Европа
Каши подготвени „да умрат како маченици“

Осомничените за убиство на 12 новинари од француската редакција на весникот Шарли Ебдо, браќата Каши, на полицијата и рекле дека се подготвени да умрат како маченици.
Тие се наоѓаат во просториите на една печатница на 35 километри од Париз и се верува дека држат во заложништво најмалку еден вработен во печатницата. Според последните информации, најверојатно заложникот е жена.
Полицијата од утрово преговара со нив со цел мирна завршница на настаните, но браќата се „подготвени да умрат како маченици“, јавуваат француските медиуми.
Репортери од местото на настанот велат дека браќата рекле дека не убиваат жени, иако во редакцијата на Шарли Ебдо една од жртвите беше жена.
Исто така, постои сведоштво дека кога бегалците влегувале во печатницата се ракувале со еден од вработените и му рекле да бега затоа што тие „не убивале цивили“.
Болниците во селото Демартен-ан-Гоел се во состојба на подготвеност, за случај да треба брзо да интервенираат, но според сведоштва на здравствени работници, се уште нема потреба од тоа.
По медиумите се појавија информации за двајца мртви и 20-тина ранети во утринските престрелки додека браќата бегаа од полицијата, но јавниот обвинител на Франција ја демантира оваа вест.
Три училишта во селото се затворени, а учениците се скриени во нив. Тие комуницирале со своите родители за да се осигурат дека се добро и велат дека се многу исплашени.
Браќата Саид и Шериф Каши утрово бегаа пред полицијата со украдено „Пежо 206“, но бегството го завршија во просториите на печатницата, каде зедоа заложник.
Во Демартен-ан-Гоел има 1.500 полицајци, сите приоди кон местото се затворени, а го надлетуваат хеликоптери.
Третиот напаѓач во редакцијата Шарли Ебдо сам се предаде на полицијата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Германскиот министер за одбрана: Разговорот Трамп – Путин беше неуспешен

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го критикуваше телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи го „промашен“.
Писториус овие изјави ги даде во програма на ЗДФ. Руските напади врз украинската инфраструктура „не престанаа по овој наводно голем телефонски повик“, рече Писториус.
„Путин игра игра овде и сигурен сум дека американскиот претседател нема да може долго да остане пасивен“, рече тој. Писториус, исто така, изјави дека ќе дојде време кога Трамп „ќе реагира, ќе мора да реагира“ за да ја зачува „силата и престижот“ на САД.
Разговорот меѓу Трамп и Путин се одржа синоќа и не резултираше со целосен 30-дневен прекин на огнот, како што предложија Американците. Сепак, Путин се согласи на привремена пауза во нападите врз енергетската инфраструктура. На истото се согласи и Киев. Но, денеска веќе се случија напади од двете страни.
Германскиот министер Писториус рече дека е „грешка“ да се исклучи Европа од разговорите меѓу Трамп и Путин, бидејќи „на крајот, мирот, ако дојде, мора да биде обезбеден и на европско тло“.
Трамп го пофали разговорот со Путин како „многу добар и продуктивен“.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка од напад: „Значи, вака изгледа паузата на Путин во нападите?“

Русија синоќа изврши напад со дрон врз електроенергетскиот систем што ја напојува железницата во регионот Днепропетровск во централна Украина, соопшти украинската државна железничка компанија „Укржализиница“.
Делови од железничката мрежа останаа без струја, но сообраќајот не беше во застој, додаваат тие. Откога службите за итни случаи пристигнаа на местото на нападот, Русија го изведе вториот напад познат како double-tap – двоен напад, велат од „Укржализиница“ додавајќи дека нема жртви.
So this is what “an immediate ceasefire on all energy and infrastructure” looks like?
At 1:20 AM, Russia struck @Ukrzaliznytsia‘ energy facilities in Dnipro region—twice, even as firefighters and a rescue train worked. Some railway sections lost power, but trains keep running. pic.twitter.com/yuxODT2iBP
— Ukrainian railways || Укрзалізниця (@Ukrzaliznytsia) March 19, 2025
„Значи, вака изгледа пауза во нападите врз енергетската инфраструктура“, додаваат, алудирајќи на вчерашниот договор на рускиот претседател Владимир Путин да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура на 30 дена.
Кремљ објави дека Путин се согласил на ограничен прекин на огнот и веднаш издал наредба до војската да престане да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура на 30 дена.
Европа
(Видео) Русија гранатира болница во Украина, спасувачките служби ги евакуираат пациентите

Руски напад врз болница во североисточниот украински регион Суми принуди евакуација на 147 пациенти, вклучително и девет лица со ограничена подвижност, соопштија украинските власти.
Снимките објавени од Државната служба за итни случаи на Украина во Суми покажуваат оштетена медицинска установа и моментот кога пациентите се евакуирани од погодената зграда. Спасувачките екипи бргу реагираа и го изгаснаа пожарот што избувна по нападот.
Во експлозијата е оштетен и блискиот детски медицински центар, но нема повредени. Во меѓувреме, Русија објави дека нејзините сили ја презеле контролата врз четири населени места во регионот Курск, а Москва продолжува да се обидува да ги потисне украинските трупи, кои држат значителен дел од територијата во регионот по упадот во август минатата година.
Украинските власти претходно објавија дека борбите во регионот Курск сè уште траат, особено во Суџа и околните области.