Регион
ЕК без коментар за одлуката на Косово за ЗСО, бара одговорност и од двете страни
Европската комисија (ЕК) не даде коментар на одлуката на властите во Косово да го суспендира договорот за формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), но порача дека и Приштина и Белград се одговорни околу спроведувањето на делот од Бриселскиот договор, кој се однесува на ЗСО, пренесуваат српските медиуми.
Запрашана да го објасни ставот на Европската комисија по повод одлуката на Уставниот суд во Приштина да го суспеднира делот од Бриселскиот договор за ЗСО, портпаролката Маја Коцијанчич изјавила дека Брисел „не коментира тековни правосудни постапки и очекува договорот од 25-ти август да биде спроведен, а за ова се одговорни и двете страни“.
Во годинешниот извештај за напредокот на западен Балкан во европските интеграции се потенцира дека во дијалогот меѓу Белград и Приштина, „клучните договори биле завршени на 25-ти август годинава“. Исто така, во извештајот се потенцира дека со ова „биле договорени главните елементи за изработка и усвојување на Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово“.
Во извештајот на ЕК се наведува дека „тој текст ја утврдува законската рамка на Заедницата, нејзините цели, организациска структура, односите со централните власти, законските овластувања, буџетот и финансиската потпора и ги утврдува модалитетите за нејзиното воспоставување“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

