Надворешна политика
Препораката останува, но ЕК бара итно справување со постоечките проблеми
Европската комисија (ЕК) по шести пат ја повтори препораката за Македонија да ги започне пристапните преговори за членството во Европската унија (ЕУ), но побара итно справување со постоечките проблеми и назадувањето во поглед на слободата на говорот, независноста на судството и политичкиот дијалог.
„Евроинтеграциите на ПЈР Македонија се наоѓаат во ќорсокак, потребно е да се надмине неодамнешното назадување во поглед на слободата на изразувањето и независноста на судството. Постои потреба да се најде заемноприфатливо решение за спорот за името, и владата и опозицијата треба да преземат чекори за враќањето на политичкиот дијалог во Парламентот“, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе во средата за време на презентирањето на прогрес-извештаите за земјите кандидати за членство во ЕУ.
Според евроамбасадорот Аиво Орав, на извештајот не треба да се гледа само како на критика, туку како на јасен текст за како треба да се дејствува во иднина.
„Постојат многу грижи, се поголемата политизација на државните институции, контролата на владата над медиумите, слободата на говорот, потоа постои политичка криза а интересите на партиите се повеќе ги надминуваат интересите на нацијата, потоа независноста на судството и борбата против корупцијата. И покрај сето ова препораката сепак е дадена за да се започнат преговорите, со жалење за назадувањето што се случи во последната година. Тоа што сега го очекувааме и се надеваме, е дека овие прашања и грижи ќе се решат што поскоро за следната година повторно да се добие препорака. Мојата порака е: Ве молам помогнете ни да ви помогнеме“, порача Орав.
Според евроамбасадорот, ова е шести пат како е издадена препораката и не се зема во предвид само оваа година, туку кумулативниот напредок што земјата го постигна, односно ЕК смета дека земјата и натаму ги исполнува политичките критериуми потребни за да се задржи препорката.
„Сега нашата позиција е многу јасна, ја поттикнуваме владата да дејствува најконструктивно што може да ги реши овие прашања, за да може Комисиајта следната година повторно да ја издаде препораката“, заклучи евроамбасадорот./крај/мф/бс
Извор: Текст/Макфакс Фото/МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.