Европа
Киев не го повлекува оружјето, бунтовниците продолжуваат со неговото повлекување
Украинската војски објави во понеделникот дека чека целосен прекин на огнот од страна на рускојазичните бунтовници, пред да започне со повлекувањето на тешкото вооружување кое требаше да започне во неделата, а истовремено бунтовниците од Донецк и Луганск објавија дека продолжуваат со повлекувањето на таквата опрема и според нив примирјето целосно се почитува.
Имајќи предвид дека продолжува стрелбата врз украинските позиции, се уште не може да се зборува за повлекување на оружјето“, изјави за AFP портпаролот на штабот на украинските војски, Владислав Селезнев. „Војската веќе го подготви неопходниот терен“, каде што ќе го смести тешкото вооружување доколку биде повлечено, додал Селезнев.
Киевските власти во понеделникот известија дека ситуацијата на боиштето во текот на ноќта кон понеделникот значително се смирила, иако се регистрирани изолирани судири, особено во близина на стратешкиот пристанишен град Мариупол на брегот од Азовското Море, кој е населен претежно со руско и рускојазично население, но од април минатата година е под контрола на Националната гарда на Украина, а во негова близина е стациониран и доброволечки баталјон во кој има стотици странски платеници кој дејствува заедно со украинската армија.
Во неделата прозападните власти во Киев и проруските бунтовници од истокот на Украина потпишаа договор за повлекување на тешкото вооружување од линијата на раздвојувањето.
Во рамките на договорот постигнат на 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск, потпишан од челниците на Украина, Русија, Франција и Германија, по прекинот на огнот и размената на сите заробеници од двете страни, следниот чекор е повлекување на тешкото вооружување. Таквиот член беше застапен и во претходниот договор од Минск од почетокот на ланскиот септември, но тогаш беше предвидено создавање тампон зона во длабочина од 30 километри на двете страни од линијата на раздвојувањето. Со новиот договор наречен Минск 2, сето тешко вооружување ќе биде повлечено меѓу 50 и 140 километри од линијата на раздвојувањето, во зависност од калибарот.
Во понеделникот, претставниците на силите на самопрогласените ткн „народни републики“ во Донецк и во Луганаск на одметнатиот исток од Украина, соопштија дека продолжуваат да го повлекуваат тешкото оружје од линијата на боиштето, што го започнаа во неделата во согласност со договорот од Минск.
„Ние го повлекуваме“ (оружјето) изјавил во телефонски разговор за РИА Новости, Владислав Дајнего, заменик претседател на ткн Народен совет на ткн Народна република Луганск.
Тој не ја коментирал изјавата на шефот на прес-центарот на украинската специјална операција во регионот Донбас, Анатолиј Стелмах, ко како и Селезнев изјави за руските медиуми дека украинските сили ќе го повлечат оружјето само по целосниот прекин на огнот.
Од своја страна, Дајнего изјавил дека прекинот на огнот во Донбас се почитува. „Практично имаме молк (на оружјето), нарушувања речиси и да нема, ретко се слушаат истрели од оружје со мал калибар и поединечни минофлрачки детонации“, рекол.
Претходно во неделата заменикот шеф на Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ за Украина, Александр Хуг, изјави дека ОБСЕ бара од страните во конфликтот во Донбас без одлагање да обезбедат информации во врска со моменталните позиции на тешкото вооружување, „попис на тешкото оружје, правците и местата, каде тоа ќе биде дислоцирано“ . Исто така, набљудувачите од организацијата се откажаа да го следат самиот процес на повлекување, тие ќе ги посетат областите каде што, во согласност со договорот, тешкото вооружување не смее да биде стационирано и ќе проверат дали таквата опрема ја има таму или не./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан: Колапсот на Украина би бил катастрофа за Унгарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека колапсот на Украина би бил катастрофа за Унгарија и дека мора да се направи сè за да се спречи тоа.
Тој ја испрати пораката во неделата за време на говорот во Сегед како дел од својата предизборна турнеја, каде што се соочува со силна опозиција пред претстојните избори прв пат по 15 години на власт, пренесува „Евроњуз“.
„Немојте да се залажувате: колапсот на Украина би бил катастрофа за Унгарија. Затоа колапсот на Украина не е во интерес на Унгарија, но ние мора да направиме многу за да го спречиме“, им рече Орбан на своите поддржувачи фокусирајќи се на надворешната политика.
Тој го илустрира својот став со споредба: „Луѓето од село совршено добро разбираат дека вредноста на вашето парче земја е под влијание не само на состојбата на таа земја туку и на состојбата на соседното парче земја, како и на тоа кој живее таму“.
Клучен снабдувач со енергија
Орбан исто така истакна дека Украина зависи од Унгарија за 44 % од својата електрична енергија и 56 % од природниот гас што го троши. Тој додаде дека значителен дел од оваа енергија доаѓа од руски извори. Унгарските власти претходно ги наведоа овие бројки како одговор на критиките за блиските врски на Унгарија со Русија.
💥 “It’s not clear who attacked whom,” Hungarian PM Viktor Orbán said today at a presser on the Russia–Ukraine war, after an EU summit where he opposed any financial help for Ukraine. He’s escalating his rhetoric, for the first time openly questioning that Russia started the war. pic.twitter.com/liuQGa0Dsm
— Szabolcs Panyi (@panyiszabolcs) December 19, 2025
Еден ден претходно, унгарскиот премиер коментира за руската инвазија на Украина наведувајќи дека е „тешко да се каже кој кого нападнал“, што е спротивно на преовладувачкиот меѓународен став за војната.
Во својот говор во саботата тој исто така го повтори својот став дека обезбедувањето воена помош за Украина само го продолжува конфликтот и, според него, не им служи на интересите на Украина.
Европа
„Асошиетед прес“: Русија наводно развива ново оружје за уништување на сателитите „Старлинк“
Разузнавачките агенции на две членки на НАТО се сомневаат дека Русија развива ново антисателитско оружје дизајнирано да ја нападне констелацијата „Старлинк“ на Илон Маск со деструктивни облаци од шрапнели во орбитата, со цел да ја ограничи западната вселенска супериорност, што ѝ помогна на Украина на бојното поле, објавува „Асошиетесд прес њуз“.
Според разузнавачките информации, во кои увид имал „Асошиетед прес“, таканареченото оружје со зонски ефект би се обидело да ги преплави орбитите на „Старлинк“ со стотици илјади топчиња со висока густина, потенцијално онеспособувајќи повеќе сателити одеднаш, но исто така ризикувајќи катастрофална колатерална штета на други орбитални системи.
Аналитичарите што не ги виделе извештаите изразуваат сомнеж дека таквото оружје би можело да функционира без да предизвика неконтролиран хаос во вселената за компаниите и земјите, вклучувајќи ги Русија и нејзиниот сојузник Кина, кои се потпираат на илјадници сателити во орбитата за комуникации, одбрана и други витални потреби.
Ваквите последици, вклучувајќи ги и ризиците за сопствените вселенски системи, би можеле да ја одвратат Москва од распоредување или користење такво оружје.
Сомнежи на експертите
„Не верувам во тоа. Навистина не верувам во тоа“, рече Викторија Самсон, експерт за вселенска безбедност во фондацијата Secure World. „Искрено, би била многу изненадена ако направат нешто такво“.
Сепак, командантот на вселенската дивизија на канадската војска, бригаден генерал Кристофер Хорнер, рече дека таквата руска работа не може да се исклучи во светлината на претходните американски обвинувања дека Русија исто така развива неселективно нуклеарно оружје базирано во вселената.
„Не можам да кажам дека сум свесен за таков систем. Но, тоа не е неверојатно“, рече тој. „Ако извештаите за систем на нуклеарно оружје се точни и ако се подготвени да го развијат и да одат до тој степен, тогаш не би бил шокиран ако нешто малку помало од тоа, но еднакво штетно, е во нивниот дофат на развој“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не одговори на барањата за коментар. Русија претходно повика на напори на Обединетите нации за спречување поставување оружје во орбитата, а претседателот Владимир Путин рече дека Москва нема намера да постави нуклеарно оружје во вселената.
„Старлинк“ како клучна закана
Според разузнавачките информации, Русија го смета „Старлинк“ за особено сериозна закана. Илјадниците сателити во ниска орбита беа клучни за опстанокот на Украина против руската инвазија, која сега е во четвртата година.
Украинските сили ја користат брзата интернет-услуга на „Старлинк“ за комуникации на бојното поле, таргетирање оружје и други цели како што прават и цивилите и владините претставници, каде што руските напади ги прекинаа комуникациите. Руските претставници постојано предупредуваат дека комерцијалните сателити што ѝ служат на украинската војска би можеле да бидат легитимни цели.
Европа
Данската пошта ја прекинува доставата на писма по 400 години
По повеќе од 400 години традиција, данската поштенска служба „ПостНорд“ ќе го достави своето последно писмо на 30 декември, затворајќи важно поглавје во историјата на земјата.
Дигитализацијата ги затвора поштенските услуги
Претходно оваа година, „ПостНорд“ објави крај на доставата на писма во Данска, наведувајќи ја брзата дигитализација и драстичниот пад на обемот на поштата како главни причини. Во текот на изминатите 25 години, доставата на писма во земјата опадна за повеќе од 90 проценти. Како резултат на промените, компанијата ќе отпушти 1.500 работни места и ќе отстрани ист број од своите иконски црвени поштенски сандачиња.
Носталгичните Данци ги зграпчуваат поштенските сандачиња
Фактот дека на Данците сè уште им недостига стариот начин на испраќање пошта е потврден од неверојатниот интерес за купување расклопени поштенски сандачиња. Кога 1.000 од нив беа понудени на продажба претходно овој месец, тие се распродадоа за само три часа. Цената за поштенски сандачиња во добра состојба беше 2.000 дански круни (268 евра), додека оние со повидливи знаци на употреба беа продадени за 1.500 круни (201 евро).
Приватна компанија ја презема услугата
Иако „ПостНорд“ ја прекинува доставата на писма во Данска, ќе ја продолжи услугата во соседна Шведска и ќе понуди ограничени повратни средства за неискористени дански марки. Услугата за достава на писма во Данска ќе ја преземе приватната компанија „Дао“ од јануари.
Компанијата планира да ги прошири своите операции за да ја исполни законската обврска дека поштенската опција мора да остане достапна за сите граѓани.

