Економија
Над 350 посетители на конференцијата Microsoft Визија: Reloaded
Последните денови од работната седмица што измина во Скопје се одржа најголемиот и најзначајниот ИТ настан годинава во земјава, конференцијата Microsoft Визија: Reloaded, која предизвика голем интерес кај јавноста, беше сумирано во саботата.
Имено хотелот „Мериот“ во самиот центар на Скопје беше воедно и центарот на случувањата за ИТ и за бизнис-секторот каде за време на двата дена, 16-ти и 17-ти ноември, од новата, освежена и надополнета Microsoft Визија конференција повеќе од 350 посетители имаа можност да чујат педесетина предавања од професионалци во ИТ индустријата од нашата земја, но и од целиот свет, како и да учествуваат во разни дискусии и панели.
Една од главните теми на конференцијата беше Дигиталната трансформација на бизнисите, а главен говорник беше Michael Kögeler, генерален директор за CEE Multi-country Europe во Microsoft, кој опфаќа 15 земји во Централна и во Источна Европа и кој со својот уникатен стил на презентирање ги воодушеви присутните. Според Kögeler, тектонските промени во информатичките технологии ја форсираат дигиталната трансформација која креаира раст, конкурентност, зголемена продуктивност и брз проток на информации преку трансформација на бизнис процесот, трансформација на продуктите и начинот на интеракција со клиентите и вработените.
„На Македонија ѝ недостасуваше Визија, а овие два дена само го потврдија тоа. ‘Мериот’ беше претесен за да ги собере на едно место сите заинтересирани ИТ и бизнис професионалци кои што имаа можност да ја откријат целата приказна за дигиталната трансформација и да ги дознаат потенцијалите и можностите за зголемување на продуктивноста користејќи ја технологијата во рацете на бизнисот. Овие два возбудливи дена само ни даваат поттик за да работиме уште од сега за следната Microsoft Визија: Reloaded 2017“, рече Љупчо Георгиев, директор на Microsoft Македонија и Косово.
Во рамки на Microsoft Визија: Reloaded се одржа и Device Days, традиционален настан кој Microsoft секоја година го прави за своите партнери. За време на Device Days беа претставени новите функционалности на Windows 10 Pro како и новите уреди со Windows 10 достапни во Македонија. Исто така беше претставен и новиот Windows Server 2016 како и разни бизнис сценарија за компаниите од сите сектори.
На самата конференција, меѓу сите активности, Microsoft Македонија во соработка со Цертиадриа обезбеди и бесплатни ваучери за 30 кандидати вработени во јавната администрација кои на самото место го полагаa испитот Microsoft Office Specialist.
На Microsoft Визија: Reloaded беа доделени и многу награди за учесниците, меѓу кои и фантастичниот велосипед – BMW Cruise Bike 2016, обезбеден од страна на еден од спонзорите – М Кар.
Стратешки партнер на конференцијата беше компанијата Nextsense, а ексклузивен партнер компанијата IT Labs, додека златни партнери беа компаниите Cacttus, VEEAM, TDK и RRC./крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

