Свет
Србија жали за „Јужен тек“, Бугарија воздржана, ЕУ инсистира дека е во право

Најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе се откаже од изградбата на гасоводот „Јужен тек“ беше различно дочекана во балканските земји кои се директно засегнати од овој проект.
Србија, една од земјите низ која требаше да поминува овој гасовод, порача дека не е среќна поради ваквата одлука на Путин, но дека истовремено таа на никој начин не придонела за донесувањето на оваа одлука.
Српскиот премиер Александар Вучиќ потенцираше дека неговата земја не се откажала од овој проект под најголемите можни притисоци.
„Србија со ништо не придонесе за донесувањето на оваа одула. Сега, дали еврофилите или русофилите меѓусебно ќе се обвинуваат околу тоа кој е виновен, не е битно. Она што е сигурно е дека ние не сме виновни за ништо. Србија повеќе од пет, шест, па и седум години, вложи во овој проект. Беше вложен многу труд уште од првите потпишувања на кои присуствуваа и Борис Тадиќ и Воислав Коштуница“, изјави Вучиќ во вторникот.
„Плаќаме голема цена, но граѓаните на Србија не мора да се грижат за оваа зима или за следната. Ние ќе успееме да го решиме тоа прашање во најголем можен интерес за граѓаните. А дали би било подобро да го имаме ’Јужен тек’, секако дека во тој случај Србија би била енергетски побезбедна земја“, порача српскиот премиер.
Бугарија, пак, останува воздржана одлуката на руските власти, потенцирајќи дека проектот не е проект само меѓу Русија и Бугарија, туку меѓу Русија и Европската унија (ЕУ). Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев порача дека решението се наоѓа целосно во рацете на Москва и Брисел.
„Земјите кои имаат интерес од ’Јужен тек’, извршија многу сериозна подготвителна работа и ја овластија Европската комисија да одржи преговори со руското раководство, за да може да се донесе одлука за овој проект. Решението е целосно во рацете на Русија и на Европската унија. Доколку Русија го усогласеше проектот со европското законодавство, никој не би се спротивставил на тоа проектот да биде реализиран. Истовремено, во моментов Русија не даде никакви индикации дека сака проектот да се усогласи со европското законодавство“, изјави шефот на бугарската држава.
Путин во понеделникот за време на посетата на Турција нагласи дека доколку Европа не сака да го спроведе проектот „Јужен тек“, тогаш тој нема да биде спроведен, оценувајќи дека ЕУ врши притисок врз Бугарија, која третина од својот гас добива од Русија.
Рускиот претседател потенцираше дека „Јужен тек“ е во фаза кога мора да започне изградбата на гасоводниот систем во Црното Море, но дека Русија сé уште не добила одобрување од Бугарија околу ова.
„Инвестирањето на стотина милиони долари во гасовод, кој би морал да се сопре на влезот во бугарските води, едноставно е апсурдно. Се надевам дека сите го разбираат ова“, порача Путин во понеделникот.
Од Европската комисија (ЕК) порачаа дека се информирани околу одлуката на руската страна во врска со изградбата на гасоводот, но нагласуваат дека позицијата на ЕУ околу проектот останува непроменета.
„Јужен тек требаше да биде изграден и управуван според европското законодавство“, изјави портпаролката на ЕК, Ана Каиса Итконен, пренесе агенцијата Интерфакс.
Итконен додаде дека во ЕУ нема основа за надоместување на загубите при прекин на таков проект, а од Унијата, сепак, сé уште со сигурност не можат да кажат дали проектот е конечно завршен.
Од Комисија изјавија дека тие никогаш не се залагале за целосен прекин на изградбата на гасоводот „Јужен тек“, туку барале само тој да одговара на нормите на третиот енергетски пакет.
Новиот проект кој ќе го замени „Јужен тек“ ќе биде изградбата на гасовод кон Турција, а Анкара и Москва околу новите проекти ќе одржат преговори во текот на следната недела, изјави турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз, пренесува Bloomberg.
„Преговорите за гасоводот со Русија продолжуваат, тие може да завршат уште пред крајот на годината”, изјави Јилдиз, додавајќи дека пропаѓањето на „Јужен тек“ нема да ја загрози изгадбата на Трансанатолскиот гасовод (ТАНАП), кој ќе пренесува гас од Азербејџан до Европа, преку Турција./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.