Регион
Двајца осомничени џихадисти уапсени во Грција
Двајца мажи со шведски пасоши кои превезувале „боева опрема“ се уапсени во Грција под сомневање дека се поврзани со џихадистички групи, соопштија во неделата за медиумите извори во грчката полиција.
Двајцата мажи, 28-годишник по потекло од Босна и Херцеговина, и 19-годишник од Јемен, патувале са автобус кога во четвртокот биле уапсени во Александрополис, во покраината Тракија, во близина на границата со Турција.
Во нивниот багаж била откриена „боева опрема“, рекле полициски извори. Двајцата се обвинети за носење оружје, и во вторник ќе бидат сослушани пред истражен судија, Според солунските медиуми, тие засега одбивале да одговараат на прашањата на полицијата.
Повозрасниот веќе им познат на европските власти поради врски со џихадисти, додале полициските избори. Веќе бил осудуван за подготовка на терористички напад и бил под надзор на шведските власти.
Во саботата телевизијата Mega Channel објави дека ова лице во 2005 година било уапсени во Босна по претресот на неговиот стан кога полицијата открила појас за експлозиви, експлозив и видеоснимка на која маж со маска на лицето зборува за терористички напади врз Капитол и Белата куќа во Вашингтон.
Првостепениот суд го осудил на 14 години затвор, а апелациониот на 5 години, а на слобода бил пуштен во 2011 година, кога побарал политички азил во Шведска.
Двајцата уапсени десет дена претходно од Шведска со авион допатувале во Грција, на аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина. Потоа, според полициските извори, се качиле на автобус за Турција, што го покажувале нивните патни документи./крај/мф/сн
Извор: Thetoc
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.
Регион
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции, изјави министерот за одбрана Ејуп Македончи.
„Група руски хакери извршија сајбер-напад на Косово како одмазда за мојата изјава за поддршка на Украина“, изјави Македончи.
Во текстот на руските хакери се споменува говорот на тој косовски министер кој, според нив, рекол дека „Косово е подготвено да и понуди воена помош на Украина“.
„Косово е подготвено да ги здружи колективните напори за поддршка на одбраната на Украина. Треба повеќе да размислат за ова“ – напишаа хакерите на руски, спомнувајќи го министерот Македончи.
Министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала објави дека „Русија врши хибриден напад на Косово“.
Гервала на мрежата „Х“ изјави дека „рускиот хибриден напад на Косово“ доаѓа по најавата за поддршка на Косово за Украина со воена опрема.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.