Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Катица Јанева потврди дека е продолжена рака на Заев
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, по прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство во која беше обзнаена новата истрага за нелегално прислушуваните телефонски разговори „Таргет“, смета дека обвинителката Катица Јанева само потврдила дека е продолжена рака на „аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговата намера да ја редефинира и федерализира Република Македонија како бинационална држава и да ја обвини Македонија дека е виновна и за спорот што го има Грција со нашето име и за сите останати отворени прашања со соседите“.
Дека е тоа така, велат од ВМРо-ДПМНЕ, очигледно е и од последното интервју на аболицираниот Зоран Заев за Фокус каде тој ја најави денешната прес конференција до последен детал.
„Целта на денешната прес-конференција на Катица Јанева беше само една, да ги покрие скандалозните изјави и ветувања на Зоран Заев дадени пред албанската дијаспора во Швајцарија. Катица Јанева без ниту еден доказ, ја погази правната фела и влезе во политичка кампања. Специјалното јавно обвинителство одлучи да се вклучи во изборна кампања уште пред да стартуваат изборните каравани и да се официјализира почетокот.
Катица Јанева денеска не објасни како Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков и сите останати функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа лицата кои беа најприслушувани. Таа срамно се обиде да го покрие аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговиот пријател Зоран Верушевски. Катица Јанева денеска не ја објасни нивната скајп комуникација за заштита и поддршка од чадорот, ниту скајп комуникацијата дека ќе се лее крв до колена. Впрочем и изјавите на Заев и неговите ветувања дадени на албанската дијаспора се најдобриот доказ за „Пучот“ кој бил подготвуван на Македонија“, додаваат од владејачката партија.
Сметаат дека, многу по чесно ќе беше кон граѓаните доколку Катица Јанева се кандидираше за носител на листа на СДСМ, наместо на овој начин да ја злоупотребува службената положба и овластувања./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Македонија
Се зголемуваат цените на бензините и дизелот
Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се зголемат за 1,5 и за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 21.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,987 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,854 денари за килограм и сега ќе изнесува 32,987 денари за килограм.

