Регион
Ослободени двајца турски новинари
Двајца турски новинари, затворени три месеца во врска со истражувањето на темата за испораки на оружје од Анкара за екстремните исламисти во Сирија, се ослободени во петокот од затвор, ден по „историската“ одлука на Уставниот суд.
Чан Дундар, главниот уредник на опозицискиот дневен весник Cumhuriyet, и Ердем Ѓул, шеф на дописништвото во Анкара, беа дочекани од поддржувачите по излегувањето по 92 дена од затворот во Силивра, на периферијата од Истанбул.
Со аргументот дека „нивните права на лична слободата и безбедност се прекршени“, турскиот Уставен суд наред во четвртокот кривичниот суд да го прекине тоа „кршење“,
„Мислам дека станува збор за историска одлука“, изјави по излегувањето од затворот Дундар за турските новинари. Иронично забележувајќи дека датумот на нивното ослободување 26-ти февруари се совпаѓа со роденденот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Дундар изјави „Многу сме среќни што го славиме неговиот роденден и нашето ослободување“.
Жестоките противници на турската власт, Дундар и Ѓул, обвинети се за шпионажа, откривање државни тајни и обид за државен удар, и беа затворени кон крајот ноември. Причината за тоа беше написот проследен со видео снимки објавен ланскиот мај за тоа како турската жандармерија во јануари 2014 година на сириската граница пресретнала камиони кои припаѓале на турската тајна служба со оружје наменето за екстремните исламски бунтовници во Сирија, па дури се споменува и терористичката група Исламската држава.
Инкриминираниот напис предизвика гнев кај претседателот Ердоган и владата, кои негираа дека им даваат каква и да е поддршка на радикалните сунитски исламистички групи кои во соседна Сирија се борат за соборува од власт на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад.
Ердоган тврди дека камионите содржеле помош за Туркмените, туркофона етничка заедница која живее во Сирија, и дека новинарите биле соучесници во „саботирањето“ на таа помош, со цел да му наштетат на неговиот и на угледот на неговата партија.
Но и покрај ослободувањето од затворот, на двајцата новинари и натаму им се заканува доживотната затворска казна, најтешката предвидена со турскиот кривичен законик, кој а побара судот и одреди датум за почеток на судењето на 25-ти март./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Девојка нападнала полицаец со нож во Белград, тој ја застрелал во ногата
Во центарот на Белград, пред полициската станица Савски Венац, рано утрово околу 4 часот, 24-годишна државјанка на Босна и Херцеговина со нож нападнала полицаец на должност, кој потоа ја ранил во ногата, дознава српски Телеграф.
Според српските медиуми, инцидентот се случил на влезните скали на станицата. Полицаецот прво се обидел да избегне повеќекратни напади и да ја совлада девојката, но таа не се откажала од нападот и покрај неговите предупредувања. За да се одбрани, полицаецот бил принуден да го употреби службениот пиштол и ја застрелал во ногата.
Девојката е однесена во болница
Девојката по инцидентот веднаш била однесена во Военомедицинската академија (ВМА). Според првичните информации, таа е свесна, комуникативна и претрпела повреда на долниот екстремитет. Полицијата спроведе истрага на лице место. Мотивот за нападот врз службеното лице засега е непознат и ќе се утврди за време на детална истрага што ќе ја спроведат надлежните органи.
Регион
(Видео) Немања Шаровиќ нападнат во Белград
Немања Шаровиќ, поранешен истакнат член на Српската радикална партија на Шешељ и долгогодишен соработник на Воислав Шешељ, а сега новинар на КТВ Зрењанин познат по исмејувањето на поддржувачите на Српската напредна партија (СНС), беше нападнат вчера во Белград за време на митинг организиран од поддржувачите на Александар Вучиќ.
Шаровиќ со години беше едно од најпрепознатливите лица на Српската радикална партија, пратеник во српскиот парламент и еден од најблиските луѓе на Воислав Шешељ. По разделбата со Шешељ, тој го основа движењето „Љубов, вера, надеж“, а потоа се сврте кон медиумскиот активизам. Во последниве години, тој привлече големо внимание со видеа во кои ги посетува митинзите на СНС со микрофон и редовно се исмејува со поддржувачите на Вучиќ. Токму овој вид содржина, пофалена и критикувана во Србија, го претвори во една од повидливите фигури на антирежимската сцена.
Тој бил нападнат со шишиња и петарди, а микрофонот му бил исфрлен од рака
Како што објави Н1 Србија, Шаровиќ и екипата на КТВ биле на терен кога митингот на СНС станал агресивен. Снимките покажуваат како толпата го напаѓа, го навредува и фрла предмети кон него. Во еден момент, еден од поддржувачите на Вучиќ насилно му го исфрлил микрофонот од рака. Според Шаровиќ, кон него летале шишиња, петарди и други предмети.
Иако е јасно дека се случил физички напад врз новинарската екипа, полицискиот кордон што бил во непосредна близина не реагирал. Според Н1, толпата постојано ја повикувала полицијата да го запре насилството, но тие само го гледале настанот.
фото: принтскрин
Регион
Грција воведува микрочипови за следење на домашните животни по скандалот за злоупотреба на субвенциите од ЕУ
Грчката влада планира да воведе микрочипови за следење на домашните животни и нивно регистрирање во дигитална база на податоци, со цел да се врати довербата во управувањето со земјоделските субвенции по неодамнешниот скандал со измама и злоупотреба на субвенциите од ЕУ.
Според акциониот план што денес беше доставен до Европската комисија, новиот систем треба да овозможи точно евидентирање и следење на секое животно, објавува „Еурактив“.
Додека не стане целосно оперативен, бројот на грла ќе се проверува преку фактурите за продажба на млеко и месо, како и евиденцијата за купување храна за животни.
Европското јавно обвинителство претходно откри злоупотреби во кои сточарите на Крит пријавиле нереално голем број кози и овци во споредба со капацитетите на островот.
На овој начин, земјоделците нелегално добиле повисоки субвенции од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), објаснува бриселскиот портал.
Од 2020 година, бројот на регистрирани животни во Грција скокна од 2,2 милиони на дури 7,8 милиони, што претставува околу 45 проценти од вкупниот добиток во земјата.
Во планот, владата се обврза и на создавање нова дигитална геопросторна мапа на земјата, како и на развој на алатка за проверка на сопственоста на земјоделските парцели.
Во исто време, незадоволните грчки земјоделци најавија протести во Атина на 11 ноември, поради, како што велат, слабиот одговор на властите на аферата што ја потресе земјата.
Минатиот месец, најмалку 37 лица беа уапсени низ цела Грција како дел од истрагата за лица кои фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од Европската Унија.
Грчката полиција проценува дека осомничените добиле 20 милиони евра субвенции во периодот од 2018 до 2022 година, а дека околу половина од таа помош е добиена нелегално.
Претресите беа спроведени во соработка со грчката полиција и Европското јавно обвинителство (EPPO).
Порано оваа година, европските обвинители објавија дека пронашле докази дека земјоделците и одредени владини претставници ја измамиле Европската Унија за да добијат субвенции, почнувајќи најдоцна од 2019 година.
Грчкото обвинителство започна истрага против владината агенција ОПЕКЕПЕ, која управува со земјоделските субвенции и годишно дистрибуира околу 2,5 милијарди евра помош.

