани од најдобрите автори, навреме доставени до учениците.
Тој исто така рече дека издвојувањата од буџетот за науката ќе се зголемат, а ќе има и посебни стимулации за оние што успеваат да објавуваат во најпрестижните списанија и да соработуваат со колегите од најдобрите светски универзитети, како и посебни субвенции за таканаречните национални дисциплини.
Македонија
Пендаровски: Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека на 8 мај победуваме!
На само неколку дена пред првиот круг на гласање, од Скопје кандидатот за претседател Стево Пендаровски искажа верување дека по повеќе од три децении независност, македонските граѓани многу добро знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме.
„Овој претседател и оваа политичка гарнитура никогаш не давале лажни надежи и ветувања за брза реализација на стратешките цели на државата. И денес пред вас, не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиената држава во Европа, не ветувам дека целиот тој процес ќе трае само неколку месеци, но, говорам и повторувам секаде дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние за кои претходно веќе видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, истакна Пендаровски.
Пендаровски денеска повика на масовна излезност на 24 април и на 8 мај, за како што рече, да не се враќаме во режим.
„Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај. Со заокружување на бројот 1 продолжуваме кон Европа и кон развиениот свет и дефинитивно не се враќаме назад во режим и заробена држава“, рече Пендаровски.