Надворешна политика
Иванов во одвоени средби ги прими германските парламентарци и претседателката на српското Собрание
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на парламентарната група за соработка меѓу Сојузна Република Германија и Југоисточна Европа, при Бундестагот, а имаше средба и со претседателката на Собранието на Србија Маја Гојковиќ.
На средбата со германските пратеници беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија, како и за актуелните случувања во земјава.
Претседателот Иванов изрази задоволство од принципиелната и континуирана поддршка од страна на Сојузна Република Германија за македонските стратешки цели, оценувајќи ги позитивно досегашните севкупни билатерални односи. Во тој контекст македонскиот претседател ја поздрави парламентарната соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Бундестагот, и изрази подготвеност за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес, како и за одржување на континуитет во политичкиот дијалог на сите нивоа.
Во однос на евроатлантски интеграции, македонскиот претседател истакна дека нашата држава останува целосно посветена на спроведување на реформите за членство во ЕУ и во НАТО, дополнувајќи дека поддршката од С.Р. Германија е од исклучително значење.
„Политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата“, истакна претседателот Иванов во однос на последните случувања во Република Македонија, и дополни дека во голема мера внатрешните состојби се резултат на предолгата непринципиелна и спротивна на меѓународното право, блокада, во однос македонските ЕУ и НАТО интеграции.
„Република Македонија и земјите од Југоисточна Европа ја имаат поддршката од Бундестагот за евроатланските интеграции. Ние сме ви пријатели и сакаме да ве поддржуваме и придружуваме на вашиот пат кон членството во ЕУ и НАТО“, истакна Петер Вајс, претседателот на парламентарната група за соработка со Југоисточна Европа при Бундестагот.
На средбата со Гојковиќ, Иванов искажа задоволство од размената на посети меѓу двете земји, оценувајќи дека контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.
Претседателот Иванов и претседателот на српското собрание Гојковиќ оценија дека улогата на парламентарната димензија во севкупната соработка меѓу двете земји е исклучително значајна. Претседателот Иванов ја поздрави досегашната и искажа надеж за натамошна уште попродуктивна соработка.
На средбата беше оценето дека заедничките седници на двете влади се ново поглавје во заемната комуникација, кое отвори можност за директнa и поефикаснa соработка.
„Нашите земји ги поврзува долга историска и културна традиција, имаме идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство и витален интерес за динамизирање на билатералните односи во сите области од взаемен интерес и покрај разликите во ставовите по одредени прашања кои се констатираат, но не претставуваат пречка за успешна соработка“, рече претседателот Иванов.
На средбата особено беше нагласена потребата од натамошно интензивирање на економската соработка, како и соработката во енергетиката и инфраструктурата.
Претседателот Иванов и претседателот на српското собрание Гојковиќ разменија мислења и за состојбите во регионот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.