Компании
Германски Technical textiles отвори фабрика во Штип
Германската компанија Technical textiles во средата во Штип отвори нова фабрика, во која ќе се произведуваат компоненти на фиберглас, кои ќе се произведуваат во градежната, авионската и автомобилската индустрија.
Во фабрика, чија инвестицијата изнесува околу 15 милиони евра, веќе работат 100 лица, а во наредниот период се очекува бројот на вработени да достигне 1.000.
Фабриката беше свечено отворена од страна на премиерот Никола Груевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и сопственикот на Technical textiles Јенс Вендланд.
Притоа Груевски оцени дека новите вработувања ќе бидат од големо значење за општините Штип, Кочани, Велес, Свети Николе, Карбинци, Лозово, Конче и Чешиново-Облешево.
„Ова е втората фабрика во оваа ТИРЗ. „Џонсон контролс“ веќе неколку години работи во зоната, а сега почнува да работи и Technical textiles а наскоро и италијанската компанија „Кондево“ која ќе започне со својата инвестиција и ќе отвори 250 нови работи места. Тоа се одлични раздвижувања за штипскиот регион. Локалната економија веќе ги чувствува влијанијата на новите инвестиции. Пред неколку месеци се отвори и новата фабрика на „Актива“. Оваа фабрика е во директна врска со белгиската инвестиција на „Ван Хол“ која успеавме да ја привлечеме во изминатите години. Веднаш до новата фабрика на „Актива“ во наредниот период очекуваме изградба на уште една фабрика, овој пат на германската компанија „Семак Фешн“ која во таа зона има купено земјиште од околу 35.000 метри квадратни“ рече Груевски.
Тој нагласи дека Штип некогаш беше град во кој фабриките се затвораа, а денес трендот е обратен.
„ Штипскиот регион е претворен во едно големо градилиште. Се градат голем број објекти, се отвораат фабрики, луѓето се вработуваат, процентот на невработеност полека, но сигурно се спушта надолу, а сето тоа влијае за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Тоа е голема сатисфакција за нашата досегашна работа“, рече Груевски.
Тој истакна дека Владата продолжува со инвестициите низ Македонија ипродолжуваат напорите за подобрување на бизнис климата во државата.
„ Нашите досегашни резултати се добро познати и видливи во цела Македонија. За тоа говорат и самите инвеститори. За тоа е сведок и господинот Вендланд кој во периодот на потрага по локација за својот нов деловен потфат, се откажал од Абу Даби и дојде во Македонија каде што наиде на пријателски расположена влада, добри услови за инвестирање, брзи процедури за старт на инвестицијата и резултатот е оваа фабрика“, рече Груевски.
Сопствениот на Technical textiles Јенс Вендланд, истакна дека во новата фабрика покрај стоте вработени кои што во моментов работат, планирано е до крајот на годината бројот на вработените да достигне 300 лица.
Јас во месец мај минатата година бев во авион кон Абу Даби за да потпишам договор за изградба на нова производствена хала, односно токму оваа во која сега се наоѓаме, а требаше да биде изградена во Абу Даби. Тогаш во еден светски економски магазин прочитав мал прилог за Македонија. Се нудеа добри можности за инвестирање. Затоа веднаш решив да го сменам авионот и да заминам за Македонија за да се информирам подетално за инвестирање во вашата земја. Имаше и други земји во кои се нудеа и можевме да добиеме субвенции од Европската унија, односно други големи финансиски поддршки. Тоа во Македонија беше можно само во ограничени рамки, но Македонија покрај другото нуди многу мотивирани работници, голем потенцијал на соработници, многу силна општинска и државна поддршка и многу други работи. Токму ова ја направи локацијата Македонија за нас многу интересна, па оттука тука ние преку Германско-македонско стопанско здружение стапивме во контакт со г. Мизо, а тој со својот тим ни дадоа многу детални информации за можностите за отворање на производствен погон во слободните индустриски зони“, рече Вендланд.
Тој информираше дека нова фабрика и изградена во рок од 14 месеци истата е изградена. Во моментот има околу стотина вработени, а до крајот и почетокот на идната година ќе има околу 300 вработени.
„Доколку целата инвестиција се движи во позитивна насока, како што очекуваме, спремни сме бројот на вработени да го зголемиме со можност бројот во следните години да се искачи и до илјада вработени, како и да направиме други инвестиции во други проекти во Република Македонија. Нашиот делокруг на работа се состои во производство на технички текстил од фибер глас влакна, кој често се користи во повеќе области како фасадната изолација за ветерници, бродската индустрија и други сектори“, рече Вендланд.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека новата фабрика Technical textiles во Штип е изградена на површина од 13.000 метри квадратни во која се инвестирани околу 15 милиони евра, а освен креирањето на работни места, како што рече Мизо, изградбата на фабриката ќе придонесе и за влез на нови технологии, трансфер на знаења, воспоставување на соработка со домашните компании, како и за зголемување на извозот. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

