Регион
Во центарот на Атина избувнаа судири, анархистите го запалија грчкото знаме
Околу 18.000 луѓе, според процените на полицијата, учествувале во четвртокот во грчката престолнина Атина во традиционалната поворка кон амбасадата на САД, одбележувајќи ја годишнината од студентскиот бунт против воената хунта од 1973 година крваво задушена една година пред падот на хунтата поддржувана од американската Централна разузнавачка агенција (CIA), а вечерта во близина на Политехничкиот атински универзитет избувнаа безредија кога анархистите го запалија грчкото знаме, а државниот обвинител ѝ одобри на полицијата да влезе во кампусот, кој инаку ужива автономија, пренесуваат медиумите.
Слична протесна поворка во четвртокот вечерта се одржува и во Солун
Безредијата започнаа откако илјадници демонстранти по повод 43-годишнината од бунтот на студентите на Политехничкиот универзитет, тргнаа кон амбасадата на САД. Во оваа поворка учествувале околу 700 анархисти, коишто од американската амбасада се упатиле кон квартот Егзархија, каде се наоѓа универзитетот.
Анархистите заземале еден од објектите на универзитетот, а на улиците почнале да ги фрлаат столчињата, маси, и од мебелот да подигнуваат барикади, палејќи ги пластичните контејнери за отпад, фрлајќи камења и молотови коктели врз полицајците, пренесуваат медиумите.
„Младите луѓе го сквернавеа грчкото знаме, пишувајќи на него пароли, го искинаа, газеа и на крајот го запалија знамето. Портпаролот на обвинителот, Илиас Загореос ѝ даде дозвола на полицијата да влезе во универзитетот, бидејќи таму се наоѓаат извршителите на кривичното дело“, пишува интернет изданието на весникот Proto Thema.
Универзитетите во Грција уживаат широка автономија и право на азил, влезот на полицијата на нивните територии е забранет, што често го користат анархистите и други нарушители, криејќи се во кампусите.
Медиумите објавија дека во дворот на универзитетот избувнал голем пожар,нона пожарникарите не им било овозможено да го изгасат.
Портпаролот на опозициската партија Неа Димократиа, Јоргос Кумуцакос, во врска со сквернавењето на националното знаме побара од владата да го воспостави редот. „Подлеците го запалија грчкото знаме. Никаков забранет влезво просториите каде што се наоѓаат оние коишто го осквернавија симболот на целиот народ. Владата мора конечно да воспостави ред“, рекол.
Пред овој инцидент, во судири со полицијата влегле две групи анархисти од по 80 до 100 луѓе, проценуваат медиумите.
Собирот кој започна претпладнето во Атина се одвиваше ден по заминувањето на американскиот претседател Барак Обама, кој во вторникот и во средата во грчката престолнина се заземаше за демократија и на Грција ѝ упати поддршка за економските напори, на големо задоволство на левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас.
Во четвртокот на повеќето транспаренти можеа да се прочитаат пораки против фашизмот, империјализмот, НАТО и војните коишто ги водат САД надвор од своите граници. Четириесет лица беа уапсени поради сослушување пред одржувањето на собирот, дознава AFP од полициски извори.
Силите за спроведување на редот со камионети го блокираа приодот кон плоштадот Синтагма, кој изминатите години често се претвораше во бојно поле.
Полицијата во средата ноќта во Атина брзо растера околу 2.500 демонстранти активисти на левицата и анархисти кои се противеа на доаѓањето на американскиот претседател Барак Обама. Специјалните сили со големи количества солзавец сакаа да ја спречат поворката да се пробие во центарот на градот кој беше блокиран од полицијата поради престојот на Обама.
Поворката по диктатурата на ткн „црни полковници“, од периодот 1967 до 1974 година се организира секоја година и во неа понекогаш учествуваат и повеќе десетици илјади луѓе, а со неа се осудува поддршката на САД на државниот удар од 1967 година.
Во текот на претпоследната посета на американски претседател на Атина, во1999 година, Бил Клинтон се извини поради мешањето коешто до децении го поттикнува антиамериканското расположение во Грција.
На 17-ти ноември 1973 година воената хунта испрати тенкови на Политехничкиот универзитет во Атина кој беше заземен од студентите и граѓани, протестирајќи против диктатурата. Најмалку 24 луѓе загинале, а повеќе десетици биле ранети./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кинеските брзи возови наскоро на релација Будимпешта–Белград
Новата ера во железничкиот сообраќај меѓу Унгарија и Србија би можела да почне за неколку недели со воведување модерни возови од кинеско производство на линијата Будимпешта–Белград. Во меѓувреме, на унгарската делница веќе се спроведуваат тестирања со големи брзини, а првите информации велат дека патувањата нема да бидат само побрзи, туку и значително поудобни, пишува „Дејли Њуз Хангари“.
Српската државна железничка компанија Србија Воз ги претстави возовите што ќе сообраќаат на новата линија. Секој воз има капацитет од 498 патници.
Внатрешноста повеќе наликува на модерни меѓуградски возови отколку на традиционални регионални линии, а на патниците ќе им бидат достапни кожни седишта, приклучоци за струја, светла за читање, простор со кафе-бар и бифе, како и автомат за самопослужување со кафе. Возовите на одредени делници ќе можат да достигнуваат брзина до 200 километри на час, јавува српската новинска агенција „Танјуг“.
Железничката линија Будимпешта–Белград е една од најголемите инфраструктурни инвестиции во регионот и се реализира во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Српската делница е долга 183 километри, има два колосека и е целосно електрифицирана, што ја прави погодна и за патнички и за товарен сообраќај. Се очекува модернизацијата значително да го скрати времето на патување и да ја зголеми конкурентноста на железницата во однос на патниот и авионскиот превоз.
Работите се забрзуваат и од унгарска страна. Според „Вилаггаздашаг“, тековното затворање на пругата би можело да заврши кон крајот на февруари, што ќе овозможи воспоставување товарен сообраќај со брзина до 100 км/ч. Почетокот на патничкиот сообраќај се очекува во средината на март.
Тестирањето на пругата се одвива меѓу Шорокшар и Келебија. Тест-возовите постепено ја зголемуваат брзината – првиот ден возеле со 60 км/ч, а за само неколку дена достигнале 160 км/ч. За време на тестирањата возот накратко ја преминува границата кај Суботица, пред повторно да се врати во Унгарија.
Во инспекцијата е вклучена и подружницата на „Дојче Бан“, DB Systemtechnik, која користи специјализирани мерни возови. Еден од нив е брз мерен воз што може да ја проверува инфраструктурата при брзини до 280 км/ч, додека неговиот технички максимум изнесува 440 км/ч. Возот врши ласерски и камерски мерења, ја испитува геометријата на колосекот и ги анализира безбедносните параметри и удобноста на возењето.
Другиот, т.н. мерен воз со наклонета технологија, ја проценува состојбата на пругата во свиоци и на наклонети делови, ја надгледува интеракцијата меѓу пантографот и надземните водови и ја мери покриеноста со сигнал на мобилната мрежа.
Според актуелниот план, најпрво ќе започне товарниот сообраќај, а потоа и патничкиот. Доколку сè се одвива според планот, патниците веќе оваа пролет би можеле да патуваат со модерни, брзи и удобни возови меѓу Будимпешта и Белград, што ќе претставува практична железничка алтернатива на летот или патувањето со автомобил меѓу двете престолнини.
Регион
Илјадници во Косово протестираа против судењето на командантите на ОВК во Хаг
Илјадници луѓе се собраа во Приштина носејќи транспаренти на етничката албанска Ослободителна војска на Косово (ОВК) за да протестираат против судењето на поранешните водачи на ОВК, обвинети за воени злосторства во периодот помеѓу 1998 и 1999 година.
Поранешниот претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на парламентот Јакуп Красниќи и Кадри Весели, како и поранешниот пратеник Реџеп Селими беа уапсени во 2020 година и испратени на судење пред специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг.
Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК се товарат за прогон, убиства, мачење и присилни исчезнувања на лица за време и непосредно по војната 1998–1999 година, кое на крајот на регионот му донесе независност од Србија. Тие ги негираат сите обвиненија.
Судот оваа недела ги сослушува завршните зборови во судењето, пред судиите да донесат правосилна пресуда во рок од три месеци.
Обвинителите бараат казна од 45 години затвор за секој од обвинетите.
Многу од демонстрантите носеа униформи на ОВК, додека други вееја знамиња на ОВК, Косово и Албанија. Поддржувачите држеа транспаренти со натпис „Слободата има име“, како и фотографии од Тачи и другите со пораки „Херои на војната и мирот“.
Регион
Силен земјотрес во Босна, почувствуван и во Хрватска
Прилично силен земјотрес во 17:31 часот го потресе подрачјето на БиХ, јавуваат регионалните медиуми.
Потресот се почувствувал и на подрачјето на цела Далмација.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) соопшти дека магнитудата на земјотресот изнесувала 4,5 степени според Рихтеровата скала и дека се случил на 51 километар североисточно од Сплит, односно 13 километри северозападно од Ливно.
„Слободна Далмација“ пренесува коментари од читатели кои го почувствувале потресот.
„Многу силно тресеше, баш силно“, пишува еден од нив. „Беше ужасно, се слушна некаков звук пред тоа“, додава друг. Читател од Загорје јавил дека силно затресло и дека истрчале од куќата.
„Неколку секунди пред главниот удар почна лесно тресење, а потоа навистина силно затресе“, додал уште еден читател.
Според системот „Андроид Ерткуејк Алертс“, земјотресот се почувствувал на подрачјето на Босна и Херцеговина и Хрватска. Бил почувствуван и во сплитското, макарското, шибенското и дубровничкото подрачје.
ЕМСЦ известува дека епицентарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од приближно 10 километри под земјината површина.
Засега нема извештаи за материјална штета ниту за повредени лица.

