Регион
Словенија подигнува ограда кон Хрватска
Во Словенија во средата утрото започнале подготовките за поставување ограда од бодликава жица на делот од границата со Хрватска, којашто исто така е членка на Европската унија, како што најави премиерот Миро Церар дека неговата земја на тој начин подобро ќе го контролира очекуваниот бегалски брани, но и ќе спречи хуманитарна катастрофа која може да се случи зимава доколку имигрантите на границата од шенгенската ЕУ дојдат во големи бројки и дисперзирано, бидејќи капацитетите за нивно примање во само двомилионската Словенија се ограничени, а ЕУ сé уште не може да ја реши бегалската криза.
Некои словенечки медиуми истакнуваат во извештаите дека овие мерки на владата во Љубљана се преземаат со согласност на Германија и Австрија, земјите кон кои се упатуваат илјадниците бегалци и имигранти кои преку ткн балканска рута доаѓаат до границите на Словенија.
Засега сé уште изостануваат официјални информации од Љубљана во врска со подигнувањето на оградата, меѓутоа од средата рано утрото агенцијата Reuters, како и словенечката STA и хрватската Hina, повикувајќи се на своите репортери пренесуваат дека на границата меѓу двете земји членки на Европската унија, од словенечката страна, започнале логистичките подготовки за поставување на оградата.
Во извештаите се истакнува дека припадниците на словенечката војска ја истоваруваат жицата за оградата којашто прво ќе биде поставена во околината на Брежице кон средината на денот.
Словенечката телевизија наведува, повикувајќи се на неофицијални извори, дека жичената ограда која околу пладне ќе ја поставуваат припадниците на војската и на цивилната заштита ќе биде висока околу 180 сантиметри. За тоа било известено и локалното населени, а започнато е со оградувањето на просторот па на новинарите не им е дозволен пристапот.
Словенечката војска и полиција веќе во средата утрото почнале да ја поставуваат оградата крај реката Сутла, која е природна граница со Хрватска, недалеку од граничниот премин Хармица и од двете страни на граничниот премин Гибине на реката Мура.
Според неофицијалните информации на коишто уште пред неколку денови се повикуваше словенечката комерцијална телевизија POP-TV, словенечката влада купила околу 120 километри жица за заштита на најчувствителните делови од границата со Хрватска, во случај да се јави неконтролирано и дисперзирано преминување на имигрантите преку зелената граница.
Премиерот Миро Церар во вторникот на прес-конференција објави дека Словенија може во среда или во четврток да ја зафати бран од околу 30.000 имигранти кои се движат од Грција. Затоа поставувањето на физичките препреки на границата со Хрватска е неопходно поради безбедноста на словенечките граѓани, но и поради спречување на потенцијалната хуманитарна катастрофа, доколку овој бран оваа зима би се разлеал низ Словенија и во Европската унија во зимски услови, истакна Церар.
Љубљанскиот дневен весник Del во средата пишува дека поставувањето на оградата на словенечката шенгенска граница, како и за сигналот на Церар кон Европа и „за последниот повика за европска солидарност“, како и за зголемувањето на помошта за Словенија да се сочи со напливот бегалци.
Поставувањето на техничките препреки на границата со Хрватска која во последните 25 дена ја минале 180.000 имигранти, веројатно е знак дека „на синхронизиран начин се завршува европската подготвеноста за целосна отвореност на границата“ за имиграните и бегалците од Блискиот исток, бидејќи е „тешко да се верува дека тоа Словенија самата би го сторила, без волја на Германија и Австрија“, се наведува во ударниот коментар на водечкиот словенечки дневен весник.
Сега целото внимание е насочено кон Германија, во којашто е речиси исцрпена „внатрешната толерантност“ од големиот бегалски прилив последните месеци, се наведува натаму, и се додава дека ЕУ е во големи тешкотии, бидејќи во исто време кога „Европа ги поставува оградите за имигрантите“, британскиот премиер Дејвид Камерон ѝ поставува на ЕУ услови под коишто својата земја е подготвен да ја задржи во Унијата, и тоа барања кои немаат никаква поврзаност со бегалската проблематика.
Дневниот весник Dnevnik, пак, на насловната страница во средата носи помалку ироничен наслов „Хуманитарна ограда за заштита на границата“, со кој се алудира на контрадикторната реторика, којашто како оправдување за поставувањето на оградата од бодликава жица ја користел премиерот Церар.
Во написот се наведува дека Церар со поставувањето на првите километри сакал да ѝ упати сигнал на ЕУ, сепак, да најде заедничко решение и да ги заштити надворешните граници на Унијата, што досега не ѝ успеваше, но и дека словенечкиот премиер всушност се надева оти неговиот потег ќе предизвика домино ефект во земјите на ткн балканска бегалска криза и поставување на жиците на другите граници кон Грција, што е идеја којашто пред една седмица прв ја промовираше опозицискиот челник и поранешен премиер Јанез Јанша./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

