Економија
Екс директорите на Ericsson сведочат за раширената практика за подмитување

Поранешните директори на шведскиот произведувач на телекомуникациска опрема „Ericsson“ тврдат дека оваа компанија плаќала десетици милиони долари мито во периодот од 1998 до 2001 година, пишуваат во средата шведските медиуми.
Поранешниот директор Лис-Олоф Нензел им доставил на американските финансиски регулатори документи коишто укажуваат на наводно подмитување, известуваат во средата дневниот весник Dagens Nyheter и јавното радио SR.
„Од седиштето на компанија во Стокхолм упатувани се преку Цирих огромни суми на тајни примачи ширум светот“, пишува Dagens Nyheter, сугерирајќи дека Нензел имал централна ролја во таквите активности.
Најголемите суми, според весникот, кои вклучуваат 1,4 милијарди шведски круни, или 140 милиони евра, се уплатени на банкарски сметки во Малезија, како и 736 милиони круни уплатени на сметки во Полска, преку британската даночна оаза Џерси.
Јавното радиот SR, пак, наведува дека пари се уплатувани на сметки на политичари и високи државни функционери во Костарика, вклучително и на поранешниот претседател Мигуел Анхел Родригез, „во времето кога Ericsson конкурирал за голем државен договор во областа од телекомуникациите“.
Се додава и дека радиото располага и со сведоштвата на „неколку поранешни водечки директори“ коишто под услов да останат анонимни „раскажаа дека се одговорни за активната корупција во здобивањето на договорите во голем број земји“.
Тврдењата за востановената практика за подмитување во Ericsson во шведските медиуми се појавуваат уште од 2010 година, но од компанијата упорно негираат какви и да се неправилности.
Во средата од Ericsson, според пишувањето на Dagens Nyheter, тврделе дека никогаш не пронашле „никакви докази за наводни исплати на мито“.
Во јуни годинава од споменатата шведска компанија известија дека против нив е покрената истрага, меѓу другото и во САД, а шведските медиуми пишуваа дека станува збор за случаи на наводна корупција во Кина и во Грција.
Од Ericsson во октомври предупредија дека нема да можат да ги исполнат очекувањата на финансиските аналитичари во поглед на деловните резултати, за потоа во деловниот извештај да објават дека третиот квартал го заклучиле со загуба од 233 милиони круни, поради слабите вложувања на операторите во мобилните мрежи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).