Европа
Украина: Запрена евакуацијата на цивилите од Дебалцево

Евакуацијата на цивилното население од источниот украински град Дебалцево, којашто претходно во петокот беше договорена меѓу силите лојални на празопадните власти во Киев и проруските бунтовници од источна Украина, е прекината поради вина на украинската страна, обвини во петокот попладне Едуард Басурин, заменик командантот на бунтовничките сили чие седиште е во самопрогласената Донецка народна република.
Претходно во понеделникот локалниот командант на проруските милиции, Вјачеслав Аброскин за AFP потврди дека „Се согласивме со примирјето во петок близу Дебалцево поради евакуацијата на цивилите“. Едуард Басурин за агенцијата потврди дека евакуацијата на цивилите започнала во 8 часот наутро по локално време и дека треба да трае до 18 часот. Многумина користејќи го прекинот на огнот со сопствено превоз го напуштиле градот кој последните денови е сцена на жестоки борби.
Населението требаше да биде евакуирано со автобуси во придружба на претставници на ОБСЕ кон Горловка, друго упориште на рускојзаичните бунтовници северно од главниот град Донецк, и кон Артемивск, кој, пак, контрола на украинските безбедносни сили, додаде Басурин.
За агенцијата РИА Новости извори од бунтовничките сили рекле дека претпладнето колона од 40 бегалци од Дебалцево успеала да излезе преку формираниот хуманитарен коридор.
„До местото за евакуација пристигнаа 40 луѓе. Луѓето не дојдоа, бидејќи украинската страна не ги известила дека е можна евакуацијата и на територијата на ДНР (Донецка народна република – з.р.), луѓето ништо не знаат. Кога нашите луѓе влегоа во Дебалцево, имаше провокација, беше отворен оган од центарот на градот“, изјавил Басурин за Донецката новинска агенција.
Во извештајот што попладнето го објави оваа агенција се истакнува дека во моментот колона од 20 празни автобуси се враќаат во насока на Донецк.
Дебалцево е стратешки железнички јазол, еден од најголемите во Украина, и е од регионално значење зашто ги поврзува двата бунтовнички центра Донецк и Луганск. Бунтовничките сили оставија коридор за повлекување на украинските војски кои го контролираат градот од почетокот на нивната офанзива во април 2014 година чија цел беше да ја повратат контролата на Киев на источните региони. Меѓутоа, обвинија дека украинската армија преку тој коридор донела засилување во војници и во техника.
Организацијата Amnesty International претходно седмицава објави дека градот и околината го напуштиле повеќе од 25-те илјади жители на Дебалцево во кој во моментов се проценува дека има меѓу 7 и 10 илјади украински војници. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Хеликоптери летаат низ Шведска, полицијата оди од врата до врата: убиецот е сè уште во бегство

Три лица се убиени во пукотница што се случи вчера во фризерски салон во центарот на Упсала, потврди шведската полиција. Напаѓачот избегал со скутер и сè уште е во бегство.
Пукањето се случило во близина на плоштадот Ваксала, а локалните медиуми објавија дека полицијата опколила голем дел од градот и започнала истрага за тројно убиство.
Сведоците за шведската телевизиска станица ТВ4 изјавија дека сè траело неколку секунди. „Сè се случи многу брзо. Само слушнавте бам, бам, бам“, рече еден очевидец. Друг рекол дека бил дома и готвел кога слушнал „два истрела што звучеле како огномет“, по што улиците биле преплавени со полициски и итни возила кои ги предупредувале луѓето да се засолнат.
Една од жртвите, според информациите објавени од шведската национална телевизија СВТ, била под истрага за наводно подготвување напад врз роднина, водач на банда.
Пукањето се случило вечерта пред прославата на Валпургиската ноќ, традиционален пролетен фестивал кој привлекува илјадници луѓе во Упсала секоја година. Градот во северна Шведска е познат по својот универзитет и бучните прослави во пресрет на Први мај.
Поради инцидентот, железничкиот сообраќај беше привремено запрен за да се спречи евентуално бегство на сторителот, потврди портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин, додавајќи дека во потрагата е вклучен и полициски хеликоптер. Возовите подоцна продолжија со сообраќајот, а полицијата оди од врата до врата за да собере дополнителни сведоштва.
Министерот за правда Гунар Штромер го опиша нападот како „брутален чин на насилство“.
Полицијата на својата веб-страница објави дека ги разбира загриженостите на граѓаните пред фестивалот, но дека во моментов веруваат дека ова е изолиран инцидент и дека нема опасност за јавноста.
Во февруари, десет лица беа убиени во пукање во образовен центар во шведскиот град Еребро.
Европа
Човек на Трамп: Предлогот на Путин е апсурден

Кит Келог, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, го отфрли предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за тридневен прекин на огнот. Келог истакна дека Вашингтон бара долгорочно примирје.
Коментирајќи го напредокот на мировните преговори во последните денови, тој изрази верување дека САД „се во прилично добра позиција кога станува збор за Украинците“. „А тридневно примирје е апсурдно“, нагласи тој, осврнувајќи се на предложеното примирје од 8 до 10 мај.
Тој додаде дека Трамп се залага за сеопфатен прекин на огнот „на море, во воздух и на копно“ што ќе трае најмалку 30 дена. „И потоа можеме да го продолжиме“, изјави тој.
„Кога ќе погледнете на сè околу што Украинците се подготвени да соработуваат, сега е до Русите, до Путин. Имаме една страна, ни треба друга страна. И мислам дека сме блиску“, продолжи тој.
Путин најави уште едно примирје кое ќе започне на полноќ на 8 мај и ќе трае до полноќ на 11 мај. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека тридневното примирје објавено од Кремљ не е доволно, туку дека е потребен праведен и траен мир.
Британската одбранбена разузнавачка агенција верува дека тридневниот прекин на огнот што го објави Путин на Денот на победата има за цел да ја прикаже Русија како отворена за преговори и да ги ограничи украинските напади со долг дострел.
Европа
Фон дер Лајен: Светската трговија се врти кон Европа

Светската трговија се насочува кон Европа затоа што другите земји сакаат договори со ЕУ, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Претседателот на ЕК на митингот на Европската народна партија во Валенсија истакна дека Европската унија „веќе има најголема мрежа на договори за слободна трговија, 76 од нив“ со земји од целиот свет.
„Сега светската трговија се свртува кон нас“, смета фон дер Лајен, во време кога светот е загрозен од воведувањето на американските царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април.
„Сега соработуваме со Индија и Индонезија, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, Филипините и Малезија, со Пацификот. Сите тие сакаат договор со нас. Бидејќи ние сме фер, сигурни и играме според правилата“, нагласи таа. „Затоа, да останеме на тој пат, со ладна глава и обединети“, рече таа.
Фон дер Лајен изјави дека ЕУ мора паралелно да работи на зајакнување на својот единствен пазар преку елиминирање на непотребните национални бариери, борба против фрагментацијата и бирократијата.