Свет
Сириската војска навлезе во источните квартови на Алепо

Војниците на силите на сириската влада напредуваат во операцијата за заземање на источните квартови на северниот град Алепо, пишува електронското издание на весникот Al-Watan, наведувајќи воени извори.
Според весникот, сириската војска во вторникот направила пробив од обиколницата Џундал кон плоштадот Баидин, при што имала поддршка од палестинската бригада Лива ал-Кудс, којашто извршила напад од правецот на поранешниот палестински бегалски логор Инзарет.
Истовремено сириската артилерија ги гранатирала позициите на милитантите во квартот Маскин-Ханано. Според Al-Watan, овој квартал има стратешко значење односно го опфаќа преминот длабоко во источниот дел на градот од северната страна. Борците на радикалната исламистичка групација Џебхат Фатах ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра односно сирискиот крило на Ал Каеда, се обидуваат да ја задржат контролата над оваа населба, и ги зацврстуваат позициите во квартот, пишува весникот.
Сириските сили претходно успеале да заземат пет позиции кои овозможуваат напредување во Маскин-Ханано и да продолжат со напредувањето.
Командата на сириската армија претходно во вторникот ги повика вооружените групации во источните населби на Алепо да престанат да ги користат цивилите како жив штит и да им овозможат на цивилите да ги напуштат источните делови од градот пред нејзиниот решавачки напад.
Во соопштението коешто го пренесе сириската службена агенција SANA, сириската војска ги повикува вооружените групи „да ги деминираат премините кон хуманитарните коридори, отворени за доставување храна и продукти за населението на коешто му се неопходни“. Во објавата се укажува дека во прв ред евакуирани треба да бидат ранетите и болните.
„Сириската армија располага со прецизни информации за местата на кои се концентрирани милитантите, магацините и командните штабови. Војската ги следи сите нивни активности“, се наведува во соопштението во кое цивилното население се повикува „да соработува со армијата и да ги напушта своите домови само во крајна нужда“. Војската апелира до цивилите „да се држат настрана од објектите кои ги држат бандитските групи“.
Истовремено на бунтовничките борци повторно им е понудена амнестија, доколку „го положат оружјето и се вратат на нормалното живеење, сфаќајќи дека крвопролевањето е бескорисно“.
Жестоките судири продолжуваат околу јужното предградие Шеик-Саид, каде што се водат борби меѓу владините сили и групацијата Ахрар ал-Шам. Според информативниот портал Surya al-Ain, еден од командантите на групацијата Абу Харис бил убиен во напад на сириската војска. Се известува и дека биле уништени неколку единици оклопни возила и теренски возила опремени со тешки митралези.
На западот од Алепо цел на нападите на владините сили било предградието ал-Манур и приградските населби Рашидин-4 и Рашидин-5./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Завршени обдукциите на четворицата државјани на Малта кои загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска

Давењето е најверојатната причина за смртта на двата брачни пара од Малта кои загинаа минатиот четврток во тешка сообраќајна несреќа во Буница кај Сењ, Хрватска, кога нивниот автомобил излеѕа од Јадранската магистрала во морето.
Ова го открија прелиминарните резултати од обдукцијата спроведена во Риечкиот институт за судска медицина и криминалистика, пишува риечкиот портал Бурин.
Иако лабораториските тестови сè уште се во тек, давењето се смета за најверојатна причина за смртта. Починатиот Џереми Гамбин (68), неговата сопруга Лорејн (67), Кевин Боничи (67) и неговата сопруга Александра (66) претрпеле само полесни повреди кои не можат да се поврзат со смртта.
Се верува дека сите носеле безбедносни појаси кога нивниот „ленд ровер дискавери“ излетал клисурата, а потоа и во морето.
Веднаш по несреќата, се сомневаше дека на возачот му се слошило, поради што ја изгубил контролата врз возилото на малата кривина. Сепак, обдукцијата не ја потврдила оваа шпекулација, објавија хрватските медиуми.
Утврдено е дека сите жртви имале здрави срца, без претходни срцеви удари или други здравствени проблеми што би можеле да ја предизвикаат несреќата.
Останува нејасно зошто возачот, за кој се верува дека е Кевин Боничи, ја изгубил контролата врз возилото. Тој бил пронајден во скутот на патникот Џереми Гамбино, додека нивните сопруги биле на задното седиште.
Трагедијата покрена голем број прашања, првенствено зошто патниците не можеле да излезат од автомобилот, кој потонал на длабочина од 11 до 12 метри.
Никој од нив не претрпел повреди што би предизвикале губење на свеста, но вратите од смачканото возило не можеле да се отворат.
Автомобилот, кој мажот од Малта го изнајмил на аеродромот во Загреб, бил извлечен од морето минатиот петок. Нуркачи и камион за влечење учествувале во операцијата.
Полицискиот службеник Јасмин Мујаковиќ, кој прв пристигнал на местото на настанот, скокнал во морето и нуркал неколку пати, но безуспешно се обидел да ја отвори вратата. Телото на една жена исплутало од возилото, додека другите три жртви биле пронајдени во автомобилот.
фото: принтскрин
Свет
Преговарачот на Хамас потврди: Со Израел разменети списоци на затвореници и заложници

Висок функционер на Хамас, Тахер Ал-Нуну, денес изјави дека преговарачите од неговата организација и Израел размениле списоци на затвореници и заложници кои би биле ослободени доколку се постигне договор за време на тековните преговори за прекин на огнот во Газа што се одржуваат во Египет.
Ал-Нуну, исто така, рече дека Хамас изразил оптимизам за постигнување договор, наведувајќи дека групата покажала потребна позитивност, објавува Ројтерс.
Порано денес, египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абдел Аати, зборуваше и потврди дека разговорите меѓу делегациите на Хамас и Израел се одржуваат во Шарм ел Шеик. Тој рече дека арапските земји ќе ги поддржат мировните договори со Израел доколку конфликтот заврши, објави агенцијата Ал Арабија претходно денес.
Шефот на египетската дипломатија потсети дека американскиот план предвидува крај на војната, отфрлање на анексијата и раселувањето, заедно со потребата од заеднички меѓународни напори за безбедно враќање на израелските сили од Појасот Газа.
Фото: принтскрин
Свет
Грета Тунберг: Израелците ставија 60 луѓе во кафези и рекоа дека ќе нè убијат со гас

Шведската активистка Грета Тунберг изјави дека нејзе и на другите притворени активисти од флотилата за Газа им бил одбиен пристап до чиста вода додека биле во израелски притвор и дека како резултат на тоа се разболеле.
Тунберг беше меѓу деветте шведски активистки приведени минатата недела откако Глобалната флотила Сумуд, која се обидуваше да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, беше пресретната од израелската војска.
Приведените активисти се вратија во Шведска. Зборувајќи на прес-конференцијата одржана на плоштадот Сергелс Торг во Стокхолм со други активисти, Тунберг нагласи: „Им кажавме на луѓето што дојдоа од шведскиот конзулат дека немавме пристап до чиста вода за пиење за време на нашиот притвор, бидејќи водата беше контаминирана и се разболевме“.
Наведувајќи дека побарале помош од конзуларните службеници бидејќи водата од чешма била валкана, таа додаде: „Тие (Израелците) фрлаа шишиња полни со вода за пиење пред нас и ни се смееја што баравме чиста вода. Им рековме: ‘Нема да си одиме додека не добиеме пристап до чиста вода за пиење.’“
Тунберг истакна дека ги пријавиле своите поплаки кај шведските конзуларни службеници. „Кога конзуларните службеници си заминуваа по средбата со нас, им реков: ‘Кога ќе си одите, ќе нè претепаат, бидејќи никој нема да гледа.’ Шведските службеници сепак си заминаа“, рече таа.
Таа тврди дека биле подложени на физичка тортура. „Луѓето се онесвестија, а кога побаравме лекар и лекови, тие ставија 60 луѓе во мали кафези и ни рекоа дека ќе нè убија со гас“, рече таа.
Таа ја критикуваше шведската влада, како и другите влади, за нивната неактивност. „Да бидам искрена, навистина не знам што да кажам, бидејќи без разлика што ќе кажеме, се чини дека ништо нема да ги натера нашите влади да преземат мерки против Израел“, се пожали таа.
фото: принтскрин